Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

OБЈАВА НА ИРЛ: „КУКАВИЧКО НОВИНАРСТВО“ АНГАЖУИРАНО ВО ОДБРАНА НА ВИОЗНЕМИРЕНИ МОЌНИЦИ

October 14, 2025 Filed Under: Македонија

Или како Бранко Героски редовно ги „истражува“ ИРЛ, но никогаш олигархијата и мафијата

11.10.2025

За Бранко Героски, долгогодишен уредник, ко-сопственик и главен и одговорен уредник на порталот „Плусинфо“, трагедијата во Кочани не е јавен интерес. Според него, за неа не треба да се известува, туку да се остави на истражителите. Затоа тој почувствувал „длабок порив“ да ги спречи „манипулациите“ на ИРЛ со свое ексклузивно „истражување“, иако самиот во објавата признава дека не ги разбира вештините потребни за истражувачко новинарство, ниту што претставува јавен интерес, што е не само контрадикторно, туку и штетно за јавноста и за засегнатите од пожарот во „Пулс“. Неговите објави по ништо не се разликуваат од оние на анонимните твитер-профили и контроверзни медиумски ликови како Зоран Буревесник и Марјан Доказ.

По Зоран Божиновски, т.н. Буревесник, и разни анонимни твитер-профили кои тврдат дека истражувањето за Кочани било направено за да се заштитат премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски од една страна, па дури и Левица и Бугарите од друга, денеска Бранко Героски тврди дека сторијата се објавила за да се заштитат државниот јавен обвинител и поранешни функционери од СДСМ – Оливер Спасовски, Сања Лукаревска и Благој Бочварски.

По секое значајно истражување на нашата редакција, тимот на ИРЛ е мета на напади од разни медиумски актери. Целта секогаш е иста – дискредитација на наодите и заштита на имиџот, а често и на слободата на одредени лица поврзани со криминални, економски и политички кругови.

Редакцијата на ИРЛ ги отфрла обвинувањата на Героски како неточни, злонамерни и штетни по јавниот интерес.

Што е неточно и зошто новинар кој тврди дека не знае што е јавен интерес се занимава со новинарство?

Во својата објава Героски сугерира дека ИРЛ намерно ги сокрила имињата на функционери од СДСМ за да ги заштити обвинителите и државниот јавен обвинител Коцевски, и да ја сврти приказната на штета на Владата.
„Кој и како одлучил кој дел од телефонската комуникација да ѝ го презентира на јавноста, а кој да го скрие?“ – прашува Героски, иако самиот не нуди одговор на ова прашање. Во истата објава тврди дека сторијата за Кочани е „нарачка“ од некакви мрачни сили, за веднаш потоа да признае дека не се разбира во истражувачко новинарство и не знае што е јавен интерес.

Во целата телефонска комуникација на Михаил Јованов, синот на сопственикот на „Пулс“ Дејан Јованов, којашто била доставена до судот, а ја поседува ИРЛ, не постои ниту еден доказ дека тој или некој од обвинетите остварил директна комуникација со Оливер Спасовски, Сања Лукаревска или Благој Бочварски.
Комуникацијата што ја објави ИРЛ се одвива исклучиво меѓу Михаил Јованов и даночните контролори Драган Паунов – Дацо и Дуле Димитриев, како и други инспектори со кои тој имал директна комуникација. Оваа комуникација докажува директна и непосредна инволвираност во следниве дела: оддавање доверливи информации, злоупотреба на службена должност и примање поткуп.

Иако ги обвинува ИРЛ дека кријат информации, единствениот аргумент за тоа му е изнесеното тврдење дека одреден свиркач му дал само делови кои што тој ги побарал, што укажува дека Геровски не е заинтересиран за целата вистина, причината поради која ние сме нападнати. Зошто, доколку имал пристап до информации од целата истрага, не ги побарал сите документи, нешто што би го направил и новинар почетник. ИРЛ, за разлика од Плусинфо, своите податоци ги провери и потврди од два независни извори, за што ни беше потребен исклучителен напор, време и ресурси. Доколку имал ваков пристап порано од сите други, тогаш зошто не и помогнал на јавноста и на жртвите да добијат квалитетна правда? Контрадикторно, тој смета дека ова сепак не е тема за која медиумите треба да известуваат.

Героски сугерира и дека ИРЛ го штити државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, што претставува невистина. Напротив, работата на овој обвинителски тим е и клучната критичка аргументација во сторијата на ИРЛ за што потврда се и бројните реакции од оваа институција по објавата.

Истражувачкото новинарство, особено она што се води според светски професионални и етички стандарди, подразбира обезбедување докази за сите тврдења и барање на втора страна. Задачата на новинарите не е да пласираат непроверени информации, туку да ја информираат јавноста објективно, точно и вистинито.

Бранко Героски, како и секој новинар, а „Плусинфо“ како и секој медиум, имаат професионална обврска со својата работа да придонесуваат кон информиран електорат, а не да ги збунуваат и манипулираат граѓаните за лични интереси и комерцијални банери.

Едни стандарди за професорот Героски, други за новинарот Героски или зошто за „Плусинфо“ Кочани не е вредно за јавниот интерес

Героски е автор на најмалку три книги за етичките и професионалните стандарди во новинарството, наменети за студентите и младите кои сакаат да станат новинари. Ако се води според сопствените лекции, тешко може да се оправда неговото тврдење дека не знае што е јавен интерес и не се разбира во истражувачко новинарство.
Контрадикторно, во истиот текст тој тврди дека трагедијата не треба да се истражува, туку да се остави на институциите.

Зошто ваквите гласови не смеат да бидат игнорирани

Кога медиумите се финансиски или политички зависни од центри на моќ – влади, партии, олигарси или огласувачи, нивната уредничка линија често ги промовира нивните интереси. Најчеста мета на тие медиуми се независните и непрофитни редакции, каква што е ИРЛ.

Целта е да се дискредитира истражувањето веднаш по објавата, а понекогаш и пред да биде објавено, како во овој случај. ИРЛ нема информации дали Героски, како и претходно Драган Павловиќ Латас, се обидува да ја дискредитира новата епизода од документарниот серијал „Редакција“, во која предмет на интерес се и лица поврзани со „Плусинфо“. Но, вакви објави не се новост за овој портал.

Героски жестоко ги бранеше виновниците за пожарот во модуларната болница во Тетово, каде што лица од интерес беа негови огласувачи. Тој има напишано многу објави, но ретко во интерес и одбрана на обичниот граѓанин. Наместо тоа, неговата работа често е посветена на промоција и заштита на моќни луѓе како Кочо Анѓушев, Јордан Камчев, Ратко Димитров, Жан Митрев и други пријатели и огласувачи.

ИРЛ, според Героски, е „лош општествен актер“ достоен за напад од неговото селективно перо, но во исто време, тој дава поддршка на медиуми како порталот „Доказ“, чиј сопственик Марјан Стаменковски беше уапсен со 90.000 евра во кеш, додека дежураше пред неговиот стан.
Истовремено, Героски ниту еднаш не известуваше од протестите во Кочани што говори за неговите вистински мотиви повеќе од сите негови објави за ИРЛ.

(илустрацијата е на ИРЛ)

Filed Under: Македонија

ГRAЃАНИТЕ ПРАШУВААТ ЛИ НЕШТО?
ЕКСПЛОЗИЈА ВО БЕЛГРАД НАЧНА СОМНЕЖ ЗА АНГАЖМАН НА МАКЕДОНЕЦ ВО СОМНИТЕЛНА МИСИЈА
СMРТТА МОЖЕ ДА ГО ОДНЕСЕ ГРАДИНАРОТ, НО НЕ И ГРАДИНАТА
МОНТГОМЕРИ: СТУДЕНТСКИОТ ПРОТЕСТ ВО СРБИЈА НЕ Е ИНИЦИРАН ОДНАДВОР
ГРАДОТ Е РЕФЛЕКСИЈА НА ОПШТЕСТВОТО ВО ПРОСТОРОТ, ОДРАЗ ОДНОСИТЕ НА МОЌНИТЕ

Најново

  • ГRAЃАНИТЕ ПРАШУВААТ ЛИ НЕШТО?
  • ЕКСПЛОЗИЈА ВО БЕЛГРАД НАЧНА СОМНЕЖ ЗА АНГАЖМАН НА МАКЕДОНЕЦ ВО СОМНИТЕЛНА МИСИЈА
  • СMРТТА МОЖЕ ДА ГО ОДНЕСЕ ГРАДИНАРОТ, НО НЕ И ГРАДИНАТА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet