Повеќе од една третина од Израелците покажуваат симптоми на ментални нарушувања. Здравствениот систем на земјата сè уште се бори со последиците од тој настан. Дури 87 отсто од оние кои ги лекуваат болните и самите покажале загрижувачки симптоми

Како што се приближува третата годишнина од нападот на 7 октомври, телото на Ронен Шалев испраќа погласни сигнали дека нешто се случува.
„Почнувате да се тресете“, вели тој за ДВ. „Не е само еден ден по кој продолжувате понатаму. Има многу гробови за посета, многу семејства за средба. Тешко е време и го чувствувате тоа во вашето тело.“
Неговите две деца беа на музичкиот фестивал „Нова“ во јужен Израел, каде што речиси 400 луѓе беа убиени во терористички напад извршен од палестинската милитантна група Хамас и нејзините придружни организации од Газа. Вкупно околу 1.200 луѓе беа убиени во нападот, а околу 250 беа земени како заложници.
Тој напад ја предизвика војната во Газа, за време на која Израел уби десетици и десеттици илјади Палестинци и расели голем дел од населението на територијата.
КОГА ТРЕТМАНИТЕ НЕ ПОМАГААТ Кратко по тој ден, сопругата на Шалев, Гавријела, исчезна. Нејзиното тело подоцна беше пронајдено во изгорен автомобил, заедно со проштално писмо. „Таа не можеше да ја поднесе тагата од тој ден“, вели Шалев.
Во исто време, неговиот син Рој почна да покажува симптоми на посттрауматско стресно растројство, главно во форма на екстремни промени во расположението. „Отиде на третман за да ме задоволи, но навистина не веруваше во тоа. Мислеше дека е добро, дека е силен“, се сеќава Шалев.
Две години по смртта на Гавријела, дури ни Рој не можеше повеќе да издржи.
„Жив сум, но внатре сум мртов“, напиша Рој во својата проштална порака, која ја објави на својот Инстаграм профил. „Жал ми е“.
Според извештајот на Државниот контролор на Израел од февруари 2025 година, околу 39 проценти од населението на земјата пријавило симптоми на посттрауматско стресно нарушување, депресија, анксиозност или комбинација од трите состојби, во умерена или тешка форма.
Ова вклучува околу три милиони луѓе, од кои 600.000 би можеле да имаат сериозни заболувања. Сепак, Извештајот покажува и дека бројот на луѓе кои примаат третман за проблеми со менталното здравје се зголемил за само еден процент од 7 октомври 2023 година, што е разлика од околу 60.000 луѓе.
Меѓу погодените групи се преживеаните од нападот, како и луѓе евакуирани од своите домови на југ и север од Израел поради војната.
Нога Даган-Бузагло е истражувач во Центарот Адва, организација која се занимава со прашања на нееднаквост во израелското општество. Таа напишала обемна студија за израелскиот систем за ментално здравје и предизвиците со кои се соочува по 7 октомври.
Таа за ДВ изјави дека иако буџетот за ментално здравје бил зголемен поради војната, тој бил недоволен и предоцна, бидејќи здравствениот систем се соочувал со постојана криза која не била соодветно управувана.
Нога Даган-Бузагло е истражувач во Центарот Адва, организација која се занимава со прашања на нееднаквост во израелското општество. Таа напишала обемна студија за израелскиот систем за ментално здравје и предизвиците со кои се соочува по 7 октомври. Таа за ДВ изјави дека иако буџетот за ментално здравје бил зголемен поради војната, но тој бил недоволен и предоцна, бидејќи здравствениот систем се соочувал со постојана криза која не била соодветно управувана.
„Најголемиот предизвик е привлекувањето луѓе да работат во јавниот систем за ментално здравје во Израел, и поради пониските плати во споредба со приватниот сектор и поради обемот на работа“, вели таа.

СЕДАТИВИТЕ КАКО ПРВО РЕШЕНИЕ Сегашната ситуација влијае и на професионалците за ментално здравје. Анкета на Универзитетот во Хаифа покажа дека 84 проценти од терапевтите кои ги лекувале луѓето погодени од нападот на 7 октомври самите покажуваат симптоми на траума, додека околу 45 проценти од нив пријавуваат дека се чувствуваат ментално исцрпено.
Министерството за здравство на Израел постојано изјавува дека го зголемило финансирањето и бројот на работни места во јавниот систем за ментално здравје, но недостигот на персонал продолжува, особено во периферните области на крајниот север и југ од земјата.
Поради овие проблеми, во извештајот се наведува дека времето на чекање за лекување во рамките на израелскиот јавен здравствен систем надминувало шест месеци. Во некои случаи, како што истакнува Даган-Бузагло, пациентите морале да чекаат повеќе од една година пред да добијат помош.
Невладините организации за ментално здравје и волонтерите се обидуваат да ги пополнат овие празнини, честопати борејќи се сами да се справат со обемот на работа. Тоа, исто така, доведува до зголемена употреба на лекови на рецепт. Некои луѓе се свртуваат кон супстанции како алкохол и дрога.
Министерството за здравство на Израел претходно оваа година објави дека забележало зголемување од 13 до 17 проценти во препишувањето седативи, апчиња за спиење и антидепресиви.
Најтешко погодени се оние кои не можат да си дозволат приватен терапевт. Даган-Бузагло го оценува одговорот на израелскиот јавен здравствен систем на оваа ситуација како „едноставно лош“.
ВОЈНИЦИ ВО РИЗИК Посебно внимание се посветува на војниците кои учествуваат во борбени операции.
Статистиката објавена од израелскиот парламент и Израелските одбранбени сили (ИДФ) покажува нагло зголемување на самоубиствата кај резервистите: од максимум еден случај годишно во шесте години пред почетокот на војната, до 11 случаи во 2024 година, а уште девет случаи се истражуваат како сомнителни самоубиства во 2025 година. Овие податоци не ги вклучуваат поранешните војници кои извршиле самоубиство поради траума по службата.
Даган-Бузагло, истражувачка во Центарот Адва, вели дека иако експертите кои работат за војската имаат подобри плати и услови за работа, недостатокот на персонал е сè уште очигледен. „Дури и во војската, должината и квалитетот на третманот во никој случај не се задоволителни“.
Таа верува дека на системот му е потребна поголема поддршка, за да го реши проблемот и за цивилите и за војниците. „Мора да го прифатиме фактот дека траумата не завршува по една година. Тоа значи инвестирање пари.“
КРИЕЊЕ ТАБУА Ронен Шалев редовно држи предавања и води дискусии за важноста на менталното здравје, честопати пред групи војници. Тој верува дека ова е најдобриот начин да се продолжи наследството на неговиот син – борбата за живот.
Шалев, на кого самиот му е дијагностицирано посттрауматско стресно растројство (ПТСН), вели дека решил да го живее животот до максимум.
Неговата порака е: табуто за самоубиство – кое сè уште постои во израелското општество – мора да се скрши. „Ова е особено точно за оние кои велат дека се силни. Тие се оние за кои треба да се грижите, бидејќи е помалку веројатно да побараат помош.“
За Шалев, јавното зборување за искуството на неговото семејство стана дел од неговото сопствено закрепнување, но и начин да ги охрабри другите да побараат помош пред да стигнат до пресвртница.
„Животот, и покрај болката, сè уште вреди да се избере“, заклучува тој.
(Дојче Веле алармира на претпазливост за темата самоубиство, бидејќи постојат индикации дека некои форми на известување можат да доведат до имитација.)




