Солар е интернационално признат како филозоф на книжевноста. Интересот за надминување на антиномијата помеѓу историцистичко-позитивистичкото утврдување на фактите на книжевниот текст и естетско-моралната интерпретација на книжевното дело како посебен систем на вредности, во опусот на Солар се остварува како упорно залагање за интензивирање на спознајната размена меѓу науката за книжевноста и филозофијата. Притоа, книжевноста има функција на трајна провокација во рамките на херменевтичкиот контекст што го обезбедува филозофијата, која, за возврат, ѝ овозможува на книжевноста да мисли самата за себе

ТОМИСЛАВ БРЛЕК
Во контекст на севкупното препуштање на славењето на бујната униформна различност и ексклузивната инклузивност, кои ги застапуваат soi-disant превреднувачите на сè постоечко – според кои афоризмот е мислење, а идентификацијата политика, додека уметноста е афирмација, а критиката денунцијација – најсоодветно би било, токму затоа, да се потсетиме на Соларовото читање на Хегеловата иронична забелешка дека животот се претворил во весело шаренило од цветови, меѓу кои, сепак, нема црни.
(„Филозофските знаења на еден автор не се оценуваат според цитатите што ги наведува, ниту според библиотечните списоци кои секогаш се фантазмагорични и претпоставени, туку според апологетските или полемичните насоки на неговото сопствено дело.“)
– Gilles Deleuze
Меѓу припадниците на првата поратна генерација научни истражувачи на книжевноста кај нас, собрани околу списанието Umjetnost riječi како неформална Загрепска стилстичка школа, со кои ги делел одредени интелектуални преференции, како што се примарната насоченост кон интерпретација на книжевниот текст и потребата за постојано преиспитување на методолошките постулати на тој подухват, Миливој Солар се издвојува со изразена насоченост кон концептуално утврдување на проучувањето на книжевноста, што тој генерално го означува како проблем на филозофијата на книжевноста.
Од своите непосредни претходници и современици – како што се Зденко Шкреб, Иво Франгеш, Светозар Петровиќ, Виктор Жмегач, Александар Флакер и Гајо Пелеш – особено се разликува со доведување во прашање на саморазбирливоста на определбата на книжевноста како уметност, препознавајќи во тој постулат неисследена метафизичка основа, и со суштински поинакво, подетално разработено, сфаќање на меѓусебниот однос на различни типови знаења за книжевноста, при што, во тој контекст, ја разликува научната од ненучната перспектива. Првата би ја опфаќала теоријата на книжевноста, која почива на лингвистика и дедуктивно заклучување, и историјата на книжевноста, која се заснова на историкографија и проверка на хипотези врз емпириски материјал, додека втората се однесува на книжевната критика, која како „практична, креативна, субјективна дејност“ се занимава со единствени и неповторливи предмети, и филозофијата на книжевноста, која го согледува „она што од аспект на науката за книжевноста не може да се согледа“ и која може да се развива паралелно со научниот пристап или спротивно на него.
Важно е да се има предвид дека, според Солар, многу од она што обично се чита под етикетата на теорија всушност спаѓа во филозофијата на книжевноста (авторите за кои станува збор – од, на пример, Лукач, Дерида, Рансиер или Аренд до Лиотар, Делез, Кофман или Агамбен — претежно се филозофи по формација и институционална афилијација).
Иако, освен пропедевтичките синтетички прегледи Suvremena svjetska književnost и Povijest svjetske književnosti, неговиот опус не содржи книжевноисториски трудови, концепцијата на Солар за филозофија на книжевноста е примарно насочена токму кон промена на парадигмата на историјата на книжевноста преку оспорување на нејзините позитивистички постулати. Теоретски, застапувајќи ја потребата за разгледување на книжевноста во целокупниот историски развој, Солар го одбива линеарното нижење на епохи и стилови врз основа на нивната некритички хипостазирана различност, спротивставувајќи му го „над-книжевниот смисол на книжевноста во времето“, кој се пројавува во форма на „непрекинат континуитет на книжевноста во времето“, при што тоа никако не ја негира постојаната промена – напротив, ја нагласува.
Како и во целокупниот свој мисловен труд за проучување на книжевноста, и тука Солар, не само како клучна полазна точка, туку и како методолошка инспирација, се потпира на Хегеловата дијалектика: како што истакнува Владимир Бити, „Солар е филозоф на линеарно-вратното размислување“, кој „во целото свое дело се обидува да воспостави плодотворен дијалог со овој мислител“.
Наспрема на својата очигледна еклектичност – која, исто така, е изведена од Хегел, кој, како што нагласува Солар, нема никаква специфична сопствена метода, туку во размислувањето едноставно ја вклучува целокупноста на она што претходно е релевантно изнесено, „сите методи на филозофирање пред Хегел“ – во неговиот сопствен мисловен пат јасно се забележува матрица која, како тоа сугестивно ја изложува Бити, има за цел „да го помести центарот на дијалектиката од синтезата […] кон антитезата, трајно незадоволен, незадоволив отсек на трансмисијата кој, неспособен да го достигне, тера кон разрешување“.
Мисловниот процес, во кој секоја поединечна фаза тежнее да ги обедини до тогашните сознанија во истражувањето на дадената проблематика, додека истовремено преку неа се остварува премин кон она што следува, конкретно се реализира како теоретски текст во кој зборот секогаш е истовремено „свртен наназад за да го ослушне она што пробива напред и напред за да го сфати она што поттикнува назад“.
Како на планот на структурата на поединечните книги – пример за тоа е прстенестата композиција на Вовед во филозофија на книжевноста — па дури и во обликувањето на пасусите и речениците како постојано кружно движење околу покренатите противречности во процесот на непрекината релативизација, така и за целокупниот опус на Солар е особено карактеристична меѓусебната насоченост на деловите, што значи дека понатамошните трудови произлегуваат од претходните токму преку тоа што нивните, веќе привремени, заклучоци се доведуваат во прашање, создавајќи својствен траен дијалог околу прашањата на поетиката.
(продолжува во следниот број)
ПРЕВЕЛА: ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА