Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

KАКВА Е ОЦЕНКАТА НА „ФАЈНАНС ТИНК“ ЗА БРИТАНСКИТЕ ЗАЕМИ НА МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА

May 27, 2025 Filed Under: Македонија

Ако не ги замени постојни расходи, бизнисот со Британците ќе го продлабочи дефицитот и ќе го крене јавниот долг на 65.9% од БДП

ПАРТНЕРИ Британскиот министер за економија и извоз Гарет Томас и македонскиот министер за транспорт Александар Николовски

На 21 мај 2025 година, македонската влада објави склучување Договор за рамковен или отворен заем со Владата на Обединетото Кралство. Според досега достапните информации, договорот предвидува заем во висина до 5 милијарди фунти за период од десет години, исклучиво наменет за финансирање капитални инвестиции. Тоа значи дека, во просек, годишно би можеле да се користат околу 600 милиони евра – сума која е блиска до годишниот буџетски дефицит што земјата го бележи последниве години, се вели во анализата на Фајнас тинк.

Според достапните информации, заемот ќе вклучува грејс-период за време на изведбата на проектите, а отплатата ќе започне по нивното ставање во функција. Другите детали – како каматни стапки, услови за повлекување на средствата и точна динамика на имплементација – сè уште не се јавно достапни. Finance Think ќе даде дополнителни проценки кога ќе бидат објавени повеќе податоци.

ЕКОНОМСКАТА ЛОГИКА НА ЗАЕМОТ Овој договор претставува значаен чекор во продлабочување на економските врски меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство. Историски гледано, британските директни инвестиции имаат позитивен ефект врз македонската економија – не само преку отворање на работни места, туку и преку трансфер на технологии, менаџерски знаења и стандарди на работење. Договорот за слободна трговија, склучен по Брегзит, дополнително ја интензивира трговската размена, особено во извозот на македонски производи.

Користењето на заемот за капитални инвестиции – како што се железничка инфраструктура и здравствени објекти – е економски оправдано. Таквите инвестиции го стимулираат БДП преку краткорочно активирање на градежниот и сродните сектори, но уште поважно, создаваат долгорочни услови за зголемена продуктивност, подобра конкурентност и подобрени јавни услуги.

На пример, инвестициите во железничкиот Коридор X не се само инфраструктурни зафати, туку и дел од регионалната интеграција во европските транспортни мрежи. Слично, изградбата на нови здравствени капацитети, особено надвор од Скопје, е клучна за правичен пристап до здравствена заштита.

ДЕФИЦИТ наводно успешните зделки лесно можат да се рпетворат во неиздржлив дефицит во платниот биланс

ФИСКАЛНИОТ ПРЕДИЗВИК: ДАЛИ НОВИОТ Е ОДРЖЛИВ? И покрај потенцијалните придобивки, секое ново задолжување мора да се гледа низ призмата на фискалната одржливост. Самото склучување на заем не значи автоматско зголемување на јавниот долг, доколку тој се користи како замена за постојни буџетски дефицити. Но, ако средствата се дополнување на веќе проектираниот дефицит, тогаш неизбежно ќе доведат до поголемо задолжување.

Во моменталните плански документи (како Фискалната стратегија), само еден од потенцијалните проекти финансирани со британскиот заем – Клиничкиот центар во Штип – е вклучен во буџетските проекции. Главниот проект – изградба на железница долж Коридорот X – не е предвиден. Тоа значи дека ако овие проекти започнат без ревизија на буџетската рамка, тие ќе генерираат дополнителен дефицит. Finance Think пресметува дека ова може да го зголеми јавниот долг до 65.9% од БДП до 2029 година, наспроти тековната проекција од 62.2%.

Дополнителна загриженост постои и ако заемот се користи паралелно со други инструменти на задолжување, како еврообврзници, без соодветна замена или рационализација. Тоа би значело зголемена потреба од сервисирање на долгот, а со тоа и повисоки каматни трошоци.

КАМАТНИ УСЛУГИ И ПОТЕНЦИЈАЛНА ПРЕДНОСТ Ако заемот е склучен по поволни услови – со ниски каматни стапки и долги грејс периоди – тој би можел да биде поповолен од издавање еврообврзници. Во контекст на тековните заложби за фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит на 3% од БДП во следните 3 – 4 години, вакво финансирање може да придонесе за стабилизација. Вредно е да се истакне дека каматните трошоци веќе растат: од 1.2% од БДП во 2018, тие достигнаа 1.9% во 2024 година.

Но, оваа потенцијална предност станува ирелевантна ако заемот не замени, туку само додаде нова потреба од финансирање. Тоа би значело дека не само што долгот расте, туку и неговата цена.

АДМИНИСТРАТИВНИОТ КАПАЦИТЕТ – СЛАБА АЛКА ВО СИНЏИРОТ
Клучен фактор за успехот на ова стратешко партнерство е капацитетот на институциите за реализација на капиталните проекти. Историски гледано, македонските институции постојано имаат потфрлање во имплементација на капиталните расходи – секоја година реализацијата е значително под проектираниот буџет.

Во овој контекст, вклучувањето британска техничка поддршка, координациски тела и експертиза е од суштинско значење. Тоа може да помогне да се надминат административните „тесни грла“, да се подобри планската документација и да се забрза имплементацијата. Но, од друга страна, ако изведувачите не се домашни компании, краткорочниот ефект врз домашната економија – особено БДП и вработеноста – ќе биде послаб.

ЗАКЛУЧОК: ВНИМАТЕЛНА РАВНОТЕЖА МЕЃУ МОЖНОСТИ И РИЗИЦИ Британскиот заем претставува можност за трансформација на македонската економија преку големи инфраструктурни и социјални инвестиции. Но, неговата успешност зависи од неколку услови:

дали ќе биде искористен како замена за други извори на задолжување,

дали ќе биде дел од веќе планираниот фискален простор, дали ќе има ефективна и транспарентна имплементација и дали ќе се одржи заложбата за фискална консолидација.

Во спротивно, постои реален ризик тој да стане уште еден извор на фискален товар и структурен дефицит. Британскиот заем не смее да биде алиби за одложување на реформите и рационализацијата на јавните финансии. Напротив – тој треба да се искористи како поттик за одговорно управување, долгорочно планирање и сериозна трансформација на економијата.

(racin.mk)

 

Filed Under: Македонија

ПАДНАВМЕ ПРЕД ЦЕЛТА
ХЈУМАН РАЈТС ВОЧ: БАЛКАНОТ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ТРЕТИРА КАКО ПАРКИНГ ЗА МИГРАНТИТЕ
ОД ДЕЈТОН ДО НОН-ПЕЈПЕР: КАДЕ Е БИХ 30 ГОДИНИ ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА ВОЈНАТА
НАБИТА СУБИОТО: СО РАБОТА И ЉУБОВ 40 ГОДИНИ ЈА ОДРЖУВАМЕ МАКЕДОНИСТИКАТА  ВО СЛОВЕНИЈА
ПУТИНОВ ПОКЕР ИЛИ РУСКИ РУЛЕТ (130): МОСКОВСКИТЕ ШПИОНИ ОДАТ СЕ ПОДАЛЕКУ

Најново

  • ПАДНАВМЕ ПРЕД ЦЕЛТА
  • ХЈУМАН РАЈТС ВОЧ: БАЛКАНОТ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ТРЕТИРА КАКО ПАРКИНГ ЗА МИГРАНТИТЕ
  • ОД ДЕЈТОН ДО НОН-ПЕЈПЕР: КАДЕ Е БИХ 30 ГОДИНИ ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА ВОЈНАТА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet