Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

НАСПРОТИ МАЛОГРАЃАНСКАТА АКСИОЛОГИЈА

October 6, 2020 Filed Under: Колумни

АЛЕКСАНДАР ЛИТОВСКИ

Во овој користољубив град луѓето, добрите и питоми луѓе, се претворени во толпа на робови за остварување на профитот на онаа орда медиокритети од богата класа и политичката врхушка. Сè смрди од ѓубре, урина, лепешки, алхохол

Дали сте забележале дека во вашиот мал злобен град воздухот смрди на лицемерие, па тешко се дише? Дека дури и светлата како да се обвиткани во темнина, па сè е опскурно, прикриено, матно, нејасно, сомнително, недогледливо и недоречено? Дека секој секогаш е сам со својата несреќа и меланхолија? Дека емпатијата е скоро, целосно мртва? Зарем не ви се чини дека вашите скржави малограѓани се мрднале од умот, па мислат дека и љубовта, и знаењето, и добрината, и среќата имаат цена, па, дури, дека се со мисла дека тие цени се прескапи, па воопшто не ги практикуваат?

Во овој користољубив град луѓето, добрите и питоми луѓе, се претворени во толпа на робови за остварување на профитот на онаа орда медиокритети од богата класа и политичката врхушка. Сè смрди од ѓубре, урина, лепешки, алхохол… и сè е преполно со бубашваби, лебарки, вошки… Многумина се, или рахитични, или костоболни, или коронарни, или канцерогени, или дезинтерични, или простачко груби, или налудничави, или раздразливи… Малограѓанштината е фашизоидна и сеприсутна. Единствено каде е поинаку, каде е навидум чисто и пристојно за живеење, се велелепните дворци на богаташите и нивните места за забава и рекреација. Ама, токму таму, токму во тој дворски паразитски живот, во тоа клупче од храна, алхохол, неверства и интриги, во длабочините на човечката алчност, грозотија и подлост, десничарските тоталитарни визии за иднината смрдат на неолиберална кислојна, на бонапартизам и пазарен фундаментализам, како што смрди воздухот во најгнасните биртии. Смрдат овие нацистичко-антикомунистички филозофии и се одбивни како да се собирани низ гробиштата, лудниците и кафеаните вдолж и попреку остатоците на Третиот Рајх и неговите концентрациони логори. И во оваа ваква средина, во оваа гнасна и гадна атмосфера, во овие наши версаи, но и фавели, овие наши глупави малограѓани си завидуваат, се кодошат, си нанесуваат зло, зборуваат за „убавините“ на градот кои „ги нема никаде на друго место во светот“, се „дрогираат“ со национализам и шовинизам, па пеат химни за античката големината на Македонија, или за колежите и антимакедонствата на војводите и надвојводите од врховистичката минатовековна булумента.

Се чини дека со јавно и гласно изнесување на своите антинационалистички и хуманистички ставови и со својата праведна и чесна работа во корист на општото добро, човек не може ништо да промени во овој хаотичен и безмислечки град, освен што на себе ќе си ги навлече бесот, омраза и хајката од сите оние недоописменети малограѓани кои се задоени со десничарски ревизионистички ставови, со неофашизам и религиозен фанатизам, со глупав и суров национализам. Но, само така се чини, а секако дека не е така. Имено, вистина е дека малограѓаните не може да се променат и да станат подобри, пописмени и помалку националшовинисти. Но, сосема сигурно, нештата во овој град може да се сменат на подобро. Може и треба да се сруши оваа зграда соѕидана од овие малограѓанско-десничарски вредности. Може и треба да се направи парампарче целиот малограѓански опскурен систем на вредности. Малограѓанските неофашисти може и треба да се раскринкаат, презираат и обессилат, а на сите оние млади способни и добри луѓе кои доаѓаат и кои допрва ќе изградуваат свој светоглед и кои ќе треба да го влечат овој град напред, наспроти фашизоидната малограѓанска аксиологија, треба да им се понудат убавината, вистината, еднаквоста и правдата, за да може тие вредности да ги прифатат и усвојат и, постепено, да ги претворат во доминантни карактеристики на овој град. Оти, дефинитивно, овој град во кој царува сеопштата малограѓанска хипокризија и каде се случува општ распад на сите хумани вредности е на добар пат да заврши како што заврши Картагена, па затоа е нужно нештата да почнат да се менуваат на подобро. Но, секако, времето ќе покаже дали се успеало во таквите хумани заложби и дали слободољубивите ќе можат да се спротистават на десничарите, фашистите, робовладетелите и нивните слуги и тепачи.

 

Filed Under: Колумни

ФОН ДЕР ЛАЈЕН НЕ НЕ ЗАОБИКОЛУВА, ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ЧЛЕНСТВО СЕ ПОДАЛЕКУ
УАПСЕНА ЗА ТЕРОРИЗАМ ГРУПА ПРИПАДНИЦИ НА ИСИС
ЦЕНИТЕ НА ГОРИВАТА КАКО АХИЛОВА ПЕТА НА ТРАМП ПРЕД ИЗБОРИРТЕ
СОПРУГАТА НА КОЈА НИШТО НЕ И ЗНАЧЕШЕ ПРЕЗИМЕТО ПАПАНДРЕУ
КАРНИ ГО ВОЗВРАЌА УДАРОТ

Најново

  • ФОН ДЕР ЛАЈЕН НЕ НЕ ЗАОБИКОЛУВА, ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ЧЛЕНСТВО СЕ ПОДАЛЕКУ
  • УАПСЕНА ЗА ТЕРОРИЗАМ ГРУПА ПРИПАДНИЦИ НА ИСИС
  • ЦЕНИТЕ НА ГОРИВАТА КАКО АХИЛОВА ПЕТА НА ТРАМП ПРЕД ИЗБОРИРТЕ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet