Од партијата на Каракачанов лути, велат две партии застануваат против бугарските интереси. За негова среќа десницата е прилично посилна од левицата и во Брисел. Таа покажа дека место политичките принципи треба да ги брани голите имиња на партиите
Откако Европскиот Парламент ги опомена бугарските министри да не претеруваат со провокативни изјави кон Македонија, тие се лути на ова укажување. Две партии застануваат против бугарските интереси на темата Македонија, реагираат од партијата на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов.
Партијата ВМРО-БНД, чиј претседател е Каракачанов остро се противи на парламентарните групи на Социјалистите и на Зелените кои предложиле корекции на Извештајот на ЕП за Северна Македонија. Велат дека „луѓето на Станишев направиле национално предавнички амандман на декларацијата што ЕП треба да ја гласа во четврток, во врска со приемот на нашиот сосед во членството во ЕУ“.
„Со аманданот како што пишува во него „се осудуваат неодамнешните провокативни изјави на членови на бугарската влада во однос на историските прашање кои ја засегаат Северна Македонија и се противречни со духот на Договорот за добрососедски односи со Бугарија. Се повикуваат бугарските власти да се воздржат од слични изјави, со оглед на предизборната кампања во Бугарија која е во тек. Го поздравуваме зрелиот и балансиран одговор на тие провокации од владините преставници во Северна Македонија“,стои во предложениот амандман, објавен на сајтот на ВМРО-БНД.
За партијата, со овој амандман директно се алудира на изјавите на нивниот претседател Каракачанов.
Провокативни изјави за историските прашања со земјава давале претставниците на бугарската Влада.
Тоа стои во Годишниот извештај на Европскиот парламент за Северна Македонија.
Бугарската информативма агенција, БГНЕС, пишува.
„Вчера, во последен момент, групите на Зелените и социјалистите во ЕП доставија предлози за измени и дополнувања на извештајот со крајно неизбалансирана, еднострана и нефер содржина кон Бугарија. Во нив, претставниците на бугарската влада беа обвинети за „провокативни изјави за историски прашања“ што ја засегаа РС Македонија и ги повикаа бугарските власти да се воздржат од такви изјави „и покрај тековната изборна кампања во Бугарија“, се вели во текстот на БГНЕС.
Според оваа бугарска новинска Агенција, „текстот, нарачан од скопските власти, оди дотаму што го поздравува „зрелиот и избалансиран одговор на овие провокации од страна на македонските власти на РС“.
БГНЕС ќе побара коментари и од известувачот, Илхан Ќучук, претставник на МРФ во Либералната група и од претставници на други политички партии од Бугарија во ЕП, се вели во текстот на овој бугарски медиум.
Инаку, оваа информација се однесува на најавените амандмани на редовниот извештај кои ќе се најдат на дневен ред во Европскиот парламент на 24 и 25 март.
Извештаите на ЕП за напредокот на земјите кандидатки се јасен израз на расположението на политичките сили во Европарламентот, иако се само од консултативен карактер, вели БГНЕС
Со месеци наназад бугарските политичари ја спорат посебноста на македонскиот народ, јазик, и историја. Тие во неколку наврати потсетија дека патот до ЕУ води преку Софија.
Вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева го покани привремениот амбасадор на Република Северна Македонија во Софија, Владимир Крастевски на разговор во Министерството за надворешни работи. На состанокот присуствуваше и в.д. директорката на Дирекцијата за Југоисточна Европа, Ива Крулева, пишува денеска Bg news.
Според наводите на порталот, бугарските дипломати изразиле длабока збунетост и разочарување од големата негативна кампања во Република Северна Македонија против претставникот на Евровизија 2021 година, Васил Гарванлиев.
-Бугарија ќе продолжи да ги вложува сите неопходни напори во согласност со принципите на меѓународното право за да ги заштити правата на бугарските граѓани и граѓаните кои прогласуваат бугарски идентитет, каде било во светот, соопшти Министерството за надворешни работи на Бугарија.
Но, гласањетѕо ги покажа како стојат работите во Брисел по ова прашање. Резолуцијата за Македонија доби зелено светло. Со 558 гласови „за”, 70 „против” и 59 воздржани, Европскиот Парламент ја усвои резолуцијата на известувачот за Северна Македонија, Илхан Ќучук. Извештајот ги поздравува напорите на Северна Македонија во реформите за членство во ЕУ и ги охрабрува Скопје и Софија да изнајдат взаемно прифатливо решение во спорот поради кој Северна Македонија не може да ги започне преговорите со ЕУ и покрај исполнетите реформи.
Она за што нашата и бугарската јавност го исчекуваше со поголема концентрација – т.н. „Каракачанов амандман“ не доби виза.
Се работи, да се потсетиме, за амандманот поднесен од страна на Социјалдемократите и Зелените преку кој се осудуваше провокативната реторика на Бугарија кон Северна Македонија. Тој не помина поради блокада на европратениците од Европската народна партија и Европските конзервативци.
Во дебатата за извештаите за земјите од Западен Балкан, европратеничката Тања Фајон оцени дека бугарското вето за преговорите со Северна Македонија е неодговорно. Таа порача дека едностраното делување нема ништо заедничко со критериумите за членство во ЕУ. „Бугарија треба да го повлече своето вето, затоа што кризата што ќе ја предизвика бугарското вето ќе го загрози процесот на проширувањето за другите земји од регионот”, рече таа.
Европратеничката Тинеке Стрик од групата на Зелените, нагласи дека Северна Македонија направи длабоки и често болни реформи и потсети дека останува да се направат напори во многу области како правата на жените, на малцинствата, корупцијата и владеењето на правото, но дека земјата покажала волја за соработка со соседите.
„Испраќањето на специјален претставник во Бугарија е знак на добра волја, но за решение е потребна соработка од двете страни, ова не смее да биде пречка за да се исполни ветувањето за почеток на процесот, граѓаните на Северна Македонија чекаа доволно долго, да го докажеме нашиот кредибилитет”, изјави Стрике.
Андреа Шидер од групата на Социјалдемократите, исто така оцени дека Скопје заслужува поддршка од целата ЕУ. „Ми се чини дека блокадата од страна на бугарската влада е погрешен чекор, рече Шидер и побара иднината да не се држи во заложништво во дебатите за минатото.
Илхан Ќучук, известувачот за напредокот на С. Македонија, го поздрави фактот што Северна Македонија продолжи со реформите и покрај пандемијата од Ковид-19.
„Се надевам дека Северна Македонија и Бугарија ќе продолжат со дијалогот за нерешените билатерални прашања за да постигнат одржлив резултат. Постигнување компромис за акциски план со конкретни мерки, чија имплементација би се проценувала редовно согласно Договорот за пријателство, би го рестартирало процесот и би му овозможило на Советот да ја свика првата меѓувладина конференција што е можно поскоро”, изјави Ќучук.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји пред почетокот на седницата изјави дека се надева оти Северна Македонија ќе може формално да ги започне преговорите во првата половина од оваа година, за време на португалското претседавање со ЕУ.
Македонскиот вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров го поздрави усвојувањето на Извештајот за Република Северна Македонија, но изрази жалење што не помина амандманот на Зелените и Социјалистите во врска со непримерно и провокативно однесување на бугарските власти кон земјата.
Во однос на спорот со Бугарија, Димитров истакна дека на неколку дена од изборите во соседната земја, С. Македонија е посветена кон продолжување со билатералните напори, вклучувајќи ги и напорите на португалкското претседателство, за изнаоѓање начин да се надмине прашањето и да се постигне консензус во однос на усвојувањето на преговарачката рамка за конечно да се одржи првата меѓувладина конференција и почеток на преговорите.