ЗОРАН ИВАНОВ
И денес, и во овој актуелен македонски интегративен миг, разни антимакедонски структури, секакви живковистички рецидиви во Софија, си тријат раце. Едвај чекаат уставните промени да не се случат. Рамката преговарачка да доживее фијаско. Македонија да не почне да отвора ЕУ поглавја, да остане надвор од европските структури и Македонците, пак, да не`развлекуваат низ правливите архиви на бугарските фалсификаторски институти
Да работиш против уставните измени практично против впишување на дел од бугарскиот народ во македонскиот устав значи директно да се ставиш во позиција на децениската негаторска Софија и сакал, не сакал, свесно, несвесно, да работиш за бугарската антимакедонска политика.
Само четири, пет појаснувања:
Прво, секако на водството на ВМРО-ДПМНЕ му се јасни мотивите за сопствените постапки со блокирањето на уставните промени. Доколку пак некому оттаму сепак не му е јасно, нека под погледне кај основачот на нивната партија, кај експремиерот по чија идеолошка платформа и политичка програма сечеа вени. Тој може, а и јавно им се понуди, со часови да им држи курсеви за историската љубов на актуелните вмровци спрема мајката им Софија.
Второ, околу рамката. Онаа француска, попрецизно бриселска или европска, онаа истата што врвот на ВМРО-ДПМНЕ замаглувајќи ја темата која на земјава и нуди ЕУ перспектива, ја нарекува бугарска. Истата онаа рамка, договор што го палеа во собранието и поради која со зузувелите громогласно, вулгарно и крајно невоспитано ја бркаа претседателката на ЕК од македонското Собрание само со цел да се блокираат уставните промени, да не почнат интеграциите.
Трето, фокусот. Пропагандната, безочната антимакедонска машинерија на ВМРО-ДПМНЕ на македонската јавност, на македонските граѓани, посебно на Македонците, успеа како примарно да им го всади убедувањето дека темата за уставните промени не се уставните промени туку дека тие се за вгнездување на Бугарите во македонскиот устав. А всушност, Бугарите во уставот се само онаа нужна секундарна рамковна алатка која на Македонија и го овозможува примарното, вистинското започнување на македонските евроинтеграции.
Четврто, за рамката таа француска, европска, бугарска, … и пак таа иста партиска пропагандна машина за правење магла и за сеење страв. Ноторна лага е дека ова водство, а и било кое претходно или било кое идно, ќе успее да ја промени преговарачката рамка. Никој ниту запирка ќе може таму да промени. Така прав фрлаа и за Преспанскиот па замолкнаа. Така и сега. Кој од врвот на ВМРО-ДПМНЕ верува во нивното сопствено барање уставните промени да важеле откако државата ќе стане полноправна членка на ЕУ. Па тие за тоа не добиваат поддршка ниту кај своите десни странски партиски партнери од кои повеќето се актуелна власт во своите држави. Ниту пак водството на партијата открива со која ли и со каква дипломатска моќ на оваа тема на бриселската маса повторно ќе ги седнат 27-те земји потписнички на рамката во која се вградени одредбите меѓу кој и таа за Бугарите во уставот како услов за одржување на втората владина седница со ЕУ и за отворање на првото преговарачко поглавје.
Петто, главниот пропаганден памфлет на ВМРО-ДПМНЕ се, нели, заштита на македонскиот идентитет и на македонството од идентитетскиот диктат на бугарството и, нели, заштита на македонизацијата од бугаризација. И сега, пазете, кој тоа без срам и перде ни го штити идентитетот и тоа токму од нашите источни соседи.
Па, истите тие бугараши и нивните сегашни следбеници кои го исмејуваа темелникот на современиот македонски идентитет, академик Блаже Конески.
Истите тие кои денес се мајтапат со првиот македонски поет Коста Солев Рацин, кој македонската култура токму преку неговиот и наш изворен народен македонски јазик ги напиша своите легендарни „Тутуноберачите“ и „Ленка“ и кој замина на антифашистичкиот фронт кој ни ја создаде матичната држава и за нас Македонците и за овие сега негови идентитетски негатори.
Истите тие поранешни и актуелни политичари на ВМРО-ДПМНЕ на кои бугарските власти на бандерите во тамошните градови, гратчиња и села, им ги закачија кодовите на нивните патриотически б`лгарски паспорти.
Истите тие чувари на македонскиот идентитет кои пропагираа симбиозни бугарски процеси за македонскиот идентитет. Истите тие кои беа, некои уште се, народни пратеници во македонското собрание. Истите тие кои беа, некои уште се, на високи државни позиции, а кои отворено пропагираа и пропагираат бугарски македонски корени.
Истите тие фиромани кои повикуваа на бојкот на референдумот за Преспанскиот кој беше референдум за НАТО и ЕУ и кој, ако власта се исплашеше и ако анти-кампањата целосно им успееше, сега ќе бевме надвор од Алијансата.
Истите тие, нели патриоти, кои го бојкотираа и кои повикуваа на бојкот на пописот овде и кај Македонците во дијаспората па сега оттаму кукаат дека не биле толку малку колку што се евидентирани и колку што би биле доколку би се одѕвале на пописот.
Истите тие кои, гледано и наназад, беа против Македонија во ООН поради референцата ФИРОМ, кои беа против Рамковниот, кои беа против локалната, против … , а притоа и беа и се и без било каква поинаква и реално остварлива идеја што на државата Македонија ќе и`трасира побезбеден, поперспективен и попросперитетен пат.
И денес, и во овој актуелен македонски интегративен миг, разни антимакедонски структури, секакви живковистички рецидиви во Софија, си тријат раце. Едвај чекаат уставните промени да не се случат. Рамката преговарачка да доживее фијаско. Македонија да не почне да отвора ЕУ поглавја, да остане надвор од европските структури и Македонците пак да не`развлекуваат низ правливите архиви на бугарските фалсификаторски институти.
Па, тие ли ни го бранат идентитетот. Тие ли. Истите ли тие!!