Македонија со европско сребро, Ана Бергер со злато – тоа е резултат на тукушто завршеното европско првенство во параглајдеринг

Македонија е европски вицешампион во параглајдинг, а Ана Бергер е новата европска шампионка во женска конкуренција. На домашен терен, пред публиката во Крушево, македонската параглајдинг репрезентација стигна до историскиот успех – сребро во екипна конкуренција, додека Бергер го освои европскиот врв во поединечна женска конкуренција.
Европското првенство во параглајдинг се одржа од 8 до 19 август во Крушево, со учество на 130 пилоти од 30 земји. Словенија го освои златниот медал во екипна конкуренција, Македонија заврши на второто место, додека бронзата ѝ припадна на Шпанија.
ПАТОТ ДО ЕВРОПСКОТО СРЕБРО Македонија го започна првенството од деветтото место, но со секоја нова трка постепено напредуваше на табелата. На седмиот натпреварувачки ден тимот се искачи на третата позиција, а клучниот чекор кон среброто беше направен на 18 август, кога македонските пилоти успеаја да ја ндлетаат Шпанија и да се искачат на второто место.
Преостануваше уште само последниот натпреварувачки ден – и Македонија ја одбрани позицијата и го освои европското сребро.
Во текот на првенството беа одлетани девет трки, долги од 68 до 104 километри. Секој од пилотите прелета вкупно 813 километри и помина повеќе од 35 часа во воздух во деветте натпреварувачки дена. Дарко Станковски леташе без грешка во сите девет трки и постојано носеше одлични поени за тимскиот резултат. Мартин Јованоски, пак, во седум трки освои исклучително важни поени за македонскиот тим. На најдолгата трка на првенството, долга 104 километри, Јованоски не успеа да стигне до целта, но тогаш до израз дојде квалитетот и широчината на македонскиот тим. На сцената стапи Ѓорги Ристовски, кој со феноменален лет го спаси тимскиот резултат.
Важен дел од успехот беше и Ана Бергер, која со дисциплинираното и константно летање постојано беше во позиција да ги покрие евентуалните грешки на тимските колеги кои се бореа за највисоките позиции.
За историскиот резултат придонесоа и Глигор Зафиров, Александар Гацевски и Благоја Гроздановски, со несебичната поддршка во воздух, додека Јован Северов секојдневно обезбедуваше комплетна поддршка од земја.
Македонија со овој резултат продолжува да бележи сериозен напредок на европската и светската параглајдинг сцена. На Европското првенство во Србија во 2022 година заврши на четвртото место, една година подоцна освои бронза на Светското првенство во Франција, а сега направи уште еден чекор напред – до европско сребро.
Следната година на програмата е Светското првенство, а македонскиот тим веќе ја најавува амбицијата – напад на златото.




