Сакова беше прогласена за најдобра студентка на УКИМ во учебната 2023/24 година со просек од 10 на Машинскиот факултет. Очекувано и претстои убава кариера во странски институции

Харитина Сакова од Охрид, која беше примена на летна пракса во Европската организација за нуклеарно истражување (ЦЕРН) во Швајцарија, учествуваше во конструкцијата на првиот македонски болид на меѓународен натпревар во Хрватска, соработуваше со Техничкиот факултет во Брно, Чешка, дипломира на Машинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во рекордно време со просек 10. Таа беше прогласена за најдобар дипломец на Факултетот за академската 2023/2024 година од страна на УКИМ.
Тешкотијата како можност да стекне што поголемо знаење
-Навраќајќи се на поминатите студиски денови, имам веќе заборавено на непроспиените ноќи и тремата пред испитите. Се разбира, како секое инженерско поле, машинството е огромен предизвик за секој млад студент. Но, искрено, поради мојата непрекината љубопитност кон ова поле, самата тешкотија ја гледав само како можност да се стекнам со огромно знаење и навистина сум презадоволна од стекнатото искуство и умешност во овие четири години – вели Сакова.
Вели дека високиот успех го постигна со континуирано учење.
– Вистината е дека лично мене ми е потребна максимална заинтересираност и љубопитност за одредена тема за да успеам континуирано да учам и да се вложувам. Предметите на Машински факултет се базирани на решавање проблеми со целосно разбирање за тоа како функционираат нештата и тоа ми беше доста интересен предизвик во текот на моето студирање. Мило ми е што се пронајдов во оваа област и одвај чекам да продолжам да се развивам како инженер во секој нејзин сектор – додава Сакова.
Го создадоа во една од лабораториите на Машинскиот факултет во Скопје. Со овој проект во 2024 година успешно се претставија на реномиран меѓународен натпревар во Хрватска наменет за идни инженери на автомобилската индустрија.
– Најстресно ми беше додека чекавме резултати дали ќе бидеме примени на натпреварот „Формула студент“ во Хрватска со тркачкиот автомобил. Ни еден испит мислам дека не може да се спореди со работење на болид цела година, не знаејќи дали цел труд ќе ни пропадне во вода или не – вели таа.
Сакова дипломира, но проектот остана понатаму да го развиваат други студенти.
– Го основав проектот „Формула студент“ со неколку студенти, а сега го наследи една доста ентузијастична група на студенти. Се надевам дека за неколку години и Македонија ќе биде меѓу најдобрите тимови од Балканот на овие натпревари – додава Харитина.
Во текот на студирањето беше дел од доста интересни настани и проекти. Како еден од најуспешните го посочува престојот на летна пракса во Европската организација за нуклеарно истражување (ЦЕРН)
– Соработката со ЦЕРН резултира со изработен извештај за дел од детекторот ATLAS, каде што правев анализи за потрага по темна материја. Искуството беше незаменливо, како од научен така и од општествен аспект и остави траен белег врз мојот живот. Соработував со успешни научници од многу држави, кои ми останаа пријатели до денес, поради нивната огромна приземност, желба за дружба и нашата заедничка љубов кон науката – додава таа.
Како предности на Машинскиот факултет ги посочува предавањата, за кои смета дека биле на ниво на многу добри универзитети низ Европа, дури и во некои аспекти попрактични и позабавни, како и професорите кои вложувале многу труд во работата.

Она што недостига, според Сакова, се соодветни лаборатории за да се надополнат одлично подготвените теоретски предавања.
-Голем број асистенти и амбициозни професори, покрај малите средства кои им се пружени, континуирано вложуваат да изградат една истражувачка средина на Факултетот. Но, без доволна и соодветна финансиска поддршка од државата и приватниот сектор за образовните институции, сметам дека масовното иселување на добри студенти нема да запре и претставува огромен проблем за идните генерации – предупредува Сакова.
На постдипломски во Италија, но сака да го развие истражувачкиот сектор во Македонија
Моментално таа е на постдипломски студии на Политехничкиот универзитет во Милано, Италија, на насоката вселенско инженерство. Вели дека секогаш би ја избрала Македонија пред која било друга земја доколку ѝ се укаже добра можност. Но, проблем се претходно споменатите ограничувања, кои не нудат доволно можности во државата за луѓе кои се заинтересирани за истражување како неа.

-Сепак, најголема желба како инженер ми е да придонесам кон раст на истражувачкиот сектор во државата и развојниот сектор во компаниите. Во нашата држава има одличен капацитет на квалитетни луѓе, меѓутоа, работа на колективното општество е да се потрудиме да ги задржиме што повеќе и навистина се стремам кон таа цел. Иновирањето и проектирањето се на доста ниско ниво поради недостигот на соодветна опрема и интерес. Се надевам дека ќе успеам некако да го сменам тоа во текот на мојата кариера – вели најдобрата дипломка на Машинскиот факултет за 2023/2024 година.
(fakulteti.mk)




