Покрената е уште една иницијатива на големите меѓународни медиуми за битка против лажните вести преку заедничко воочување на изворите што ги користат овие загрозувачи на новинарската професија. Иницијаторите бараат помош од науката, како што е Институтот на Ројтерс. Но, и самата наука се сомнева во ефективноста на собирањето релевантни податоци за донесување вистински заклучоци на оваа тема!
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Последниот викенд медиумите објавија вест дека десетина џинови во сферата на информирањето покренуваат нова битка против дезинформациите. Иницијатор е британскиот јавен сервис Би-Би-Си, заедно со агенцијата Франс прес, а им се придружува Европската унија на емитувачи (ЕБУ), весниците „Фајненшел тајмс“, индискиот гигант „Хинду“, дневниот весник „Волстрит Џрнал“, канадското радио CBS , агенцијата Ројтерс со нејзиниот институт…
Соработката меѓу нив ќе постои особено за време на важните избори во демократските земји, ќе се укажува на лажните или сомнителни информации кои не треба да се преземаат или кои ги загрозуваат животите на граѓаните. Борбата против „лажните вести“ (fake news), ќе се потпира и врз Меѓународната мрежа за проверка на факти (IFCN – каде што верифициран член е и порталот за проверка на факти – „Вистиномер“, кој го издава Фондацијата „Метаморфозис“) и на Иницијативата за доверба во новинарството (Journalism trust initiative), која е дел од „Репортери без граници“.
Сосема е извесно дека ваквите иницијативи, кои ги имаше и претходно, ќе имаат успех ако само продлабочено се пријде кон овој проблем што го имаат медиумите кои се придржуваат до правилата на професијата како „слепец за белиот стап“!
Затоа е важно што медиумите ќе се потпираат и врз науката. Дури, читаме, Агенцијата „Ројтерс“ има основано посебен Институт кој треба да помогне во посочената борба.
МОЖАТ ЛИ КОНСУМЕНТИТЕ САМИ ДА ПРАВАТ РАЗЛИКА ШТО Е ВИСТИНА ВО ВЕСТИТЕ, А ШТО НЕ? Клучно што го интересира Институтот на „Ројтерс“ е дали луѓето ја гледаат разликата помеѓу лажните вести и релевантните вести, односно дали ја воочуваат разликата меѓу нив или не? Институтот врши анкети кои треба да дадат одговор на таа дилема. Па, кога испитаниците се запрашани да дадат примери на лажни вести, луѓето главно лесно идентификувале лошо новинарство, пропаганда (вклучително и лажни вести на политичари и хиперпартиска содржина), како и некои видови на рекламирање, почесто од лажни информации дизајнирани да се маскираат како новински извештаи.
Инаку, лажните вести се доживуваат како проблем управуван од комбинација на новински медиуми кои ги објавуваат, политичари кои придонесуваат за нивното ширење и платформи кои помагаат во дистрибуцијата на истите.
Има ли такви истражувања кои медиумите би можеле да ги користат во борбата против лажните вести? Секако дека постојат и во контекст на гореспоменатата иницијатива се споменува испитувањето на јавното мислење со работно име „Вести во кои не веруваш“, што го работеле Расмус Клеис Нилсен и Лукас Грејвс, кои, пак, ги анализирале податоците од 8 фокус групи и посебно е интересен сегментот врзан за корисници на Интернет за да се разберат перспективите на публиката за лажни вести. Врз основа на дискусиите на фокус групите и податоците од анкетата од САД, Велика Британија, Шпанија и Финска се заклучува:
Како прво, дека читателите и гледачите веруваат само во мал број на медиуми или извори на сознанија и само таму евентуално би проверувале сознанија од други извори. Пејсажот создаден од дискусиите за довербата во медиумите често се испреплетува со размислување ЗА довербата во политичарите и постои, генерално, општ скептицизам и кон медиумите и платформите – кон повеќето актери кои доминираат во современото информативно опкружување.
Второ, сознанијата од анкетите сугерираат дека, од гледна точка на публиката, лажните вести се главно врзани со фабрикуваните новости, тесно дефинирани, а многу помалку за „разликите во нијансите“ кај вести за еден вид на сознание, каде имаме искривувања, редуцирања и додавања…
Справувањето со лажни вести е тешко, констатира институтот на „Ројтерс“, особено кај вестите добиени преку Интернет, а се состои од лошо новинарство, политичка пропаганда или погрешни форми на рекламирање и спонзорирана содржина.
Анализата на фирмата за големи податоци „Алто податоци аналитика“, правена во текот на тримесечниот период пред овогодишните изборите за ЕУ, ја става под прашалник ефикасноста на проверка на фактите.
Најголем проблем е што имаме многу малку податоци … за ефикасноста на различните иницијативи за проверка на фактите, смета Наема Марсал, истражувач во Институтот за Интернет во Оксфорд.
Ние знаеме од гледна точка на истражувањето дека проверката на фактите не е секогаш толку ефикасна како што можеме да мислиме, вели таа.
„Алто“ разгледувал повеќе од дваесетина групи за проверка на факти во пет држави на ЕУ и открил дека тие имаат минимално присуство на Интернет – сочинуваат помеѓу 0,1% и 0,3% од вкупниот број на ретвитови, одговори и спомнувања анализирани на Твитер од декември 2018 до март 2019 година.
Студијата на „Алто“ укажува на тоа дека проверувачите на факти веќе долго време се сомневаат во своите резултати.
ЕУ не најде големи обиди за влијание на гласачите преку лажни вести, но предупреди за тешкото откривање на таквите обиди во одредени земји.
„Алто“ анализирал абнормални, хиперактивни корисници кои имале десетици објавувања на ден за да заклучат кои политички заедници биле најмногу нападнати со вакви „сугестии“ во секоја земја.
Помалку од 1% од корисниците – претежно сочувствителни кон популистичката и екстремно десничарската партија – генерирале околу 10% од вкупните објавувања поврзани со политиката. Тие ги преплавиле мрежите со антиимиграциски, антиисламски и анти-етнички пораки, открива „Алто“ во резултатите што одекнаа во одделни студии од групната кампања Авааз и Интернет-институтот Оксфорд, во пресрет на европските избори.
МНОГУ ДЕЗИНФОРМАЦИИ – МАЛКУ ПРОВЕРУВАЧИ НА ФАКТИ
Проверувачите на факти, обидувајќи се да се спротивстават на овие пораки, немаа многу успех во влезот во оние заедници кои биле цел на дејствување на лажните вести кај европските избори.
Во Полска – каде лажните вести сочинувале 21% од сообраќајот, во споредба со просечно 4% што кружи на Твитер на седум големи европски јазици во текот на еден месец пред гласањето, според студијата во Оксфорд – содржините објавени од проверувачите на факти главно се дели меѓу оние кои се спротивставуваат на политиката на владејачката Партија на законот и правдата во Полска.
Теми кои се користат во ваквата пропаганда во Полска биле формите на финансирањето на кампањите кај политичките противници, убиството на угледниот опозициски политичар и злоупотребата на децата од страна на католичката црква.
Повеќе од половина од ретвитовите, спомнувањата или одговорите на објавите споделени од седум италијански групи за проверка на факти – главно поврзани со имиграцијата – доаѓаат од корисниците сочувствителни кон центристочко-левичарската Демократска партија (ПД).
Само две од седумте групи имале некаков релативно значителен отпечаток меѓу приврзаниците на екстремно десничарската партија „Лига“ на вицепремиерот Матео Салвини, чија фракција успеа да стане трета по големина во новиот законодавен дом на ЕУ.
Италијанскиот проверувач на факти Open.Online, на пример, имаше 4.594 ретвитови, споменувани или одговорени меѓу симпатизерите на ПД, во споредба со 387 меѓу оние во Лигата.
Француските групи за проверка на фактите, кои се претежно вградени во мејнстрим медиумите, поминаа подобро. Нивната содржина, која во голема мерка се обидуваше да ги отфрли невистините за претседателот Емануел Макрон, беше највоедначено распространета низ различни мрежни заедници.
Во Германија, само 2,2% од корисниците на Твитер, мапирани во студијата, ги повратиле, одговориле или ја спомнале содржината дистрибуирана од шест групи за проверка на факти.
Истражувањето на Алто се соочува со ограничувања. Фокусот врз јавно достапните податоци на Твитер може да не ја одразува точно целата онлајн комуникација на различни платформи, потоа периодот на анализа запре за време на изборите во мај годинава, а има области на спорење околу тоа што претставува дезинформација.
Клара Хименез, коосновач на Малдита.ес, шпанска група за проверка на факти, партнери со Фејсбук, ги имитира методите што ги користат оние што шират лажни вести. Тоа значи да се оди вирусно со мемиња и видеа.
Maldita.es во голема мерка се фокусира на WhatsApp и бара од луѓето да испраќаат проверки на факти назад до оние во нивните мрежи кои први ги шират лажните вести.
„Треба да се обидете да стигнете до вистински луѓе“, смета Хименез, која исто така има за цел да промовира подобра медиумска писменост. „Една од работите што неколку пати сме биле прашани е дали луѓето можат да забременат од каснување од комарец. Ако луѓето веруваат во тоа, имаме голем проблем.“
Како што може да се забележи од овие истражувања, борбата против лажните вести и нивните извори воопшто нема да биде едноставна.