Филипче ги објавиработите за кои СДСМ смета дека не се преговара. Што велат за оваа Платформа од Институтот Преспа?

Претседателот на СДСМ д-р Венко Филипче на последниот брифинг со медиуми ја презентираше Предлог-резолуцијата за дефинирање на заедничките државни и национални позиции во процесот на зачленување на Република Северна Македонија во Европската Унија. Тој нагласи дека целта на резолуцијата е постигнување национален консензус и јасно дефинирање на црвените линии кои не смеат да се преминат во преговорите со ЕУ.
Филипче посочи дека двата најважни делови од предлог резолуцијата односно црвените линии се определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ.
„Тоа се елементи за кои не се преговара со Европската Унија и ова се нашите црвени линии и сметам дека треба да бидат црвените линии на целата нација. Многу од овие одредници се заштитени со претходни декларации документи и договори меѓународни. Тоа што сега нудиме е заеднички пристап како и секоја друга сериозна држава, да имаме заеднички црвени линии. Поради тоа што ако го постигнеме националниот консензус и ако интензивно работиме на реформите притоа државата расте се надградува и зајакнува,никој никогаш и ништо нема може да запре на патот кон Европската унија“, рече Филипче.
Тој додаде доколку во преговорите за членство се отвораат или наметнуваат прашања што го доведуваат во прашање македонскиот јазик или идентитет, државниот врв има обврска со заедничко писмо да ја информира ЕУ дека тие теми се неприфатливи и не се предмет на преговори.
„Ако во текот на преговорите на членство Европската Унија од страна на европски институции или било која држава членка на ЕУ се отворат прашања со кои се проблематизира македонскиот јазик или било кое друга идентитетско обележје или доколку преговарачкиот процес биде блокиран поради идентитетски прашања или барања кои се надвор од преговарачката рамка и не припаѓаат на Копенхашките критериуми за членство, тогаш со заедничко писмо, Претседателот државата,Собранието Владата имаат обврска да ги информираат сите европски институции, Европската Комисија, Претседателот на Европскиот совет, Претседател на европскиот парламент, еврокомесарот за проширување и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, дека е потребно безусловно почитување на јазичните и идентитетски историски и културни особености како елементи за кои не се преговара.
Во својот говор, тој потенцираше дека документот ќе биде поднесен до политичките партии како работна верзија, со цел сите да имаат можност да го разгледаат и да дадат свои предлози и сугестии.
„Ова ќе биде еден предлог-документ, една предлог-работна верзија, за којашто очекувам сите политички чинители прво да имаат конструктивен пристап, да сериозно го разгледаат овој документ, да дадат свои предлози и заеднички да го донесеме документот во Собранието,“ рече Филипче, нагласувајќи дека прашањата поврзани со идентитетот не смеат да бидат предмет на нови пречки во процесот на пристапување.
Потребна е акција, а не резолуции, сметаат аналитичарите. Самата Преговарачка рамка за нив е еден вид на резолуција која нуди гаранција за јазикот и идентитетот кои се бараат и со најновата, предложена вчера од СДСМ. Добрата страна на оваа резолуција, според извршниот директор на „Преспа институт“, е можноста да се излезе од фразеологија, да почнат да се преземаат чекори, да се поттурне процесот и да се излезе од рововите.

„Помина времето на резолуции, потребна е акција. Имаме резолуција во формат на Преговарачката рамка. Добрата страна на резолуцијата е дека инсистира на тоа, да не стоиме во место и да не го губиме времето. Ако ги погледнеме елементите на прашањето за јазикот, тоа е затворена работа, во повеќе наврати. Во Преговарачката рамка стои дека нашата држава ќе го преведе целокупното европско законодавство на македонски јазик, поголема гаранција за јазикот нема од тоа неколку илјади страници законодавство да се преведат на македонски јазик“, вели Андреја Стојковски, извршен директор на „Преспа институт“.
Стојковски потсетува дека од нас се бара на македонски јазик да се преведат стандарди, документи од уписни институции, пресуди од Европскиот суд за човекови права кои се релевантни за развој на целокупниот правен и институционален систем на ЕУ. Укажува и дека со преговарачката рамка е загарантирано и идентитетското прашање.
„И сега тврдат во ЕУ дека билатералните спорови не треба да бидат дел од проширувањето. Дали мислите дека во иднина нема да се појави вешто скриен во дипломатски јазик билатерален спор кој ќе биде затскриен зад некое прашање од европското законодавство? – Секогаш тоа може да се случи, нема за тоа гаранција. Треба само да бидеме убедени дека добрата волја која постои во моментов во ЕУ ќе придонесе да има внатрешен притисок за справување со таквите идеи“, вели Стојковски.