БЕСА АРИФИ
Чудно е како овие „меѓутоа“ луѓе не реагираат воопшто или нивната реакција е многу млака и незначителнa кога се прекршуваат другите правила на нивната религија, а во меѓувреме, толку многу милуваат да си играат „Господ“ и да кажат што одредени луѓе смеат или не смеат да прават. Тоа е вистински врв на лицемерие
„Јас немам ништо провив Албанците, меѓутоа ми пречи кога ќе видам како го истакнуваат своето знаме насекаде и како инисистираат службено да го употребат својот јазик“. „Јас немам ништо против муслиманите, меѓутоа ми пречи да видам жена со марама како се движи низ градот и како активно работи во државните институции“. „Јас немам ништо против жените, меѓутоа тие треба да го знаат своето место и да не се мешаат секаде“. „Јас немам ништо против ЛГБТ заедницата, меѓутоа тие својата љубов треба исклучиво да ја изразат дома, зад затворени врати, а не да нè малтретираат да гледаме нешто што е „неприродно““.
Колку е силен тој збор „меѓутоа….“ кој често се појавува и како „но…“ или „ама…“. Колку многу кажува за карактерот на тој што изразува ваков, на прв поглед сосема нормален став, кој ете, покажува дека има толеранција, но сепак има и строго определени граници за тоа што го перцепира како дозволено во едно општество. Всушност, кога некој ќе каже „Јас немам ништо против овие луѓе, меѓутоа…“ тоа е најдобар показател на суштинскиот дискриминаторски однос што тој човек го има кон тие луѓе.
Тоа кажува колку многу тој човек сака да биде господар и да им каже на одредени групи луѓе што имаат право да направат, а што не, каде треба да го изразат својот идентитет, а каде не, што всушност нив им треба, а што не, дали треба да имаат деца или не, колку деца треба да имаат, а ако направат повеќе тие автоматски ќе бидат машина за раѓање деца, како треба да се облекуваат и каде, какви операции и медицински интервенции смеат да направат и со чии пари, каде имаат право да се бакнуваат, а каде не…
Па, ве молам, ова е навистина неприфатливо. Зошто некои луѓе, а особено тие што во едно место се мнозинство, чувствуваат потреба да бидат признаени како господари над животот на другите и да одлучат за сите основни права што таа група треба да ги има? – Тие всушност сакаат да ја заземат улогата на Господ и тие да одлучат што е прифатливо, а што не, што е грев, а што не, кој ќе оди во рајот, а кој во пеколот. А, иронијата е во тоа што најчесто, тие овој „господарски“ однос спрема другите го градат врз основа на нивната монотеистичка религија во чии принципи силно веруваат.
Меѓутоа, главно правило на сите монотеистички религии е човекот на себеси да не препише божји карактеристикки, да не се оденсува како Бог, туку да биде скромен и толерантен спрема другите. Ниту една религија не одобрува насилство. Напротив сите религии зборуваат за мир, хармонија и толеранција меѓу луѓето. Секоја религија промовира правила и заповеди како што се на пример „Не кради!“, „Не лажи!“, „Однесувај се убаво и помогни му на твојот сосед!“.
Чудно е како овие „меѓутоа“ луѓе не реагираат воопшто или нивната реакција е многу млака и незначителнa кога се прекршуваат другите правила на нивната религија, а во меѓувреме, толку многу милуваат да си играат „Господ“ и да кажат што одредени луѓе смеат или не смеат да прават. Тоа е вистински врв на лицемерие.
Денес ќе се одржи Skopje Pride. Ова е ден кога ЛГБТ заедницата ќе каже дека и покрај сите видови на дискриминација и насилство спрема нив од другите, и покрај сите обиди да се третираат како болни иако Светската здравствена организација одамна го симнала тоа што другите го викаат болест од листата на светско признати болести, и покрај сите напади, омаловажувања, клевети и навреди спрмема нив, и покрај опасноста да се живее како член на таа заедница во конзервативни општества каде што и градоначалник се осмелува јавно да проговори со омраза против нив, и покрај сé, тие се горди на нивниот идентитет и на нивниот начин на живот, кој едноставно не може да се игнорира, да се преиспита или пак да се смени.
Ова е исто ден кога многу други луѓе ќе кажат дека ова што се случува е дегенерација, голем грев, и пораз за основните семејни вредности. Ќе кажат дека нешто страшно ќе ни се случи и дека набрзо ќе престанеме да постоиме како општество бидејќи, нели, сите ќе станат хомосексуалци, нема да има како да се множиме и ете, сите ќе изумреме. Па не гледам дека баш изумираат западните држави каде што ЛГБТ заедницата има право да склучи брак, да посвои деца, да направи операции за менување на пол…
Напротив, сите земји во кои слободата се третира навистина како фундаментално човеково право и каде луѓето не веруваат во тој страшен збор „меѓутоа“, се толку напредни и просперитетни, толку силни и богати, што ние едвај чекаме, преку бугарски пасош, преку злоупотреба на шенгенскиот визен режим или преку менување на личното име со цел да се добие државјанство на некоја ЕУ земја, да трчаме да живееме во некоја од тие земји и барем малку да вкусиме од животот во нормална и функционална држава.
Затоа, олабавете малку со омразата и нетолеранцијата. Ниту една земја не пропаднала заради тоа што нејзините граѓани добиле повеќе права. Напротив, станала посилна и повлијателна во светот. Во ниту една земја во која ЛГБТ заедницата живее и се изразуваат слободно хомосексуализмот не се наметнува врз другите. Разберете, ве молам, дека сите луѓе имаат потреба, но и право да бидат тоа што се и никој нема право да им каже да го менуваат својот идентитет. Разберете дека секој има право да сака кого сака, и сетете се дека пред не толку долго време, во феудализам, и хетеросексуалците немале право да сакаат кого било и да склучат брак со лица кои не биле во нивната општествена класа.
Дискриминацијаата и омразата се секогаш штетни и не се прифатливи во било која мера. Или дискриминираш или не дискриминираш, или мразиш или не мразиш, нема тука „меѓутоа“. Ајде да ставиме крај на дискриминацијата и омразата и да ја почитуваме љубовта. Бидејќи љубовта е љубов.