БИЛЈАНА ТАНЕСКА
Прва и можеби најраспространета когнитивна предрасуда е склоноста кон потврда на сопственото гледиште (confirmation bias). Ова е, всушност, најблиску до она што го нарекуваме пристрасност и таа е многу повеќе засилена во денешниот дигитален свет. Оваа предрасуда ни помага да си го потврдиме нашето гледиште и мислење без разлика на неговата реална заснованост и оправданост, зашто несвесно секогаш ги гледаме аргументите што го потврдуваат
Нашиот ум функционира економично и често ги прима информациите на лесен и практичен, но не секогаш точен начин. Денешната состојба во медиумите и преголемиот раст на информации уште повеќе ја олеснува оваа состојба и со тоа сè повеќе се потпираме на нашите когнитивни предрасуди при восприемање на секојдневните вести и информации што има негативен повратен ефект врз општеството.
За да си помогнеме себеси и да не паѓаме во замките што самиот мозок ни ги поставува, корисно е да научиме кои се тие предрасуди и како функционираат.
КОЈ Е ВО ПРАВО, А КОЈ Е ИДИОТ Насловот на книгата на Џејмс Хоган, која се занимава со феноменот на негирање на глобалното затоплување, „Јас сум во право, а ти си идиот“, во една реченица ја објаснува предрасудата што ни овозможува секогаш да си го потврдуваме нашето гледиште и да негираме сè што не се согласува со него.
Токму ова е причината на денешната невидена поларизација и поделеност на општеството и енормната разлика во перцепцијата на реалноста од двете страни. Алгоритмите на социјалните медиуми го засилуваат овој ефект, зашто функционираат на тој начин што ни го покажуваат тоа што веќе ни се допаѓа. Со секое кликнување „like“ на одреден пост, вест или мислење, ние ја условуваме машината да го зацврсти тоа однесување и уште повеќе да ни нуди такви содржини. Така што, нашата внатрешна „предиспозиција“ да ги гледаме само вестите што го потврдуваат нашиот став, буквално повеќекратно се засилува со помош на социјалните медиуми. Кога на ова ќе се додаде и илузијата, исто засилена од овие медиуми, дека сите мислат како нас, зашто сме се опкружиле со такви луѓе, воопшто не е чудна ектремната поларизација во која се наоѓа општеството денес.
На пример, по убедување сме екологист и следиме вести што се занимаваат со животната средина. Поради самата природа на темата, сѐ повеќе и почесто сме изложени на вести поврзани со глобалното затоплување. Градејќи го тој став, сè повеќе бараме вести и потврди за неговата вистинитост и неизбежност и во никој случај не можеме да прифатиме никаков став, што дава барем малку поинакво гледиште. Истото важи и за страната што комплетно го негира постоењето на глобалното затоплување, што е уште поинетересна, зашто ставот не се менува и при неминовното соочување со научнито факти што го потврдуваат.
ИСТИ ФАКТИ – СПРОТИВСТАВЕНИ ЗАКЛУЧОЦИ Оваа предрасуда е толку силна што доколку двајца што имаат спротивни ставови за одредена тема, би читале ист неутрален текст, од него би извлекле сосема спротивни заклучоци, зашто би ги перципирале само деловите што го потврдуваат нивното мислење.
Кај нас соодветен пример би била темата за загадувањето на воздухот. Од година на година оваа тема станува сè поприсутна во медиумите и сè повеќе се засилува тој став. Скопје, како котлина, е склоно кон магливи денови за време на зимскиот период и ова не е нешто ново или невообичаено. Но, зачестениот дискурс околу загадувањето кај одредени луѓе предизвикува и во маглата да гледаат екстремен смог.
Последица на склоноста кон потврдување на нашето гледиште се таканаречените ехо-ќелии, кои си ги создаваме во кибер-просторот. Луѓето следат вести што ги потврдуваат нивните ставови, а со тоа следат и поткрепуваат други луѓе што се согласуваат со нив. На тој начин околу себе создаваат една невидлива, но ограничена сфера на убедувања, кои си се поткрепуваат меѓусебно, без притоа да имаат свесност за постоењето на алтернативен став. Ова понатаму овозможува неедуцирани мислења и научно непоткрепени верувања да се прошират до степен на култ.
НАШИТЕ ПРЕДРАСУДИ ПРОТИВ ЗДРАВИОТ РАЗУМ Борбата со оваа предрасуда или пристрасност е екстремно тешка. Нашиот вредносен систем, како и системот на верувања и убедувања што сме ги создале ги сметаме за дел од нашиот идентитет и е блиску до невозможно да се одделиме од нив и реално и објективно да ѝ пристапиме на реалноста. Токму поради тоа, потребна е работа во самообразување во областа на критичкото мислење и медиумската култура. Кога ќе можеме критички да пристапиме, пред сè, кон нашиот начин на восприемање и реагирање на секојдневните предизвици со кои се среќаваме, многу полесно ќе можеме да ги забележиме и реалните манипулации, кои се обидуваат на некој начин да ни протуркаат некој став. Ова не мора секогаш да е свесно, може и да е нечија туѓа когнитивна предрасуда, која реално и искрено прави сѐ за да ги зачува своите нереални ставови.
Едноставен совет за примена на ова сознание е секогаш да го преиспитуваме нашиот став за некоја вест со која се среќаваме. Доколку многу лесно ја прифаќаме или ни предизвикува емоции, треба да се запрашаме зошто е тоа така, дали имаме доволно факти за да ја прифатиме и дали нашата сигурност во нејзината точност произлегува од убедување или од фактичка состојба?
Исто корисно е да следиме вести што содржат спротивставени гледишта, да имаме пријатели од „спротивставениот табор“ и да влегуваме во издржани дискусии со нив. Гледањето на нивните „плитки“ убедувања, може да ни даде нова перспектива и увид во нашите. Исто така, оваа практика ќе нè извади од нашата ехо-ќелија и ќе видиме дека во светот постојат многу повеќе можности и одговори на прашањата што не си ги ни поставуваме.
(Авторката е стручен соработник во МАНУ, текстот е преземен од критинк.мк)