Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ НА 60. МТФ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“: „ЦРНО ЗЛАТО“ ГО ЗАТВОРИ ЈУБИЛЕЈНОТО ИЗДАНИЕ

June 18, 2026 Filed Under: Ревија

„Амадеус“ ја освои публиката, „Црнила“ дел од главните награди, а „Црно злато“ го заокружи јубилејното 60. издание на фестивалот во Прилеп.

 

ЦРНО ЗЛАТО Претставата на Београдско драмско позориште, во режија на Оливер Фрљиќ, го затвори јубилејното 60. издание на фестивалот. Настапот во Прилеп беше прво гостување на претставата надвор од Србија

ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА

Со свеченото доделување на наградите и изведбата на претставата „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ и продукција на Београдско драмско позориште, во Прилеп беше затворено јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Годинашниот фестивал се одржа под мотото „Храбриот нов театар“, а во текот на фестивалската недела публиката имаше можност да проследи дел од најзначајните театарски остварувања од актуелната македонска продукција, како и богата придружна програма. Особено внимание привлече програмскиот фокус посветен на драмскиот автор Дејан Дуковски, еден од најзначајните современи македонски драматурзи.

Според оценките на публиката, за најдобра претстава беше прогласен „Амадеус“ од Питер Шефер, во режија на Андреј Цветановски, во изведба на Турски театар. Претставата освои и повеќе значајни признанија, меѓу кои наградата за најдобар млад актер „Трајко Чоревски“, што му припадна на Јеткин Сезаир за улогата на Моцарт, како и наградата за најдобра главна женска улога што ја доби Слаѓана Вујошевиќ за ликот на Констанца.

Наградата за најдобра режија му беше доделена на Дејан Пројковски за претставата „Црнила“ на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп. За улогата на Фезлиев во истата претстава, Димитар Ѓорѓиевски ја доби наградата за најдобра машка улога, која од оваа година го носи името на актерот Кирил Ристоски.

ДОБИТНИЦИ Ана Стојаноска со наградените на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ на свеченото затворање во Прилеп.

Меѓу наградените се најдоа и Сара Спиркоска, добитничка на признанието за млада актерка,за улогата на Неда, во претставата „Црнила, Александар Степанулески за најдобра машка споредна улога во „Мачкина глава“, како и Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за најдобра женска споредна улога во истата претстава. Наградата за сценографија ја доби Валентин Светозарев, за сценографијата во претставата „Црнила“, за костимографија беше наградена Марија Пупучевска за истата претстава, а признанието за најдобра музика ѝ припадна на Ирена Поповиќ-Драговиќ за претставата „Страв и надеж“ на НУ МНТ, која беше наградена и за уметничко остварување на претстава во целина за претставата „Страв и надеж“ на Татјана Мандиќ Ригонат.

Карактеристично за годинашното издание беше и тоа што четири фестивалски признанија останаа недоделени: наградите за рекламен материјал, кореографија и сценски движења, современа сценска драматизација и современ драмски текст.

На свеченото затворање се обрати уметничката директорка Ана Стојаноска, која го заокружи својот четиригодишен мандат на чело на фестивалот. Осврнувајќи се на изминатиот период, таа истакна дека во време на општа рамнодушност потребна е храброст за да се следи и реализира сопствената визија, заблагодарувајќи им се на соработниците, волонтерите и на публиката која во изминатите години му даде силна поддршка на фестивалот.

АНА СТОЈАНОСКА Со годинашното издание заврши четиригодишниот мандат на уметничката директорка

Во чест на наградените беше изведена претставата „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ и продукција на Београдско драмско позориште. Претставата беше изведена во рамките на програмата посветена на Дуковски како автор во фокус на годинашното издание, а настапот во Прилеп беше нејзино прво гостување надвор од границите на Србија. Отворајќи прашања за идентитетот, прифаќањето на различноста и семејните односи во современото балканско општество, претставата силно кореспондираше со фестивалското мото „Храбриот нов театар“. Публиката ја награди изведбата со долг аплауз, со што беше спуштена завесата на јубилејното издание на најстариот и најзначаен македонски театарски фестивал.

Filed Under: Ревија

ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ НА 60. МТФ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“: „ЦРНО ЗЛАТО“ ГО ЗАТВОРИ ЈУБИЛЕЈНОТО ИЗДАНИЕ
ПОЛИТИЧКИ ТЕАТАР НА ГРОБАРИТЕ НА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ
СУСПЕНЗИЈАТА ВО ВИЛАТА „ВОДНO“ ОТВОРА МНОГУ ДИЛЕМИ
ЗАГРОЗЕН ПРОЕКТОТ НА КУШНЕР И ИВАНКА НА ЈАДРАНОТ
КОМЕТА ЗАТАЛКАНА ВО ЖАНРОВСКАТА ЕДНОЛИЧНОСТ НА НАШИОТ ТЕАТАР

Најново

  • ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ НА 60. МТФ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“: „ЦРНО ЗЛАТО“ ГО ЗАТВОРИ ЈУБИЛЕЈНОТО ИЗДАНИЕ
  • ПОЛИТИЧКИ ТЕАТАР НА ГРОБАРИТЕ НА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ
  • СУСПЕНЗИЈАТА ВО ВИЛАТА „ВОДНO“ ОТВОРА МНОГУ ДИЛЕМИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet