Плавевски учествуваше со своите романи и на конкурсите за наградата „Роман на годината“ организирани од Фондацијата „Славко Јаневски“ почнувајќи од 2017 година. Станува збор за романите „Вампирџија“, „Туѓо тело“, „Боксерот од Ново маало“ и „Земјотрес, 05:17“
Во богатата авторска биографија на Владимир Плавевски покрај бројните книжевни дела, неговите фотографии и фото- изложби, сценаријата за телевизиски серии, за филмови, за радиодрами, како и повеќето награди, останува забележана и наградата „Роман на годината“ која ја доби за романот „Јадица“ во 2013 година од страна на тогашниот „Утрински весник“.
Во интервјуто во весникот објавено по тој повод, со наслов „ Најден е метафора на Македонецот во 1948 година“ (16 март 2014 година), Плавевски, кој беше роден на 11 декември 1948 година во Скопје, меѓудругото посочи дека најголемиот дел од дејството во „Јадица“ е поврзан токму со таа година. Ја нарече „судбоносната година кога Југославија влегува во драматичен интеркомунистички политички раскол со тогашниот СССР“.
– Јас сум роден во таа година и лично и семејно сум ги почувствувал последиците од тогашната застрашувачка политичка реалност. Тешките и траорни, до неподносливост, политички стеги го урнисувале интегритетот на луѓето, доведувајќи ги до состојби на личен, семеен и социјален распад кој јас во мојот роман го опишувам преку главниот лик Најден, како метафора на Македонецот од времето на Информбирото. Ликот на Најден не е работен според вистинска личност. Тој, всушност, претставува компилација на повеќе личности од тој период за кои сум слушнал и кои симултано ми создадоа систем на градење нова личност, од неговото раѓање на буништето, па се’ до неговиот крај во спалената куќа. Неговиот животен од започнува од Домот за најденчиња кој во тоа време се наоѓаше крај Вардар, во близина на училиштето „Браќа Миладиновци“ каде што учев и имав контакти со домците, така што сите податоци околу оваа тема ги познавам доста прецизно. Подоцна Најден го посвојуваат и најголемиот дел од дејството се одигрува во кампот во Асамати, на Преспанското Езеро, кој во тој период бил граден од затвореници. Користев и податоци од интернет, а информациите за тополокациите, за флората и фауната на Преспанското Езеро ги проверував и преку личните контакти со преспанските „фејсбуковци“. Податоците за Граѓанската војна во Грција веќе ми беа доволно познати од контактот со дедото, таткото на сопругата, роден во Воденско, активен учесник на ДАГ. Во третиот дел на романот, Најден е веќе одраснат и работи како мијач на мртовци во капела, завршувајќи во лудница каде што со електрошокови му ја бришат иднината. Епилогот е составен од полициски досиеја на личности од неговото најблиско опкружување кои го следат, барајќи ја тајната за јадицата што Најден ја добил од својот татко, посвоител кој пребегува во Грција и кому со текот на времето му се губи трагата“, рече меѓудругото Плавевски, одговарајќи на прашањето како го составувал главниот лик и тој дел од нашата историја.
Владимир Плавевски се пензионираше како лекар, оториноларинголог. Запрашан и дали лекарскиот позив му помагаше во оформувањето на сликата за тоа што е човекот, присутен и во неговото фотографско творештво, тој во споменатото интервју одговори:
– Секако. Секој пациент остава свој печат врз личноста на лекарот како што лекарите оставаат свој печат врз психофизичкото здравје на своите пациенти. Пациентите секогаш имаа потреба, покрај физичките тешкотии што ги измачуваат, да ги искажат и своите животни маки и тешкотии. И доколку скрупулозен доктор најде можност и време да ги сослуша, тогаш се изнаслушува разноразни дејства и животни судбини кои со време се таложат во неговата свест и потсвест, за подоцна, зборувам за мене, да излезат во форма на животни приказни кои ги обработувам во раскази или како сегменти од романите.
Плавевски учествуваше со своите романи и на конкурсите за наградата „Роман на годината“ организирани од Фондацијата „Славко Јаневски“ почнувајќи од 2017 година. Станува збор за романите „Вампирџија“, „Туѓо тело“, „Боксерот од Ново маало“ и „Земјотрес, 05:17“.
По повод смртта на писателот, фотограф и лекар во пензија, Владимир Плавевски (1948 -2023), Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ изразува жалење и сочувство до неговото семејство. К. Б.