„Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ е најдобар роман за 2022 година. Тоа е негов седми роман
Жири комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2022 година, согласно на веќе востановениот ритам на селектирање и одлучување го објави насловот кој ја понесе титулата „Роман на годината за 2022 година“. Се работи за делото „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ во издание на „Арс Либрис“.
Жирито доби како конкуренти 36 романи. Најпрвин таа бројка се преполови на 19 наслови, па на 10 за една недела пред изборот да ги добиеме четирите кои останаа „на врвот“. Инаку жирито го сочинуваа следните познати имиња од светот на културата – Симона Јованоска (писателка и минатогодишна лауреатка), Сашо Кокаланов, Гоце Ристовски, Илир Ајдини и Катерина Богоева (преставничка на Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“).
За наградата која се додеклува по 24-ти пат во најтесен избор влегоа романите: „Папокот на светлината“, од Венко Андоновски, во издание на „Три“, „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски, во издание на „Или Или“, „Столб што пее“, од Томислав Османли чиј издавач е „ВиГ Зеница“ како и споменатиот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ. Романот на годината за 2022 година бил избран со тајно гласање и со мнозинство гласови на последниот одржан состанок.
За да може еден роман да се носи со провокативноста на толку долг наслов, навистина мора да е врвно напишан. Овој наслов, што само го најавува патешествието на семејството Пустополски, претставува вистинско читателско уживање, констатира жирито во заврѓшното образложение.
Влада Урошевиќ, оживувајќи го архаичниот македонски јазик, во романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, ја раскажува историјата на скопското семејство Пустополски, вешто ја вовлекува во приказната на еден толку ненаметлив начин, оставајќи го притоа читателот во пријатни чувства и задоволство по секоја прочитана страница. Нестандарден во секоја смисла, романот на Влада Урошевиќ ни се обраќа преку своите протагонисти со променлива среќа и ни говори за животот од некое друго, сега веќе далечно време, што минувало пред лицето на Вардар каков што не го знаеме, а сведочело многу убави и неубави нешта. Време кое во романот започнува во летото 1898 година, а трае се до првите децении по завршувањето на Втората светска војна. Приказната вовлекува со својата ноншалантност, со одмереноста, импресивната фантазија и со сериозно изградените ликови по профил и тежина. Во овој роман има нешто „пркосно“, нешто кое ненадмено отскокнува од другите, а тоа го можат само најдобрите“, посочува жири комисијата.
Влада Урошевиќ се смета за еден од најпознатите македонски книжевни автори. Роден е во Скопје на 17.10.1934 година. Автор е на бројни книги поезија, на раскази, романи, есеи, патописи, книжевна и ликовна критика, како и на книжевна теорија и преводи. Дипломирал на Филозофскиот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1982 година бил избран за доцент на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет каде и докторирал. На истата катедра држел курсеви по историја на европските литератури од 19 и 20 век. Освен како професор работел и во Редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје , а бил и уредник на списанието „Разгледи“.
Творештвото на Влада Урошевиќ е обемно и разновидно. Почнувајќи со „Еден друг град“ (1959), тој објавил 11 збирки поезија, како и шест романи: „Вкусот на праските“ (1965), „Мојата роднина Емилија“ (1994), „Дворскиот поет во апарат за летање“ (1996), „Дива лига“ (2000), „Невестата на змејот“ (2007), „Маџун“ (2018). Урошевиќ е автор на три книги записи и патописи, на повеќе книги со критики и есеи за македонските писатели како и на две книги за фантастиката во сликарството. Добитник е на многу награди и признанија. Трипати ја добил наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на „Струшките вечери на поезијата“, двапати наградата „Стале Попов“, двапати наградата „Григор Прличев“ за најдобар препев. Добитник е и на неколку странски признанија. За својот книжевен и преведувачки опус Влада Урошевиќ е именуван првин за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на истиот Ред од Владата на Република Франција. Неговите книги се преведени на: англиски, бугарски, германски, дански, полски, руски, словенечки, српски, хрватски, француски и шпански јазик.
Наградата „Роман на годината“ се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.