Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, упати писмо до премиерот Мицкоски со кое бара корекција на некои предвидени владини мерки а базирани на веќе усвоен закон уште пролетоска. Избраната форма на обраќање не е вообичаена ама ако се гледа континуитетот на поставеноста на шефот на бизнис интерсите уште од стариотѕ социјализам не и целосно неочекуванa. Беше тоа кореспонденција околу позицијата на моќ меѓу бизнисот (крупниот) кој мисли дека тој го избрал првиот човек на владата и интегритетот на самата влада во однос на одредени моќни позиции во земјава
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Дали го знаете оној бугарски виц, популарен кај нас во осумдесеттите години за локалниот сообраќаен полицаец соочен со – да ја наречеме така- неподносливата дилема по неговата егзистенција. Поконкретно, тој државен службеник ја сопрел на отворен пат една од најмоќните личности во софиската власт – Људмила Живкова. Ќерката на политичкиот и државен лидер Татето (Тодор Живков) направила сообраќаен прекршок и полицаецот и ја побарал возачката книшка за внатре да и ја втисне казната (овој модел го имавме и кај нас, помнат постарите читатели). Кога го видел името и презимето на Живкова се стаписал и мислел како да се извлече. Па напишал на дупката во перфорираната возачка – „тази дупка не е дупка“.
Ваквата пишман практика деновиве ја имавме на сцена и кај нас, секако надвор од практиката на сообраќајната политика на МВР, туку како начин на коресподенција меѓу високиот бизнис и Владата на РСМ. Писмото како форма наликува на некои стари практики од социјализмот (Азески беше висок младински функционер во тоа време) кога да речеме другарот Тито ќе им се обратеше на основните партиски организации и тие ќе имаа обврска да се изјаснат по него. Во случајот и покрај честите средби и договори околу политиките на Владата, што резултираа најнапред со силно влијание во рушење на претходната власт од страна на коморџиите, но и со став на давање на моќ во одредување на политиките на новата Влада. Ова се покажа при доцнојулското одбележување на јубилејот на Комората (https://www.facebook.com/watch/live/?ref=watch_permalink&v=788172343466710). Тогаш, да се потсетиме, Азески на свој – да го речеме ала Живков манир – јасно одреди дека „се е договорено“ и останува Мицковски да биде само прост извршител. Дури и со еден груб физички гест, со кој не му дозволи на премирот да се оддалечи (што би рекле во ЈНА „дозоволите да се удаљим“) туку рече дека треба да седи и натаму до крај на церемонијата на славењето, за белким да му се кажат некои работи што не за пред камери (https://youtu.be/8_cFAZCwXLs).
Фактот што дошло до пишување на писмо на 4 страници значи не е израз не недоразбирање од типот „што треба да стори Владата“, туку е израз на проценка во Комората дека на Илинденска број 2 решиле да го спроведат законот кој веќе е донесен и дека тој треба да биде дел од мерките што значат борба со инфлацијата. Значи некој скршнува од договорот, па му треба додатно и опширно напатствие.
Стопанската комора преку писмото што претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, го упатил до македонскиот премиер Христијан Мицкоски, бара да се избрише делот од Законот за забрана на нефер трговски практики со кој се ограничува рабатот што доставувачот му го одобрува на купувачот, како и да се прецизираат условите под кои купувачот може да ги врати кај доставувачот непродадените производи.
Како проблем што Азески го потенцира во писмото се наведува периодот на приспособување на новото законско решение, односно тоа што некои измени треба да се случат во период кога не е завршена календарската година.
„Праксата на другите пазари во Европската Унија укажува на многу подолг период за усогласување со законите со кои се забрануваат одредени трговски практики. Во РС Македонија преоден период не е оставен, освен за доставувачите и за купувачите што склучувале договори за снабдување, кои имаат обврска да ги усогласат со овој закон во рок од шест месеци од денот на неговото стапување во сила, а тоа е пред истекот на септември 2024 година“ – се наведува во писмото.
Од Комората сметаат дека треба да се зголеми рокот во кој купувачот го известува доставувачот дека ја намалува нарачката на одреден производ.
„Претставниците на доставувачите и на купувачите изразија потреба од дополнително прецизирање и појаснување на одредени одредби од Законот. Предлагаме да ја разгледате можноста за дополнително продолжување на рокот на усогласување на работењето со Законот, со цел разјаснување на сите дилеми и поголема правна сигурност за субјектите што се засегнати од него“ – се додава во писмото.
Законот за забрана на нефер трговски практики беше донесен во март, со цел намалување на цените на прехранбените производи. Истовремено беше составена и листа со над 2.500 производи чии маржи не треба да бидат поголеми од 10 отсто. Од Стопанската комора претходно бараа во овој документ да бидат ставени и производите што се со ДДВ од пет отсто. (https://telma.com.mk/2024/09/04/azeski-so-pismo-do-miczkoski-bara-promeni-na-zakonot-koj-gi-ogranichi-trgovskite-marzhi/).
Инаку, Законот за нефер трговски практики се донесе во март годинава и треба да се спроведе во септември! Наводно премиерот Мицкоски ќе чекал да заврши месецов и да види дали фирмите од списокот ја исполниле обврската, но по дописот кој е упатен дирекно до него останува да се види, дали тој ќе ги прифати барањата од бизнисот (писмото) и дали законот ќе се менува, но и дали ќе се пролонгира неговата примена. Од друга страна, иако во лето обично инфлацијата се смирува, кај нас заради високиот раст на цените на земјоделските производи (во земја која е аграрна во континуитет) одржува некаков јасен знак на незадоволство од мерките на владата кај народот. Медиумите прават анкети во кои граѓаните се видливо незадоволни а од пазарите за прв пат во историјата се враќаат со редуцирани продукти и надвор од домашната практика преминуваат на купување на парче а не на килограми!
Споменатиот закон на оваа влада, иако не е плод на нивна креативност, односно е дел од работата која ја туркаше вицепремиерот Битиќи, сепак е од корист токму сега. Ги спојува ветувањата на Мицковски дадени на Комората дека нема да замрзнува цени (важен дел од „предбрачниот договор“ со оваа институција) и изнаоѓање на други мерки (контрола на маржите или на она што се нарекува „надѕидување“ на цените преку препродавање на стоката од еден до друг продавач). Земјоделците на малите екрани кажуваат дека цените по кои граѓаните пазарат често не се ни третина од цената која крајниот купувач ја плаќа, по што и производителите и потрошувачите осиромашуваат а трговците се омрсуваат со значителни профити. „Што мислите, зошто секој ден никнуваат нови и нови супермаркети и трговски центри? Затоа што сите тие живеаат од маржите на нашите производи“ – рече неодамна еден селанец на Залениот пазар пред камерите, дојден од Струмица. Ткој рече дека неговите домати веднаш би ги симнал за 40 денари по килограм и би имал ќар во однос на онаа цена која ја изѕидале препродавачите. За оние кои не знаат доматите одат и по 120 денари по килограм на зелените пазари ама и во маркетите.
Секако дека во Владата добро процениле дека овој закон треба да се поддржи а дека во Комората ги штита интересите, меѓу другото и на големите хипермаркети. Каде заглавило писмото не е јасно, тоа секако е сватено како една форма на јасен притисок, без оглед на содржината. Некои од Комората оваа ситуација ја примиле така што можат со писмото одеднаш да го симнат нивото на соработката со Владата, односно дека наложувањето на мерки е просто преминување на некоја линија која е опасна по глобалните интереси и изнашле начин во стилот на бугарскиот сообраќаец – „тази писмо не е писмо“.
И седнале и напишале друго писмо со поинаква интонација. Тоа од писмо на незадоволство станува писмо на поддршка на мерките на Владата! (telma.com.mk/2024/09/05/stopanskata-komora-go-povleche-prvoto-i-isprati-novo-do-premierot-miczkoski-vo-koe-bara-izmeni-na-zakonot-za-nefer-trgovski-praktiki/). Во новото писание од Стопанската комора до премиерот Мицкоски, се вели дека не бараат измени, бришење на делови и пролонгирање на примената на Законот за нефер трговски практики со кој се ограничуваат профитните маржи на трговците. Тие, наводно направиле „дополнителни консултации со домашните производители на прехранбени производи“ (колку епсресно се случило ова?!) и оцениле „дека со законот на најдобар начин ќе се уредат правилата и мерките за спречување на наметнувањето на нефер трговски практики кои отстапуваат од доброто трговско однесување“.
Дополнително од Комората велат дека домашните производители на храна очекуваат дека со законот ќе се прецизираат постапките за утврдување на нефер трговски практики и дека ќе се подобри соработката на надлежните органи за спречување на нефер трговски практики, стои во новото писмо од Стопанската комора (https://telma.com.mk/2024/09/05/stopanskata-komora-go-povleche-prvoto-i-isprati-novo-do-premierot-miczkoski-vo-koe-bara-izmeni-na-zakonot-za-nefer-trgovski-praktiki/).
Ова и на Мицковски му даде отстапница од можното „стоење на црта“ при одредување на меѓусебните позиции и тој едноставно рече дека се уште не го добил писмото од претседателот на најголемата комора во земјава Азески. На новнарско прашање (претпоставено, бидејќи, ниту едно прашање до него пред камери не излегува на екраниот) за следните чекори, Мицкоски вели ако има потреба може да се одложи примената на законот. Има обврски и кон Комората ама и кон потрошувачите. Затоа тука е заменикот министерот за економија Ристески кој уверува дека Законот за нефер трговски практики започнува со дејствие на 28 септември и цените потоа ќе бидат пониски.
– Рабатот треба да биде ограничен затоа што се доведуваме во ситуација производителите и земјоделците да работат за 1 до 2 отсто заработка, а целиот профит да оди кај трговците. Поради ваквата ситуација можеме да забележиме дека постојано се отвораат нови маркети, а имаме се помалку земјоделци. Сметаме и дека не треба да се пролонгира употребата на законот, туку да почне да се применува, а ако се јават проблеми паралелно да се решаваат, вели за Телма потпретседателот на ССК, Горан Ѓорѓиевски.
Трговците кои секако ги има во големата Комората (помалата не се јавува), но и во Комората на северозапдна Македонија се се’ уште лути во однос на темата – ограничување на маржите, бидејќи тоа е основот на кој тие трговци профитираат.
Самата Влада сега е во големи обврски кон сите структури и слоеви, со својата раскошна партиска пропаганда со која на сите им ветуваше „кули и замоци“.а што не е можно да се оствари. Некаков цех некој мора да го плати. Обично се одлучува да им даде повеќе од ветувањата на кои проценува дека можат да наштетат на позицијата на Мицковски, па така тој веќе на коморџиите им даде многу. Практично ги замрзна платите, ги „олади“ колективните договори што е чиста добивка за оние кои влегуваат и излегуваат секој дел од вратите на Комората! Во добивка е и Владата кога се работи за платите на службениците од нејзиниот список! Не ио за функционерите кои и натаму се „мезат“ со покажувањето од енормните 78 отсто! Другарите од ССМ требаше да го знаат ова, бидејќи се одлучија доста пред изборите да го заменат „перикловиот период“ за социјалните партнери на Заев и Ковачевски, со отворен навивачки однос кон опозицијата. И сега си го добија … да не се споменува што. Така и ќе остане. Некои синдикати, како СОНК се научени – ќе се бунтуваат против левите влади а кога десната влада ќе дојде на Илинденска број 2 ќе си влезат во вмроовска хибернација. Ќе молчат и трпат и немој некој да споменал штрајк.
Во слична ситуација се и оние кои беа гласни пред изборите во борба за свои права како практикантите во здравството . Под Филипче тие направија џиновски чекор напред, ама не, тие посакаа нешто приде па сега се лулкаат на ветувањата на министерот Таравари. Измените на буџетот поминаа и дали тие се видоа таму? Ги видоа ли своите барања исполнети?
Би можеле да одиме во недоглед со списокот на оние кои ќе бидат изневерени а го дадоа својот глас на изборите за новата власт или преку своите, често инсценирани протести на јавното мислење во предизборниот период. Одмерувањето на силите меѓу Комората и Владата ќе биде нешто од типот на „меч од тешка категорија“ во кој Мицковски ја доби само првата рунда.
(civilmedia.mk)