ФАТМИР БЕСИМИ
„Европа нема да биде создадена одеднаш, ниту пак според еден единствен план. Таа ќе биде изградена преку конкретни достигнувања, од кое првото е солидарноста“ – Роберт Шуман, еден од основоположниците на Европската Унија
Изминатата недела го одбележавме 9 мај, Денот на Европа – денот кога беше објавена Шумановата декларација, која се смета за првиот чекор кон градењето на Европската Унија. Следната недела во Брисел ќе се одржи редовниот годишен економски и финансиски дијалог помеѓу Европската Унија и земјите од Западен Балкан и Турција. Во рамки на дијалогот ќе дискутираме за фискалната политика, макроекономската стабилност, поттикнувањето на економскиот раст, создавањето нови работни места, структурните реформи за опоравување од кризата и воедно, јакнење на отпорноста на економиите, како и социјалната политика. Дијалогот е дел од нашите подготовки како аспиранти за членство во Европскиот семестар, кој претставува годишна координација на членките за социо-економските теми и усогласување на економските и буџетските политики со одлуките донесени на ниво на ЕУ. Рамката за економско управување во Унијата е добар показател за кохезијата и воедно мултилатералниот пристап кон координирањето на една од најважните заеднички цели, економско-социјалниот развој и благосостојбата на граѓаните на ЕУ.
Овие два настани беа доволен повод за оваа колумна да ја посветам на темата која низ годините во континуитет е моја инспирација – членството во ЕУ и европската иднина. Во овој текст читателот ќе добие една поедноставена, но и целосна слика за процесот низ кој минуваме на патот за членство во ЕУ (со фокус на економските реформи), она што нѝ претстои нам, но и бенефитите кои нѐ очекуваат кога ќе станеме дел од големото европско семејство.
ЕУ ќе се гради низ кризи и ќе биде збир на решенија
Во време на преклопување на неколку глобални економски кризи, кога креаторите на политиките се насочени кон ублажување на ефектите и јакнење на отпорноста на економиите, убаво е да се има предвид и идната перспектива на државата и економијата, како што повеќе пати пишувам таканаречената „голема слика“, за да не ги заборавиме основните цели и патот кон подобро утре. „Европа ќе се гради низ кризи и ќе биде збир на решенија“, рекол еден од основачите на ЕУ, Жан Моне. Во услови кога на европска почва се случува најголемиот и најопасниот воен конфликт од Втората светска војна наваму, руската инвазија врз Украина, се засилуваат перспективите за повеќе земји, вклучувајќи го и Западен Балкан за поскоро интегрирање во Унијата. Од друга страна, неколкуте напоредни економски кризи го забавуваат развојот на економиите и бараат дополнителни напори за нивна конвергенција.
Економскиот и финансискиот дијалог со ЕУ е добар пат за постигнување на европските цели, вежба за членството и Европскиот семестар. Впрочем и самиот Европски семестар започна како вежба, a понатаму прерасна во рамка за координација на економско-социјалните политики на земјите членки. Потребата од зајакнување на заедничките економски политики на земјите членки, како и подобра координација од аспект на социјалните политики, дојде до израз особено по глобалната финансиска криза во 2008 година. Земјите членки ја увидоа потребата од подобро усогласување на целите на националните буџети, како и политиките за поттикнување на растот, вработеноста и социјалната грижа на ниво на Унијата. Оттаму, во 2011 година се спроведе првиот циклус на Европскиот семестар. Целите на семестарот се однесуваат на конвергенција и стабилност на Унијата, макроекономска стабилност и поддршка за растот.
Пред вратата на ЕУ – координација за економските и социјални политики
Со цел понатамошно унапредување на координацијата на Унијата со потенцијалните нови членки, од октомври 2013 година во Стратегијата за проширување беше воведен нов пристап наречен Поедноставен европски семестар. Од октомври 2014 година земјите на Западен Балкан и Турција беа поканети од Европската Комисија да го зајакнат економското управување преку подготовка на програми за економски реформи.
Програмата за економски реформи (анг. Economic Reform Programme, ERP) е најважниот стратешки документ во економскиот дијалог со ЕК. Тој се изработува секоја година и претставува подготовка за учество во процесот на економски и фискален надзор на земјите членки на ЕУ, односно за вклучување во процесот на европскиот семестар за координација на економските политики на ЕУ. Програмата е среднорочна рамка на макроекономската и фискалната политика и детален приказ на структурни реформи за раст на конкурентноста на економијата и креирање на работни места. Инаку, според правилата на овој процес во ЕК, Министерството за финансии е задолжено за координација на подготовката на овој документ на ниво на Влада. По нејзиното доставување до ЕК, програмата се разгледува со претставници на ЕУ во рамки на економско-финансискиот дијалог при Советот на ЕУ и завршува со усвојување на заеднички заклучоци со препораки за земјата, кои треба да се земат предвид при подготовка на наредната програма на економски реформи.
ПЕР 2023-2025: Подобрување на човечкиот капитал и конкурентноста, како и зелена трансформација
Програмата на економски реформи 2023-2025 беше усвоена од страна на Владата на Република Северна Македонија на 1 февруари 2023 година и истиот ден официјално е доставена до Европската Унија. Програмата е подготвена врз основа на Фискалната стратегија 2023-2027, среднорочната буџетска рамка за периодот 2023-2027, националните секторски стратегии, регионални стратегии и документи, зелената и дигитална агенда на ЕУ, како и Економско-инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан. Исто така, таа се темели и на препораките во Извештајот на ЕК за напредокот на земјата од октомври 2022 година.