Научниците алармираат за последиците – рекордното затоплување на океаните и развојот на климатскиот феномен Ел Нињо би можеле да предизвикаат сериозни последици за времето, климата и морските екосистеми.

Дневните температури на површината на светските мориња достигнаа највисоки вредности досега забележани за ова време од годината, објавија денес Службата за климатски промени „Коперник“ (C3S) и Поморската служба „Коперник“, предупредувајќи дека рекордното затоплување на океаните и развојот на климатскиот феномен Ел Нињо би можеле да предизвикаат сериозни последици за времето, климата и морските екосистеми.
Според Службата за климатски промени „Коперник“, дневната температура на површината на морето на 21 јуни достигна 20,86 степени Целзиусови, малку надминувајќи го рекордот од 20,83 степени забележан во истиот период во 2023 и 2024 година.
Податоците од Поморската служба „Коперник“ покажуваат уште поголема вредност од 21 степен Целзиусов, што е за 0,1 степен повисоко од претходните рекорди. Според извештаите, ова е најголемото затоплување на океанот досега забележано за ова време од годината, објави ANSA.
„Се очекува овој рекорд да има последици врз временските обрасци, глобалната клима и морските екосистеми“, соопштија службите за набљудување на Земјата на вселенската програма на Европската Унија, потсетувајќи дека прогнозите укажуваат на веројатен силен развој на климатскиот феномен Ел Нињо.
Во соопштението се наведува дека новиот рекорд бил очекуван поради развојот на условите карактеристични за Ел Нињо во екваторијалниот дел на Тихиот Океан, односно анормалното затоплување на површинските води, што Светската метеоролошка организација го објави на 2 јуни, како и поради невообичаено високите температури на морето во неколку океански области во текот на претходните месеци.
Како што истакнува Коперник, рекордното затоплување го одразува истовременото влијание на климатските промени и почетокот на феноменот Ел Нињо, чиј интензитет, според сезонските климатски модели на C3S, би можел да достигне нивоа невидени со децении.

Потоплите океани имаат далекусежни последици, предупредуваат експертите. Повисоките температури на морето ја задржуваат топлината во атмосферата подолго време, обезбедуваат дополнителна енергија за развој на бури и го зголемуваат испарувањето, зголемувајќи го ризикот од екстремни врнежи и поплави. Затоплувањето на океаните, исто така, придонесува за зголемување на нивото на морето, забрзано топење на мразот и дополнителен притисок врз морските екосистеми.
Зголемените температури на површината на морето се поврзани и со сè почести и интензивни морски топлотни бранови, кои ги нарушуваат морските екосистеми, влијаат на рибарството и економијата на крајбрежните области и можат да ги интензивираат екстремните топлотни бранови на блиското копно, забележува италијанската новинска агенција.
Во исто време, Ел Нињо обезбедува дополнителен извор на топлина во атмосферата, ја зголемува просечната глобална температура и ги менува временските обрасци низ целиот свет.
Директорот на Службата за климатски промени „Коперник“, Карло Буонтемпо, процени дека сегашните услови би можеле да го означат почетокот на нова фаза од климатските промени.
„Со толку високи температури на океанот и Ел Нињо, веројатно ќе бидеме сведоци на рушење на нови температурни рекорди во наредните месеци“, нагласи Буонтемпо.




