Заминале таму 30- 40 или 50 лица и ќе ги решавале правата! Оставете ги тие работи, тоа е опортунизам и политика што го прават тие (политичарите). Длабоко во себе мнозинството мислат вака… Тие (кумановската група) се криминална банда која заминала во (Северна) Македонија, се борела со македонските полициски сили, меѓу нив и Албанци, загинаа осуммина полицајци, како и некои други лица и овој случај е затворен со децидна судска одлука – вели новинарот Кајтази
Познатиот косовски новинар Вехби Кајтази вели дека таканаречената „Кумановска група“, односно косовските државјани кои ги предизвикаа крвавите инциденти во мај 2015 година во кумановско Диво Насеље, се злосторничка банда и немаат никаква врска со правата на Албанците во Северна Македонија.
Кајтази во дебата на телевизијата Дукаѓини изјави дека пред да се случи судирот на групата со македонската полиција, во Косово дошол лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети за да побара помош од неговите некогашни соборци од Ослободителната војска на Косово (ОВК) и тогашните косовски властти, за справување со групата која почнала да оперира во Северна Македонија.
Според главниот уредник на порталот „Инсајдери“, Ахмети во Приштина бил испратен од тогашниот македонски премиер Никола Груевски.
– Дојде Али Ахмети, се сретна со Рамуш Харадинај и го предупреди дека една вооружена група се движи натаму, но не добил одговор. Рамуш нé слуша, нека каже дека не е така. Се сретнал и со Хашим Тачи, кој не е тука, се сретнал и со Кадри Весели и со премиерот Иса Мустафа. Сите тие барале решение, затоа што вооружена група од Косово заминала таму и предизвикувала безредија, тврди Кајтази.
Според него, водачите на групата добиле пари, околу три милиони евра, од „македонска служба“, која не ја именува, додека некои членови на групата не знаеле во што се впуштиле.
– Тоа е злосторничка банда, која вооружена до заби заминала таму и влегла во Куманово… Да не се правиме сега опортунисти и да прашуваме дали се терористи или не. Тие заминале во друга држава вооружени од Косово и нивните водачи зеле пари, за што излегоа докази, околу три милиони евра од македонската служба. Тие водачи барале пари, а некои од групата навистина не знаеле каде одат, рече Кајтази.
Тој тврди дека акцијата на групата немала никаква врска со националните права на Албанците во Северна Македонија.
– Кои слободи и права на Албанците и кои се тие за да ги решаваат тие права! Заминале таму 30- 40 или 50 лица и ќе ги решавале правата! Оставете ги тие работи, тоа е опортунизам и политика што го прават тие (политичарите). Длабоко во себе мнозинството мислат вака… Тие (кумановската група) се криминална банда која заминала во (Северна) Македонија, се борела со македонските полициски сили, меѓу нив и Албанци, загинаа осуммина полицајци, како и некои други лица и овој случај е затворен со децидна судска одлука. Случајот е во македонскиот Врховен суд и како што ќе одлучи тој суд ние треба да му веруваме, изјави Кајтази.
Своите тврдења тој ги потврди со информацијата дека косовското Специјално обвинителство водела истрага во врска со плановите на групата да го нападне затворот со висока безбедност и да го ослободи лицето Бедри Красниќи, за кого вели дека е криминалец.
Кајтази рече дека е свесен оти по овие изјави врз него ќе почнат да плукаат, ќе го пцујат и ќе му упатуваат закани, но порача дека тоа не го загрижува, затоа што и порано бил цел на разни напади од лица на кои не им се допаѓа тоа што го кажува и објавува.
Весникот „Лајм“ истовремено објави дека на пленарната седница на Собранието на Косово вчера било расправано повторно околу прашањето некои од членовите на Кумановската група да се вратат во Косово и таму да ги доиздржат своите затворски казни.
Инаку, „случајот со групата од Куманово“ е судирот на 9 и 10 мај 2015 година во кумановското „Диво насеље“ меѓу специјалната единица „Тигар“ на македонската полиција и упаднатите припадници на вооружената група од Косово, кога загинаа осум полициски специјалци, а ранети беа 37. Беа убиени и 14 припадници на косовската група. Во судскиот процес 33 лица беа осудени за тероризам и терористичка организација: на казна доживотен затвор се осудени осуммина обвинети, а 13 обвинети добија казна од 40 години затвор. На казна затвор од 20 години се осудени петмина, на 18 години еден обвинет, а по двајца добија казна затвор од 14, 13 и 12 години.
Уште поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај во август 2018 година имаше побарано овие затвореници за тероризам да бидат екстрадирани во Косово и остатокот од казната да го одлежат во косовските затвори.Во врска со расправата околу затворениците за „Диво насеље“ информативниот портал „ин7“ објави: „Хисен Бериша, пратеникот на Демократската партија на Косово, врз основа на чие парламентарно прашање и беше покрената оваа дебата во Парламентот, побара од премиерот Курти да каже што сториле косовските институции, за да осудениците не се сметаат како терористи.“