Дури четири награди за „Лена и Владимир“ на фестивал во Оклахома, САД

Филмот „Лена и Владимир“ на режисерот Игор Алексов освои дури четири награди од жирито на Red Brick Road Film Festival во Оклахома, САД. Филмот е прогласен за најдобар, а е награден и за најдобра кинематографија (Душан Кардалевски), најдобар спореден актер (Петар Мирчевски) и најдобар актер (Тони Наумовски).
– Ова извонредно признание е доказ за непоколебливата посветеност и уметничката визија на нашиот тим, кој со сè срце и душа ја оживеа оваа приказна. Искрено му благодариме на Red Brick Road Film Festival за оваа голема чест што ја потврдува нашата креативна визија – велат од тимот на фестивалот
Ова е уште е еден голем успех за првиот долгометражен филм на Алексов, а веќе бележи повеќе од 15 награди на фестивали низ САД.
Сценариото за филмот е на Александар Русјаков, а играат: Тони Наумовски, Сара Климоска, Дениз Абдула, Петар Мирчевски, Благоја Чоревски, Петре Арсовски.
Судбината спојува двајца бегалци, Владимир, 40-годишен маж кој ја изгубил сета своја љубов, и Лена, 16-годишна девојка која никогаш немала љубов. Тие си помагаат еден на друг да ја откријат љубовта кон животот.
По скопската премиера во „Прва линија“ пишуваше:
Долгоочекуваниот дебитантски долгометражен филм на режисерот Игор Алексов „Лена и Владимир“, снимен по сценарио на Александар Русјаков, по скопската премиера го започна својот кино живот во неколку града. Оваа своевидна реинтерпретација на бајката за убавицата и ѕверот, е филмско остварување кое создадено со малку средства, а многу труд, посветеност и љубов од страна на целата екипа- токму така, како што и не е лесно да се раскаже анти-бајка, особено кога е плод на имагинација низ перспектива на возрасните. „Лена и Владимир“, во неполни два часа успешно го вовлекуваат гледачот во интимниот свет на болката на две човечки суштества, судбински распнати меѓу суровиот реален свет каде што царуваат„камшиците“ на злото и светот на љубовта и мир сплотен со природата. Токму овие раскажувачки нијанси, во дебито на Алексов ги гледаме како ретко искрено на големото платно во домашната кинематографија. Одличен актерски влог од страна на главните рољи на Сара Климовска и Тони Наумовски, но не помалку успешна и севкупната актерска екипа, особено онаа на глумачките бардови на македонскиот филм и улогата на прерано починатиот Луран Ахмети.
Со умешни сценографски, костимографски, продукциски решенија и нагласено авторство од директорот на фотографија Душан Кардалевски, „Лена и Владимир“ е несомнено уште еден македонски филм што носи свежина во домашната кинематографија. Можеби економичен кога станува збор за локации и обем на кастинг, но секако раскошен во раскажувачкиот и визуелен дизајн.