ЃОРЃИ МИСАЈЛОВСКИ
Институцијата Протокол кај нас сеуште се третира како лакејство, а не како дипломатска активност, од посебно значење. Кај нас шефот на Протоколот има третман на шеф на сала во угледен ресторан. Поради тоа имаме и толку дипломатски гафовиви и тоа видливи. За оние невидливите знаат малкумина
За Министерството за надворешни работи латинскиот збор од насловот на колумнава е непознат, како впрочем и многу останати дипломатски термини. Се променија многу тн. државни секретари, Генерални секретари, заменици, подсекретари, помошници во транзиционото МНР, ама на никого не му текна да по повод смрта на некој наш дипломат или странски, кој оставил траен белег во развојот на односите со нашата држава, да на сајтот или во медиумите објави сеќавање, односно Ин Мемориам. А во меѓувреме починаа многу личности на кои СРМ треба да им биде благодарна. Но, тоа не наш манир. Ние сме повеќе ориентирани на омаложување и глорификација на лажни вредности. Тоа ни е во ДНК. Од тоа не се бега, како од љубов (З.Хаџиманов).
Пред два дена од опаката болест подлегна и наш колега, дипломат и познат фотограф, Драган Тодоровски (автор на фотографијата над оваа колумна), а МНР веќе традиционалнo, ниту на својата страна, не објави Ин Мемориам. Пред неколку дена не напушти и амбасадорот на култура на СРМ во Србија, познатиот, актер, шансониер, поет и надсе Македонец, а нашето МНР, и не само таа институција, не објави Ин Мемориам. Се разбира дека институциите во Србија дадоа соодветен третман на заминувањето на Зафир Хаџиманов.
Ист беше случај и со смрта на повеѓе наши амбасадори. Последен случај со заминивањето на амбасадорот Т. Петровски. Ние не само да на водиме сметка на оддавање на почит кон нашите дипломати туку ист третман имаат и починатите странски дипломати. Да ве потсетам дека МНР официјално не изрази сочувства, по смрта на германскиот амбасадор Ханс Лотар Штепан ниту пак по повод 10 годишнината од неговата смрт пред неколку дена, гест што го исправи македонската заедница во Германија.
Да ве потсетам дека МНР не посвети соодветна почит и по повод смрта (2011) на американскиот дипломат, амбасадорот Лоренс Инглебергер, кого угледниот политички магазин „Time” во 1997 го нарече „Лоренс од Македонија”. По повод на заминувањето на овие двајци врвни дипломати, како и смрта на кацеларот Шмит, во нашите медиуми објавив три колумни посветени на нив. Нашето познато МНР не се огласи ниту по повод смрта на поранешниот сојузен министер и сојузен канцелар на Германија, Х. Шмит (починал 2015) со кого во 2002 организирав прием на нашиот тогашен спикер на Парламентот во Хамбург, кој за жал ние го откажавме. На германскиот канцелар Шмит имав задоволство да му преведувам во Москва за време на неговата посета во 1982.
Кои се корените на ваквото наше однесување? Секако немање на дипломатска традиција и култура. Институцијата Протокол кај нас сеуште се третира како лакејство, а не како дипломатска активност, од посебно значење. Кај нас шефот на Протоколот има третман на шеф на сала во
угледен ресторан. Поради тоа имаме и толку дипломатски гафовиви и тоа видливи. За оние невидливите знаат малкумина. Шеф на Протоколот по вокација е искусен дипломат, секогаш бивш амбасадор, со знаење на повеќе странски јазици, достоиствен, елоквентен, шармантен, со сигурно движење и аристократски манири и надсве со акумулирано дипломатско искуство. Таков ние до сега немавме.
Улогата на државниот секратер во МНР е пред се намената за менаџирање на работата во МНР а тука спаѓа и Протоколот. Иста таква улога има и Генералниот секретар во МНР. Тие две наведени функции, со дополнување и на ткн. заменик МНР, се места кои се пополнуваат или подкусуруваат во партиските кванташки кадровски пазарења. Потоа од тие функции се регрутираат нашите амбасадори.
Нашите во дипломатијата забораваат дека странските дипломати до детали ја скенираат ситуацијата во државата на приемот. Нема импровизација и додворување. Ги забележуваат сите наши дипломатски и протоколарни гафови. Ако не реагираат од пристојност, забележуваат и книжат се. Ја дополнуваат комплетната слика за дипломатскиот рејтинг на државата во која не се пратени на одмор, како нашиве.
Кабинетот на МНР е посебна приказна. Тој е чувар на министерската фотелја, покретен прислушувач и проверувач на рејтингот на министерот во куќата, тур оператор кој добро функционира со амбасадорите за пружање на ткн. сервисни услуги на министерот, кој нели по вокација мора да е повеќе надвор отколку дома.
Кабинетот не се бави со дипломатски активности. Тој не е филтер на приемни информацији, ниту пак иницијатор на соодветни инструкции за ДКП. Да не зборувам за редовни контакти со дипломатскиот кор. Ниту еден странец не бара соговорник од Кабинетот на МНР. Знае дека не може да добие соодветна информација. Шефот на Кабинентот како неизоставен декор во придружбата на Министерот, нема дипломатска функција. Тој е повеќе амал, отколку креатор. Кабинетот е добро чувана одаја и се менува по секоја промена на Министерот, обично со несоодветни кадрови.
Сите горе наведени функции треба да водат сметка за достоинството на своите кадри а да и даваат сигнали на Министерот, зада се избегнат протоколарните недоразбирања. Тука припаѓа и нашето неснаоѓање и кога е во прашање доделување на највисоките одличја за заслужните политичари и дипломати. И тоа е дел од дипломатијата, која никако конечно да застане на нозе. Последен пример е прогласувањето на изборите во Бугарија како круцијално за продолжување на дијалогот. Тоа е само замајување на јавноста. Аферата со коруптивни набавки на медицинска опрема во време на падмемијата со ковид во Германија, наречена “Pandemieaffaere”, прети сериозно да ја загрози доминацијата на водечката ЦДУ, пред парламентарните избори во октомври. Кај нас аферите било да се пандемиски или криминални поминуваат лефтерно.
Ние наместо да се интересираме за исходот на парламентарнити избори во Германија, „шибицерски“ калкулираме со маргиналецот Каракачанов. Впрочем што станува со нашиот олеснител во недоразбирањата со Бугарија во која пролетта ќе се претвори во политички жешко лето и суморна есен во која е неизвесна политичката иднинана, не само на Каракачанов. Нашата иднина пак е јасна.