Пратеникот Битиќи на комисиjа расправа добро ги расчлени мотивите на донесување на нов, втор ребеланс на државниот буџет

Паѓа во вода уште една владина манипулација со бројките, а тоа е дека во 2027 година државата треба да се задолжи со две милијарди евра за да ги враќа наследените долгови- изјави меѓу другото пратеникот Фатмир Битиќи во врска со темата која го преокупира Собранието на РСМ во последните недели.
На комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2027 година, укажа на вистинската структура на планираното задолжување од 125 милијарди денари. „Од нив, околу 65 милијарди денари се наменети за отплата на главнината на долгот, 45 милијарди денари за финансирање на буџетскиот дефицит, а дополнителни 14,9 милијарди денари Владата планира да остави како депозит за обезбедување ликвидност“ – вели тој.
Владата упорно се обидува – продолжува – да ја убеди јавноста дека нејзиниот фискален простор е ограничен поради задолжувањата на претходната власт. Во 2027 година доспева еврообврзница од 500 милиони евра, издадена во 2023 година, но доспеваат и домашни државни хартии од вредност со рок на отплата од две и три години, од кои дел се издадени во мандатот на оваа власт.
Загрижува и цената на задолжувањето – во 2027 година за отплата на главнината на домашниот долг се предвидени околу 18 милијарди денари, додека расходите за камати на домашниот долг достигнуваат околу 12 милијарди денари.
Погледнете ја мојата реплика на комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2027 година.
Инаку Битиќи на една од надзорните расправи во Собранието за случајот со АЛТА банка, го отвори прашањето за потеклото на нејзината финансиска моќ и за одговорноста на македонските институции при проценката на ризиците.
– Не можеме да го разбереме влезот на АЛТА во Македонија без да го разгледаме начинот на кој банката ја градела својата економска позиција во Србија, каде што повеќе од 40 јавни претпријатија и десетици државни компании имале сметки во неа. Дали станува збор за капитал чија моќ произлегува од пазарната конкурентност или од привилегираниот пристап до државните финансиски текови?
Уште во 2024 година Европската централна банка реагирала поради непријавено усогласено стекнување акции во австриската Addiko банка од компании поврзани со групацијата АЛТА. На 14 октомври 2026 година се појавуваат дополнителни предупредувања поврзани со сопственикот Давор Мацура, а потоа следуваат губењето на дозволата за работа на банката во Србија и истрагата за сомнежи поврзани со околу 380 милиони евра.
Што знаеле нашите институции, кога дознале и кој реагирал? – запраша овој пратеник.
По политички договореното задолжување со Унгарија во износ до една милијарда евра, случајот АЛТА дополнително го отвора прашањето за економските односи со политичките центри во Будимпешта и Белград. Тоа е ризикот од корозивен капитал, односно кога политичката блискост може да ја потисне економската рационалност, а државните институции да станат средство за создавање деловни предности.
Најтешкиот облик на економска декаденција не е финансиската загуба, тоа е моментот кога граѓаните ја губат довербата дека државата знае да ги заштити нивните пари.




