Интегритетот на изборите како процес и поим е миниран од манипулациските mala fides практики на издавања на ветувањата и тоа сигурно не е првпат. Но е првпат да не поминат ни 24 часа, а да се згази на зборот. Но, од друга страна – кој збор?! На однапред јасно штетни и срамни не-планови и анти-планови да им се поверува, па тогаш „плебејците“ не се ни тоа значи, тоа ни во животинското царство не би се случило. Преходната влада не можеше ни тешко добиеното, со граѓански жртви „од пиле – млеко“ да го продаде, а змиското масло на „Македонија Твоја“ отиде како алва
ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Една универзално омразена категорија на однесување ги содржи лицемерието, неискреноста, лажното рекламирање, измамата за квалитет или за извршена работа, генерално – изигрување на довербата. За стоките и услугите, на пазарот и во услужните дејности, ваквите работи се забранети. Има цели законски и правни области кои го регулираат ова прашање – превенираат продавање на „змиско масло” (и поштетни работи) и „лекуваат” со казни. Понекогаш и не, овде веројатно нема човек што не се изнервирал од мечкини услуги на разни мајстори и никому ништо, но сепак во нормалните граѓански меѓучовечки односи преовладува bona fides однесувањето: Со доверба, со збор кој држи, со искрени намери, без лажни ветувања.
За изборните ветувања во Македонија практично нема методи за превенција или казна како за лажното рекламирање на производ или услуга. Дури и уште повеќе, тука немам видено некоја алатка од институционален вид, за отчетност на кампањските ветувања, ниту за пишаните програми на партиите – избраници за извршна и законодавна власт. Ако има таква база во која може секој граѓанин да се пожали на изборно змиското масло, а моментално тоа е со налепница „Гордост”, тогаш уште денес акцијата би била прилично масовна.
Едни од жалбениците би биле баш жедните за некаква етикета на висока моралност која, неамбициозно, потекнува само од сопствената позиција – припадност на нација. Одвисоко. И најважно позиција „освоена“ без ама никаков труд – дадена од раѓање, како на сите нас, но тие се сметаат задолжени кому да му го признаат тоа право, а кому не. Оваа снобовштина што си ја нарекуваат патриотизам, некои си ја идентификуваа со партиските слогани за гордоста. Да не завлегувам дека таквата гордост како емоционална поставеност не случајно во нормалната моралност се смета за „смртен грев”, предизборната реклама за неа всушност се состоеше во позитивизирањето на пркосот кон потпишани договори – Охридскиот, Преспанскиот и оној со Бугарија. Ветувањето за гордости и слично на „Македонија Твоја” можеби и не беше експлицитно, но низ нападите кон противниците недвосмислено подразбираше (по ред): Без Албанци во владеењето, без Северна во името, без бугарско малцинство во Уставот. Но, што добија граѓаните кои ги гласаа грешните гордости: Наместо Македонија читаат и слушаат „нашата земја”, „државава”, „Републиката” и други срамни избегнувања. Уште посрамни се пост-хок рационализациите на штетата предизвикана при инаугурацијата, де за „лични права” на високите македонски претставници, де „самоопределби” пред своите „плебejци“, а ваму уверувања од петни жили за придржувања кон сите договори – пред меѓународните претставници. Се сплеткаа самите во мрежата што сами да си ја плетеа – двојноста од хипокризијата во своето јадро: Она што е за меѓународните претставници („супер-хипер јако сме за Преспанскиот”), не е за „плебејството“. За него е – никако Северна. „Што е за Јупитер, не е за воловите” – став. Лицемерие во претставувањето, во пристапот, на основата на сопствената комуникација со светот. Самите дисјунктно го поделиле светот на едни и други и така се обраќаат – двојно.
Но дисјунктните светови, со добивањето на власта, т.е. со одговорноста, неминовно им се споија и раскашавија, па хипокризијата се аугментираше со продолжително преправање на пркос кон договорите. Уште малку да ѝ се продолжат ноџињата на лагата, барем за некои од договорите. Против Охридскиот, т.е. против „Шиптарите”, ни една секунда не стигнаа да воспостават корекција дека не оди работата на основа што сме така фино горди и пркосни против тој договор. Така што, „воловите” од поговорката најпрво за тоа беа излажани, со mala fides – стратегија за добивање гласови. Ќе викаме како Албанците ни земале ова-она, ќе упаѓаме во Собранието во 2017 г., ќе носиме убијци со качулки и ќе кршиме туѓи глави – за да не владееле Албанци, а ваму „волињата“ со прстот в уста сега си гледаат како им се даваат места како шеќерна волна на панаѓур. И не мрдаат, сѐ тоа си е обмислено од некаде – да биде чист mala fides. За тие што се повеле – тоа е кога реалноста ќе те удри по глава, кога не разбираш дека на светот не си му мазичка принцче единче, не си некаков Александар Македонски, ниту газда некаде за без пари, туку има и други околу тебе, до тебе, со кои се договараш, си помагаш, живееш. Така било и така ќе биде. Не може пркосот против договорите да ги донесат корисните работи, оти тој пркос е самиот ненормализација на нешто што било смирено и функционирало – како инаку да се дојде во плус, до корисно, ако цело време навиваш за минус?! Тогаш и нулата ти изгледа како успех!
Уште и „природно” очекуваат од нас „негордите“ – масовно некритичко преправање дека реалноста претходно не била предвидлива, во служба на цедењето до крај на можностите како опозиција: Соседите и Европа биле виновни сега! Си се продолжува со истите можности како што една опозиција без одговорност може, па сега како власт викаат пред своите плебејци дека ќе бидат и опозиција на цел свет, не само на – опозицијата! Да не си се лизнеме сега како граѓани да си викаме сами на себе дека џабе реалноста беше и е, во однос на сите договори – предвидлива и дека наводно џабе ни е што викаме дека не може државните функционери да се зафркаваат со „изговарање”- „неизговарање” на договореното, како и други правења – неправења. Тоа го повредува целото национално, граѓанско општествено ткиво многу директно и конкретно. Се надевам дека нема да стигнеме до ембарго за нафта, како во деведесттите. Каква агресивна медиумска кампања имаа во опозиција со употреба на секакви, дали се викаат тие – зборови, во предизборието, ова мерење на зборовите сега им дојде како постење. Но, пак – не е до зборовите, туку до делата преку нив.
Така, другите жалбеници на змиското масло сме оние на кои ни е сосила продаден бофл иако однапред сме знаеле дека е бофл. Оние на коишто не ни беше до голтање слогански сештории, туку граѓански бевме љубопитни за тоа КАКО од таков промовиран „квалитет” – пркосење на договори коишто донеле соживот и безбедност, би добиле нешто подобро за иднината. Алгоритмот („планот”) од тој пркос против договорите, којшто предвидливо, и отсега, и од порано (ако беше даден), би објаснил, на пример, како тој пркос би направил добро судство, средени закони, плодотворно образование, итн. Оти овие се смислата на европскиот пат зацртан во Рамката, не викотници со племенски снобовштини измесени низ гордости. Сега, со пркосот кон Препанскиот, цел свет ни се смее нам, како народ, за некористењето на сопственото уставно име Северна Македонија (кое содржи Македонија!) од страна на највисоките македонски функционери. Смешно е, сигурно, за некој отстрана, кога ќе види претседател што, ем си се поставила над Уставот, ем е експерт за него, а ваму прави таква мачканица, да не може да каже ни М, а камоли Македонија. Дека не се работи за патриотска желба за името, туку желба за широко поле за манипулација (исто како што си беа можностите во опозиција), укажува и комиката на стилот при објаснувањето за недоволната должина на лентата во базиликата во Рим (кадешто требало да пишува Северна Македонија): Не само што личи како оправдување од петгодишно дете, туку е виц: На гробот на основоположникот на словенската писменост Свети Кирил ставено е нешто што немало доволно простор за букви! Денес ни е комично, но тоа е припрема за утре – друга, посериозна будалија да ни изгледа нормално. И, оп, како жаби варени на тивок оган, ќе си прифаќаме автократија. За боговите над законите и Уставот, Чак-Норис-видните шеги ќе ги сфаќаме сериозно, како вести. Сѐ помалку ќе ни личи тоа на „излуфтираност”, а сѐ повеќе ќе биде пак mala fides гаслајтинг како што беа и ветувањата во кампањата кои донесоа гласови: Овие луѓе нема да ги следат правилата, туку правилата ќе ги следат нив. И така – ќе се изгубат. Ете, Уставот почна така. Дипломатите не преговараат со нив, туку си играат „Кој попрв ќе си оди“. Радев е во водство. Тие не се потковани да работат дипломатија, туку да велат „правете како што велиме“. А другите земји го прават баш спротивното од тоа. Говорите за економски планови им беа така грандиозни, што изгледа парите од страв ќе се скријат по офшорови. И така натаму… Да не се занесува некој со нивните гачки дека овие избори биле некаков „референдум“ за неиспорачливите ветувања. Референдумот се одвиваше кај граѓанското тело што жалеше дека не може никому да го даде својот глас плус она граѓанско тело кое гласаше за социјалдемократите екстрахирајќи ги bona fides испораките, колективни, граѓански и развојни по квалитет.
Интегритетот на изборите како процес и поим е миниран од манипулациските mala fides практики на издавања на ветувањата и тоа сигурно не е првпат. Но е првпат да не поминат ни 24 часа, а да се згази на зборот. Но, од друга страна – кој збор?! На однапред јасно штетни и срамни не-планови и анти-планови да им се поверува, па тогаш „плебејците“ не се ни тоа значи, тоа ни во животинското царство не би се случило. Преходната влада не можеше ни тешко добиеното, со граѓански жртви „од пиле – млеко“ да го продаде, а змиското масло на „Македонија Твоја“ отиде како алва.
Можеби не се смета дека овие избори заради лажни ветувања се нелегитимни, но се компромитирани значајно, а компромитацијата произлегува и од самите mala fides практики на победничката опција, и од просторот што системот го овозможил за такви практики – немањето вистинска, опиплива отчетност, како институција. Првпат се ветува нешто што секој и со малку критички разум разбира дека не може да биде испорачано, па ваквата институција би обезбедила превенција од неиспорачливи ветувања. Но, треба и повеќе: Анализа и проверка на факти на секој чекор меѓу ветувањата, промената на околностите „заслугата“ за таа промена и испораката. Судството во проверките и балансот на трите власти да не спие и да прекине да биде на јаженце на извршната, ова е негова работа, и тоа во истиот ден, а не после 4 години или повеќе. Инаку цинизмот кој води само до не-избирање или анти-избирање ќе го распадне општеството, а можно и државата. Сите би сакале реални граѓански претставници со искрена, bona fides доверба за работа на интересот на сите, кредибилност. Тоа е можно само со институции кои рецензираат, со луѓе што имаат едуцирана критичка мисла и не молчат и образование кое ја развива критичката мисла. Ни требаат барем иницијативи за транспарентност кои овозможуваат секојдневно следење на перформансите на избраниците и како тие се порамнети со кампањските ветувања и среден интерфејс за заинтересиран граѓанин да може да пополни своја рецензија (не урлање) и таа да биде видлива. ЕНЕР во однос на законодавната власт дава слична можност, тогаш зошто да не се рецензира извршната ни од судството, ни од граѓаните? Особено кога уште неконституирана – е заборавна!
(racin.mk)