Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

АНДРЕА НАКОВА: „ГНЕЗДО“ Е МЕСТО КАДЕ ШТО СЕКОЕ ДЕТЕ ЗАСЛУЖУВА ШАНСА ЗА ПОДОБРА ИДНИНА

October 29, 2026 Filed Under: Македонија

Идејата на проектот беше да создадеме безбедно и пријатно место за децата кои живеат во сиромаштија или се изложени на социјален ризик, каде што ќе можат да добијат образовна, психосоцијална и секојдневна поддршка

НАКОВА Ова е проект на Здружението „Новинари за човекови права“ – Скопје, во партнерство со ЕКПАТ Австрија и Сојузното министерство за социјални прашања на Австрија

Како едно безбедно катче во Скопје им го менува животот на најранливите? Проектната координаторка Андреа Накова за Брц.мк открива што значи вистинска поддршка за децата во социјален ризик и како секој од нас може да биде дел од решението.

Во Неделата на борба против гладта и по повод Светскиот ден на храната и Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата разговаравме со Андреа Накова, проектен координатор во Здружението „Новинари за човекови права“ – Скопје. Таа е дел од тимот кој стои зад Дневниот центар „Гнездо“ – безбедно прибежиште кое секојдневно нуди образовна, психосоцијална и материјална поддршка за децата изложени на социјален ризик и нивните семејства.

Во интервјуто за Брц.мк со Накова поразговаравме за нивната досегашна работа и видливите промени кај повеќе од 100 деца кои се дел од центарот, но и за новиот регионален проект кој има за цел холистичка поддршка на ранливите домаќинства. Во интервјуто таа се осврнува на неодамнешната акција за донација на храна, континуираните потреби на граѓаните кои живеат во сиромаштија и испраќа моќна порака за тоа колку малку е потребно за да бидеме солидарни и да промениме нечие секојдневие.

За почеток, кажете ни нешто повеќе за Дневниот центар „Гнездо“. Кога беше отворен и која е неговата основна цел?

– Дневниот центар „Гнездо“ официјално беше отворен во мај 2025 година, како дел од проектот „Зајакнување на иднината – деца на улица, детска сиромаштија и семејства погодени од сиромаштија во Северна Македонија“, кој го спроведува Здружението „Новинари за човекови права“ – Скопје, во партнерство со ЕКПАТ Австрија и со финансиска поддршка од Сојузното министерство за социјални прашања на Австрија.

Отворањето на центарот беше резултат на заеднички напори и соработка со надлежните институции, особено Центарот за социјална работа – Скопје, кој го обезбеди просторот за неговото функционирање.

Нашата идеја беше да создадеме безбедно и пријатно место за децата кои живеат во сиромаштија или се изложени на социјален ризик, каде што ќе можат да добијат образовна, психосоцијална и секојдневна поддршка.

Уште од самиот почеток сакавме „Гнездо“ да биде повеќе од дневен центар. Да биде место каде што децата ќе се чувствуваат прифатени, каде што ќе можат слободно да учат, да играат, да создаваат пријателства и, пред сè, да бидат деца.

ИГРА Околу 100 деца секојден добиваат обрзовна, психо-социјална и материјална поддршка

Колку деца досега биле вклучени во центарот и какви услуги добиваат?

– Од отворањето до денес, во Дневниот центар „Гнездо“ се запишани повеќе од 100 деца. За нас ова е значаен резултат, но истовремено и показател колку е голема потребата од ваков вид поддршка.

Во центарот децата добиваат помош при учење и совладување на училишниот материјал, учествуваат во креативни и едукативни работилници, добиваат психосоцијална поддршка и развиваат социјални и животни вештини. Обезбедуваме и оброци, како и материјална поддршка во согласност со нивните потреби.

Покрај работата со децата, големо внимание посветуваме и на нивните родители и семејства. Нашиот стручен тим работи на советување, поддршка при остварување права, поврзување со институциите и надминување на секојдневните предизвици.

Особено значаен чекор за нас беше и добивањето лиценца од Министерството за социјална политика, демографија и млади, со што се создаваат дополнителни можности за одржливост и континуитет во обезбедувањето услуги.

Сепак, она што најмногу нè радува не се само бројките, туку промените што ги гледаме кај децата – нивната самодоверба, напредокот во училиште и радоста со која секојдневно доаѓаат во „Гнездо“.

Неодамна започнавте со реализација на нов проект. За каков проект станува збор и што предвидува тој?

– Од 1 октомври 2026 година започнавме со реализација на новиот проект „Интегриран центар за холистичка поддршка и социјални услуги“, кој претставува продолжување и надградување на досегашната работа на „Гнездо“.

Проектот се реализира со финансиска поддршка од Сојузното министерство за социјални прашања на Австрија, преку ЕКПАТ Австрија, во партнерство со Здружението „Новинари за човекови права“ од Северна Македонија и организацијата „Нисма АРСИС“ од Албанија.

Станува збор за регионален проект кој се спроведува во Скопје и Тирана, со цел да се развие интегриран модел на поддршка за деца, возрасни и семејства кои се соочуваат со сиромаштија и социјална исклученост.

Во рамки на проектот е предвидено да бидат опфатени вкупно 180 ранливи домаќинства, односно приближно 600 лица во двете земји.

Посебен акцент ставаме на индивидуалниот пристап кон секое семејство, препознавањето на неговите потреби и изработката на планови за поддршка и развој.

Нашата цел не е само да помогнеме во моментот кога едно семејство се соочува со тешкотии, туку да работиме заедно со него на создавање долгорочни можности за подобар и посамостоен живот.

Колку е важна поддршката од граѓаните, компаниите и волонтерите за функционирањето на „Гнездо“?

– Поддршката од заедницата е непроценлива. Во изминатиот период имавме можност да соработуваме со голем број општествено одговорни компании, институции, организации и поединци кои на различни начини придонесоа за нашата работа.

Некои помогнаа со храна, други со облека, училишни материјали, опрема или со своето време и знаење.

Посебно место во нашата работа имаат волонтерите, кои со својата енергија, посветеност и идеи внесуваат дополнителна вредност во секојдневието на децата.

Веруваме дека вистинските промени се случуваат тогаш кога заедницата ќе препознае дека грижата за најранливите е заедничка одговорност.

Одбележувајќи го Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата организиравте и акција за донација на храна. Како помина акцијата и дали граѓаните сè уште можат да се вклучат?

– По повод 17 Октомври – Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, упативме повик за солидарност и донација на основни прехранбени и хигиенски производи за семејствата со кои работиме.

Во текот на оваа недела собиравме донации од граѓани и поддржувачи, а од собраните производи успеавме да подготвиме 15 пакети за семејства, кои се наменети за поддршка во тековниот месец.

Станува збор за основни прехранбени намирници, како тестенини, ориз, грав, леќа, конзервирана храна, шеќер, сол, производи за деца, како и средства за лична хигиена.

Особено ни е важно што преку оваа акција успеавме да ја поттикнеме солидарноста и да покажеме дека секој може да придонесе, без разлика на големината на донацијата.

Повикот останува отворен, бидејќи потребите на семејствата не завршуваат со одбележувањето на еден датум. Сиромаштијата е секојдневен предизвик, а нашата поддршка кон семејствата е континуирана.

Ги повикуваме сите граѓани и општествено одговорни компании кои имаат можност да се вклучат и да донираат прехранбени производи и средства за хигиена. Донациите можат да се достават директно во Дневниот центар „Гнездо“, на булевар „Трета Македонска Бригада“ бр. 10А во Скопје.

Што следува во наредниот период? Дали подготвувате нови активности?

Во наредниот период нè очекуваат повеќе нови активности, како за децата што го посетуваат центарот, така и за нивните семејства и пошироката заедница.

Продолжуваме со едукативни и креативни работилници, активности за развој на животни вештини, поддршка на родителите, волонтерски иницијативи и активности насочени кон поголема социјална вклученост.

Воедно, со реализацијата на новиот проект отвораме дополнителни можности за поддршка на ранливите семејства и за зајакнување на соработката со институциите, компаниите и граѓанскиот сектор.

Ги повикуваме граѓаните да ја следат Фејсбук-страницата на Здружението „Новинари за човекови права“, каде што редовно ќе објавуваме информации за претстојните активности, новите иницијативи, повиците за донации и можностите за волонтирање и соработка.

И за крај, која порака би сакале да ја испратите до граѓаните?

Би сакала да потсетам дека зад секоја бројка што ја споделуваме стои нечие дете, нечие семејство и нечија животна приказна. Кога зборуваме за повеќе од 100 деца, тоа за нас не е само статистика, туку повеќе од 100 различни приказни, желби и соништа. Секое од тие деца заслужува еднакви можности, без оглед на условите во кои расте.

Верувам дека промената започнува од нас самите. Често очекуваме некој друг да преземе нешто, а забораваме колку можеме да придонесеме и ние како поединци. Не мора да направиме нешто големо за да промениме нечие секојдневие. Понекогаш е доволна мала донација, малку од нашето време или едноставно желба да помогнеме.

Не можеме сами да ја искорениме сиромаштијата, но секој од нас може да биде дел од решението. Ако сакаме да живееме во похумано и посолидарно општество, промената треба да започне токму од нас.

Ј. Ѓорѓиоски

 

Filed Under: Македонија

МАКЕДОНСКИ ЕНЕРГЕТСКИ МОДЕЛ: НУЛА ЕВРА ЗА ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА СТРУЈА
ЖЕРНОВСКИ: ТРИДНЕВНА ВНАТРЕПАРТИСКА ЖАЛОСТ ВО ВМРО ДПМНЕ
ЈOТОВА НАСПРОТИ ЃУРОВ: КАКО СЕ СТОПИ ЈАЗОТ И ШТО СЛЕДИ?
МАРТИНОВСКИ ДОБРО ПОМИНА НА ЛИКОВНАТА „БЕРЗА“
ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (200): КОГА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕРУВА ВО БЕСМРТНОСТ?!

Најново

  • МАКЕДОНСКИ ЕНЕРГЕТСКИ МОДЕЛ: НУЛА ЕВРА ЗА ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА СТРУЈА
  • ЖЕРНОВСКИ: ТРИДНЕВНА ВНАТРЕПАРТИСКА ЖАЛОСТ ВО ВМРО ДПМНЕ
  • ЈOТОВА НАСПРОТИ ЃУРОВ: КАКО СЕ СТОПИ ЈАЗОТ И ШТО СЛЕДИ?

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet