Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

MATKA ОДНОВО ЌЕ БИДЕ ПРОГЛАСЕНА ЗА СПОМЕНИК НА ПРИРОДАТА

October 4, 2022 Filed Under: Ревија

Не дека кањонот не беше и до сега со статусот кој ќе и се даде одново, туку општината Сарај и нејзините „коминтенти“ тоа не го дозволија. Можно е и општината од другата страна на кањонот (Сопишта) да има свој удел со давање дозволи за викендички

ГИ ВООДУШЕВУВА И СТРАНЦИТЕ Тука често доаѓаат и странски туристи привлечени од пејсажот, но и заради нуркањето и културните споменици

Министерството за животна средина го објави Нацрт законот за репрогласување на Матка како споменик на природата

Министерството за животна средина го објави Нацрт законот за прогласување на Кањонот Матка за споменик на природата, а јавната расправа за неговата содржина е закажана за 17 октомври. Кањонот Матка е вклучен во Националната Емералд мрежа на подрачја од посебен интерес за зачувување на Европската Унија, а бројните видови од Кањонот Матка се вклучени на прилозите на Директивата за зачувување на природните живеалишта на дивата флора и фауна.

Како што информираат од министерството, богатството и разновидноста на природните вредности, биодиверзитетот и геодиверзитетот, се основни причини Кањонот Матка да биде рангиран како еден од најзначајните локалитети на природно наследство во државата. Во 2020 година во рамките на проектот „Подобрување со управување со заштитените подрачја“, во соработка на Град Скопје со УНДП и национални експерти беше извршена ревизија на Студијата за валоризација на природните вредности Матка, со која беа дадени предлози за измена на постоечките граници и за зонирањето, пренесува МЕТА.

„Врз основа на Студијата и Предлогот за прогласување на заштитениот локалитет Кањон Матка за споменик на природата, донесен од Советот на Градот Скопје, беше изработен Нацрт-Законот за прогласување на Матка за споменик на природата“, посочуваат од Министерството.

Репрогласувањето на Матка треба да биде финализирано со донесување на Законот во Собранието, а ќе треба да биде дефиниран и управувач и да се формира управувачка структура.

МАЛИ ВОЈНИ Водниот сообраќај е извор на приходи но и предизвикува мали војни меѓу одредени групи

Матка – кањон на реката Треска, десна притока на Вардар, зафаќа површина од околу 5.000 хектари и се наоѓа на 17 километри југозападно од Скопје. Според морфогенетските карактеристики претставува клисура-пробојница. На овој простор посебно внимание заслужуваат карстните облици – десетте пештери со должина од 20 до 176 метри и двата пропасти со длабочина до 35 метри.[1]

Матка претставува еден од најголемите рефугијални центри за време на ледничкиот период, што придонело денес на овој простор да се сретнат голем број реликтни и ендемски растенија и животни.

Од вкупниот број на 1.000 видови на растенија, 20% се ендемити или реликти. Од терциерните реликти, позначајни се кошаниновата темјанушка (Viola kosaninii) и наталиевата рамонда (Ramonda nathaliae). Во месноста Матка се откриени два нови видови на вистински пајаци и пет лажни скорпии. Во кањонот се регистрирани 119 видови дневни и 140 видови ноќни пеперутки. Значајно е да се напомене и тоа дека во кањонот Матка се среќаваат 77 видови на балкански ендемски мали пеперутки, а уште 18 други видови се нови за науката.

Во рамките на кањонот се наоѓа спелеолошкиот парк „Јовица Гроздановски“, наречен според трагично загинатиот алпинист. Паркот е составен од три пештери (Врело, Убава и Крштана), како и една подводна пештера (Подврело)

АЛПИНИСТИЧКИ ПРЕДИЗВИК Тука вежбаат алпинистите, наши и странски, но има и чести несреќи

Поради особеностите на самиот терен и тешката пристапност која нудела поголема сигурност, во минатото во кањонот Матка биле изградени поголем број на цркви и манастири и останати сакрални објекти. Поради големиот број на цркви и манастири, Матка го носи и името Света Гора. Денес постојат повеќето цркви од средновековниот период, поголемиот дел се зачувани во целост, а некои се во рушевини или постојат само нивни темели. Во кањонот Матка постојат следниве цркви и манастири: Манастир „Успение на Пресвета Богородица“, Манастир „Свети Никола“ Шишевски, Манастир „Свети Андреја“,

Црква „Свети Спас“ со остатоци од ранохристијанските цркви „Света Троица“ и „Свети Ѓорѓија“ и Црква „Света Недела“ (во рушевини)

Покрај верските објекти, високо во кањонот Матка, стојат и остатоците (ѕидините) од некогашната средновековна крепост Марков Град. Таа била изградена како збег за населението и манастирските цркви, во времето на доаѓањето на Османлиите.

Filed Under: Ревија

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet