Златната палма на Канскиот филмски фестивал му беше доделена на филмот „Фјорд“ од Кристијан Мунгиу. Тој еден од трите автори кои по втор пат ја земаат Златната палма

На 79-от Кански филмски фестивал, кој заврши на 24 мај, Златната палма му припадна на филмот „Фјорд“ од романскиот режисер Кристијан Мунгиу. Така, Мунгиу стана еден од ретките режисери кои двапати ја освоија Златната палма, како Франсис Форд Копола и Рубен Остлунд.
Тој ја доби својата прва Златна палма во 2007 година за филмот „Четири месеци, три недели и два дена“.
Главната награда на жирито ја освои рускиот режисер Андреј Звјагинцев за филмот „Минотаур“, а при прифаќањето на наградата, го повика претседателот на Русија, Владимир Путин, да „го запре крвопролевањето“.
Милиони луѓе од двете страни на фронтовската линија сонуваат само за едно – масакрите да престанат. Единствената личност што може да го заврши ова крвопролевање е претседателот на Руската Федерација“, рече Звјагинцев.
Наградата за режија ја поделија шпанскиот тандем Хавиер Калво и Хавиер Амбрози за филмот „La Bola Negra“ и полскиот режисер Павел Павликовски за остварувањето „Tattland“.
Наградата од жирито ја доби германската режисерка Валеска Гризебах за филмот „L’Aventure reve“.
Наградата за сценарио ја доби францускиот режисер Емануел Мар за филмот „Notre Salle“, во кој, преку приказната за еден функционер од режимот Виши, ја прикажува баналноста на злото и ги критикува насилството, доминацијата и исклучувањето на другите.
Наградите за глума им беа доделени на две актерки, Вирџинија Ефира и Тао Окамото, додека наградата за најдобра машка улога ја поделија Емануел Макија и Валентин Кампањ за филмот „Coward“, љубовна приказна сместена за време на Првата светска војна.
Почесната Златна палма ѝ беше доделена на американската актерка и пејачка Барбра Стрејсенд, која не присуствуваше на церемонијата поради повреда на коленото, но се обрати на публиката во видео порака на француски јазик.
Златната камера за најдобар дебитантски филм ја освои режисерката од Руанда Мари-Клементин Дусабежамбо за филмот „Бени’имана“, за преживеаните од геноцидот во Руанда.
Златната палма за краток филм му припадна на аргентинскиот режисер Федерико Луис за „О адвертер“, за момче од сиромашен дел на Мексико кое сонува да стане шампион во бокс.




