Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

MАЛА ФОРМА, ГОЛЕМА ПРЕТСТАВА: БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ ЗА МОЌТА НА МОНОДРАМАТА И СИЛАТА НА ЕДЕН АКТЕР

June 24, 2025 Filed Under: Ревија

Костимографот, режисер и селектор на 26. Интернационален фестивал на монодрама во Битола зборува за предизвиците на селекцијата, важноста на живата изведба, и за своите тековни и идни проекти на домашната и меѓународната сцена

СИЛНА ЕНЕРГИЈА Благопј Мицевски е костимограф, сценограф, режисер и долгогодишен театарски работник кој е ангажиран постојано, практично секој ден

ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА

Во Битола, од 17 до 23 мај, се одржа 26. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама – настан со долга и значајна традиција во македонската и регионалната театарска сцена. По повод четврт век постоење, фестивалот годинава доби и своја монографија, која ги документира досегашните остварувања и уметнички придонеси. Во годинешната селекција пристигнаа околу педесетина пријави од земјата и странство, а за конечниот избор на десет претстави беше задолжен Благој Мицевски – костимограф, сценограф, режисер и долгогодишен театарски работник, кој првпат ја презема оваа одговорна и инспиративна улога.

Благој Мицевски е костимограф, сценограф, дизајнер, режисер и поранешен уметнички директор на Народниот театар во Битола. Дипломирал дизајн на текстил и облека на Универзитетот во Загреб, а неговото име стои зад повеќе од 100 костимографски решенија во театар, балет, опера и филм. Носител е на 14 национални награди за костимографија и автор на сценски решенија кои патувале низ Европа, САД, Канада, Кина и Австралија. Автор е и на режиски дела, меѓу кои се издвојува претставата „Без паника“ со над сто изведби во НТ Битола. Како селектор на 26. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола, зборува за процесот на селекција, за формата како лична исповед и за тоа зошто секогаш бара да види нешто што досега не го видел.

Ова е 26. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола, што значи дека има долга традиција. Вие бевте селектор годинава. Како го доживеавте процесот на селекција и кои критериуми беа пресудни?

– Најпрво, сакам да се заблагодарам на организацијата што ми ја довери оваа улога. Самиот фестивал помина четврт век и ќе има своја монографија за досегашните остварувања. Се надевам дека ќе живее уште долго, бидејќи интересот е голем. Селекцијата беше и лесна и тешка – лесна поради големиот интерес, а тешка поради ограничениот број места. Пристигнаа околу педесетина пријави, од кои требаше да се изберат десет. Внимание се посвети на рамномерна застапеност – домашни и странски автори, машки и женски изведувачи, претстави од земји кои досега не учествувале. За жал, времето за селекција беше кратко, па немав можност да поставам тематика како концепт. Сепак, програмата е разновидна – десет претстави од девет држави, вклучувајќи две домашни. Сигурен сум дека публиката ќе биде задоволна.

Како селектор, што ви е најважно кога гледате монодрама? Има ли некоја претстава што посебно ја издвојувате?

– Освен македонските, што ги гледав во живо, селекцијата се одвиваше преку видеа. Тоа е двосечен меч – видеото може да измами, но и да покаже потенцијал. Јас ја сакам малата форма, бидејќи во неа често се крие голема претстава. Монодрамата е специфична – сè се сведува на присуството на еден актер и неговата способност да ја задржи публиката, понекогаш и на јазик кој не го разбираме. Интуицијата ми беше водилка – кој од изведувачите има потенцијал да го понесе сето тоа. Публиката во Битола е критична и има видено многу. Некои претстави не можеа да дојдат поради визи или финансии, но ги оставивме како можности за следната година. Не би фаворизирал конкретна претстава, но особено интересни се тие од Литванија и Грузија – земји со богата театарска традиција, но ретко присутни кај нас.

НА ОТВОРАЊЕТО „Д (како Дездемона“ беше на стартот на Фестивалот – иако е невербална, пренесува моќна приказна, естетски силна, разбирлива

Постои ли некаква заедничка тематска или естетска нишка меѓу претставите во програмата?

– Не постои јасен концепт, бидејќи, времето беше кратко за да се дефинира таков. Но, се водев од желбата да има разновидност – класични и современи пристапи, родова застапеност, домашни продукции како таа на Битолскиот театар и Интернационалниот театарски институт од Скопје, претстава од македонски автор изработена во Романија… Тоа ми беше важно. Сите претстави имаат заеднички минимализам – „помалку е повеќе“. Игравме по две претстави дневно, на две сцени, што овозможува изведувачите да се подготват адекватно.

Претставата „Д (како Дездемона)“ ја избрав за отворање на фестивалот и првпат ја видов сега во Битола. Иако е невербална, пренесува моќна приказна, естетски силна, разбирлива и одлично поставена за меѓународна публика. А и убаво е што и Рисима Рисимкин има свое дело во програмата, бидејќи годинава е дел од меѓународното жири, исто како што и јас сум застапен со селекцијата и имав свое дело за затворањето на фестивалот.

ОВА Е НЕЈЗИНА ГОДИНА Соња Михајлова годинава доби награда на „Војдан Чернодрински“

Кога веќе спомнавте дека и ваше дело се изведува на затворањето на фестивалот, со актерката Соња Михајлова – годинашна добитничка на наградата за животно дело на „Војдан Чернодрински“ – може ли накратко за таа претстава?

– Станува збор за монодрамата „Куфер.мк“ што ја направивме пред две години во Киното „Манаки“, како дел од програмата за 4 Ноември – Денот на ослободувањето на Битола. Тоа беше еден вид експериментална работа што ги сублимира животот на една жена и актерка низ различни времиња, со акцент на промените во државата – од Југославија до денешна Северна Македонија. Преку симболиката на пасошите, таа ја раскажува својата лична приказна, но и приказната на еден народ, жена, актерка, мајка. Претставата ја преместивме во Народниот театар во Битола, каде што сè уште се игра. Сакав да учествува и на Фестивалот на монодрама, но како селектор тоа не би било етички. А и Соња, со својата биографија, одамна излегла од рамките на натпреварувачки контекст – оваа награда е само потврда на нејзината извонредна кариера. Сакавме претставата да биде дел од програмата и како наша локална продукција достојна за меѓународните гости.

Работите интензивно на повеќе проекти. Може ли да ни кажете нешто повеќе за вашите тековни и идни ангажмани?

– Овој период е навистина интензивен. Работев на костими за дипломската претстава „Чорбаџи Теодос“ на режисерот Дамјан Димовски, која премиерно се прикажа на 26 мај во Битолскиот театар. Во истата институција подготвувам и претстава со Оливер Мицевски, „Едмонд“ по Дејвид Мемет. Но, најмногу бев посветен на мојата режија – претставата „Синот“ од Флоријан Зелер, што ја работев во Струмичкиот театар. По успешната „Мајка“ од истиот автор, ова е продолжение на мојот интерес за неговиот текст. Улогата ја носи младиот актер Михаил Велков, и премиерата се случи како и што очекувавме во средината на јуни.

Загреб е град каде што сте студирале, но никогаш не сте имале театарски проект таму. Зошто?

– Навистина, Загреб е единствениот главен град од поранешна Југославија каде што не сум работел. Таму студирав и живеев до 1991, но професионалните патишта не се вкрстија. Имав договор за проект во „Керемпух“ со режисерот Андраш Урбан, но поради здравствени причини морав да го откажам. Се надевам дека ќе се случи – било професионално, било туристички, зашто имам многу пријатели и места што сакам да ги посетам.

 

Filed Under: Ревија

КOГА ЈАГНИНАТА ЌЕ СТИВНАТ, ВОЛЦИТЕ ПОБЕДИЛЕ
ФРЧКОСКИ: ВТОРИОТ ФРАНЦУСКИ ПРЕДЛОГ Е ПОДОБАР ОД ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА ВО 2019 ГОДИНА
БЕЗ НИВ СЕ’ ЌЕ СЕ СРУШИ: БРИТАНИЈА И МИГРАНТИТЕ
MАЛА ФОРМА, ГОЛЕМА ПРЕТСТАВА: БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ ЗА МОЌТА НА МОНОДРАМАТА И СИЛАТА НА ЕДЕН АКТЕР
ЗОШТО СИТЕ ПУКААТ ПО ПП-ДБ?

Најново

  • КOГА ЈАГНИНАТА ЌЕ СТИВНАТ, ВОЛЦИТЕ ПОБЕДИЛЕ
  • ФРЧКОСКИ: ВТОРИОТ ФРАНЦУСКИ ПРЕДЛОГ Е ПОДОБАР ОД ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА ВО 2019 ГОДИНА
  • БЕЗ НИВ СЕ’ ЌЕ СЕ СРУШИ: БРИТАНИЈА И МИГРАНТИТЕ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet