И по четири години од примената на законот, ова прашање се уште е на маса бидејќи бизнисот повремено бара да се врати старото решение за работна недела

СУНЧИЦА СТОЈАНОВСКА ЗОКСИМОВСКА
Идејата денот недела да е работен ден повторно ги предизвикува работниците, откако заменик – министерот за економија и труд Марјан Ристески посочи дека треба да се разгледа таа можност. Ристески тоа го кажа во телевизиско гостување, како личен став и рече дека такво барање има и од стопанските комори, но прашањето треба да се разгледа на Економско – социјалниот совет.
Во Македонија, недела како неработен ден (со одредени исклучоци) почна да се применува од 1 јануари 2022 година, преку законски измени, на барање на Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ). И по четири години од примената на законот, ова прашање се уште е на маса бидејќи бизнисот повремено бара да се врати старото решение за работна недела, а работниците не отстапуваат од веќе стекнатото право на одмор.
Сега, од ССМ велат дека не ги изненадува изјавата на заменик – министерот за економија и труд без разлика дали е дадена како личен став или како владина политика.
ССМ се спротивставува на намери за кратење на работничките права и укажува дека функционерите треба да бидат претпазливи „во давање изјави со кои го откриваат своето вистинско лице и наговестуваат дека се политичари кои се против работниците“.
„Со изјавата ’Ако ме прашате мене, зошто да не се врати недела да биде работен ден’ која ја дал заменик – министерот Ристески, тој се става во улога на мегафон на газдите со кои очигледно има идентичен став и се надоврзува на барањето за укинување на празниците, па така, покрај газдите, се почесто и функционерите зборуваат за кратење на работничките права. Се поставува прашањето, дали Ристески некогаш работел во недела или работи денес, за да смета дека 90 отсто од работниците повторно треба да работат во недела“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ за Колегиум.мк.
(kolegium.mk)




