Од Екосвест ја обвинуваат владата дека одобрила изградба на осум хидроелектрани во заштитени подрачја. Велат дека со тоа се ставаат во опасност цели екосистеми со особена еколошка и биолошка вредност
БОРИС ГЕОРГИЕВСКИ
Владината одлука за доделување концесии за изградба на мали хидроцентрали наиде на остра осуда од невладината Екосвест. Од невладината организација велат дека електраните ќе се градат во заштитени подрачја и дека тоа може да го загрози тамошниот екосистем. Извори на Дојче веле објаснуваат дека сепак не станува збор за заштитени подрачја.
„Штетата врз биодиверзитетот и природните живеалишта е уште поголем кога ваквите планови за изградба се наоѓаат во подрачја со особена еколошка и биолошка вредност. Извештајот на меѓународната организација СЕЕ Bankwatch Network, потврдува дека изградба на мали хидроелектрани во заштитени подрачја причинува огромни штети на екосистемите и трајно ги нарушува, воедно косејќи се со националните и eвропски закони.“
Од Екосвест оценуваат дека одлуката на владата е спротивна на одредбите од Законот за заштита на природата и не го зема предвид начелата за управување со природни богатства од Просторниот план на Република Македонија 2002-2020. Дополнително, велат од невладината, се игнорираат и предупредувањата за влијанијата врз животната средина од малите хидроелектрични централи наведени во Националната стратегија за заштита на природата, Стратешката оцена за влијанијата врз животната средина од Стратегијата за води, Националната стратегија за биолошка разновидност и во Регионалната стратегија за одржлива хидро енергија во Западен Балкан.“
Експертите предупредуваат од напливот на проекти за изградба на хидроцентрали на Балканот. Во моментов, се планираат околу 3.000
Македонската активистка Ана Чоловиќ-Лешоска годинава се закити со наградата „Голдман“ за животна средина токму поради нејзините заложби за прекин на проектите за изградба на хидроцентрали во Националниот парк Маврово.
Владата одлучила да ги отфрли проектите кои предвидуваат изградба на објекти во заштитени подрачја, вклучувајќи и еден во Маврово.
Експерти кои ги консултираше Дојче веле тврдат дека објектите за кои се одобрени концесии не се наоѓаат во заштитени подрачја како што тврдат од Екосвест. Станува збор за подрачја кои се „потенцијални“ заштитени подрачја или кои се предложени за Национални паркови.
Балканските држави веќе подолго време се предмет на критика од страна на ЕУ и од други институции поради големото загадување кое го предизвикуваат застарените термоелектрани во регионот. Во обид да се смени таа слика, се финансираат ткн. „зелени“ електрани, но тие пак, најчесто се градат во критични подрачја кои се заштитени или треба да добијат таков статус. На тоа се противи и локалното население, и експертите.
„Изградбата на мини-хидроцентрали ги загрозува последните преостанати диви реки во Европа. Планирани или веќе во изградба се 3.000 мали брани, од Словенија до Грција”, изјави за ДВ Улрих Ајхелман од невладината организација РиверВоч од Виена.
Притоа, експерти како Игор Калаба од Мрежата за климатска акција, велат дека мини хидроцентралите не се економски одржливи без субвенции и нема да придонесат за енергетска сигурност на регионот.