Еден од зборовите избрани како карактеристика на 2018 година е misinformation, со кој се означува ситуaција кога невистината се шири без сознание за нејзината природа, во уверение дека е вистинита
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Во рамките на големата тема на лажните вести, многу пати се отворани темите за новите термини кои произлегуваат од секторот на информирањето. Во 2016 година за збор на годината во Вебстеровиот речник беше избран терминот „пост-вистина“, за што во почетокот на 2017 година објавивме посебен текст. Благодарејќи на американскиот претседател Доналд Трамп во 2017 година беше одново лансиран урбаниот термин „gas-lighting”, кој е од постар датум, но шефот на Белата куќа го употребуваше често. Истиот може да се преведе како „некого го правиш дека е луд“. Бидејќи во светски рамки има многу речници кои бираат како збор на годинава држејќи се темата – информирање, треба да се задржиме на терминот „misinformation“, кој е избран за збор на годината за 2018 година од страна на Dictionary.com, кој е исто така производ на новата, информатичка ера.
Терминот „ misinformation” укажува на пренесување на невистина како случајна, ненамерна грешка и е спротиен на терминот дезинформација („disinformation“), која претставува намерно ширење на лажни информации. Да се задржиме на терминот „ misinformation“. Пренесувачот на невистината вест не е свесен дека добил сознание кое не содржи точност, но во некаква наивност или убедување дека се работи за вистинито сознание, го пренесува понатаму (https://en.wikipedia.org/wiki/Misinformation).
Во објаснувањето на овој термин во Вебстеровиот речник (https://www.merriam-webster.com/dictionary/misinformation) новинарот-ветеран од Тексас Рони Дагар (86) како такви ги споменува теориите кои се ширеа за тоа кој го организирал и извел убиството на Кенеди во Далас: новинарот смета дека луѓето, гледајќи или слушајќи вести за атентатот си измислувале или додавале многу работи, не со зла намера, а дека масата потоа истите ги пренесувала понатаму, несвесна дека шири непроверени факти.
Мелинда Бек наоѓа такви примери во медицината и меѓу луѓето со проблеми кои сакаат да слушнат нешто што ќе ги утеши.
Претходно, во декември, Оксфордскиот речник го избра „toxic” (токсичнo) за „збор на 2018″, што на некој начин ја опишува истата појава во социјалните мрежи, како и во стандардните медиуми.
Џејн Соломон, лингвистка од овој сајт, вели (https://qz.com/1476670/misinformation-is-dictionary-coms-word-of-the-year-dont-confuse-it-with-disinformation/) дека изборот на „mis”, наместо „dis” е намерен, за да служи како повик да се биде буден во борбата против лажните вести, и тврдења, како што е она дека Земјата е рамна, или дека вакцината е штетна, пренесува Асошијетед Прес (ова е навистина интересна коинциденција со некои наши актуелности!).
„Жестокото ширење на погрешни вести навистина создава нови предизвици во управувањето со животот во 2018 година”, смета Соломон.
Соломон вели дека таквите вести веќе долго време постоеле, но во последната деценија или со појавата на социјалните медиуми се промени начинот на кој корисниците ги споделуваат информациите.
Со проучувањето на пребарувањата на таа страница, поточно на веб-страницата Dictionary се забележува дека врската на веста со вистината е нешто што како дилема се враќа повторно.
Ако се анализира минатата година, во јануари, на пример, зборот „мејнстрим” многу зачестил, при што употребата на терминот „мејнстрим медиумите” или МСМ достигнала огромни пропорции, откако политичката десница го користела во пежоративна смисла. Меѓу зборовите во врска со истиот проблем во февруари избувна терминот „white lie” (бела, односно еден вид на невина, нештетна лага) откако поранешната директорка за комуникации во Белата куќа Хоуп Хикс призна дека таа направила неколку такви лаги во корист на претседателот на САД, Доналд Трамп, на социјалните мрежи.
Зборот „орвеловски” зачести во мај, по изјавите кои се припишуваат на портпаролот на Белата куќа Сара Хакаби Сандерс, која ја обвини кинеската влада за „орвелoвски глупости”, во обид да ги наметне на американските граѓани и на приватни компании, ставовите на Пекинг дека при именување на авиокомпаниите од Тајван, Макао и Хонг Конг треба да се споменува дека се тоа подрачја кои се делови од Кина.
Соломон вели дека „misinformation” даваат рамка за сe она што се случило во последните 12 месеци.
Во сличен контекст, корисниците на страницата Dictionary.com, која има околу 90 милиони посети месечно, додаваат и нови изрази во тој контекст на искривување на вистината како што се фразите како „filter bubble” (ограничување на изложеноста на вести со помош на алгоритми кои се во служба на заедницата во однос на емитувачи кои шират невистини, ама се препознаени како такви извори претходно), „fake new” (лажни вести), „post-fakt”, (пост факт), постоа „pots – thruth“ (пост-вистина) и „homophilly“ (тенденција да формираат силни социјални врски со луѓе со слични карактеристики).
Соломон изјави дека „misinformation” оди надвор од границите на САД и го споменува скандалот сo ширење на лажни вести на Facebook. Таа додаде дека преку Фејсбук и други социјални мрежи, беше наметнато насилство низ целиот свет.
„Говор на омраза и гласиштата на Фејсбук го поттикнале насилството врз Рохиња, муслиманите во Мјанмар, создадоа немири во Шри Ланка по лажни вести кои ги спротивставија будистичкото мнозинство и муслиманите, и лажни гласишта за киднапери на деца по пат на Ватцап (WhatsApp), која доведе до мобилизирање на групи кои вршеа насилство во Индија “, смета Соломон.
Дури и пред времето на технолошкиот напредок, постоеше јавен пристап до дезинформации. Најголемиот виновник во тоа време беа медиумите. Во 1948 година, Чикаго Трибјун го отпечати неславниот наслов „Дејви го порази Труман”. Тоа беше голема дезинформација за исходот на претседателските избори! Денес невистината, во различни и многубројни форми не е „привилегија“ на медиумите, туку може да се лоцира на различни извори. Misinformation е само една од нив, која иако изгледа невина, не е безопасна.
(продолжува)