Промените во Србија не се само српска работа. Тие треба и мора да се почеток на демонтирање на системот од мрежи што со години ги поврзува политиката, бизнисот и медиумите во регионот

Траорната атмосфера во партијата на Мицкоски по поразот на Вучиќ само го потврдува тоа што СДСМ го зборува повеќе од две години. Имам чувство дека самиот Мицкоски да изгубеше, немаше да биде прогласена оваа тридневна внатрепартиска жалост.
За разлика од нашиве „патриоти”, Србија, но и и регионот, го слават падот на Вучиќ и почетокот на распаѓањето на неговиот балкански октопод.
Промените во Србија не се само српска работа. Тие треба и мора да се почеток на демонтирање на системот од мрежи што со години ги поврзува политиката, бизнисот и медиумите во регионот, а врз која Мицкоски ја градеше сопствената моќ во Македонија. Затоа, многу наивно и лекомислено е да се тврди дека СДСМ слави туѓа победа, или туѓ пораз. Не, туку се слави една искрена надеж дека ова значи отворање на простор за расчистување со корупцијата и заробените институции и во Македонија.
Христијан “Никогаш Северна” Мицкоски не е случаен партнер на Вучиќ и Орбан. Напротив. Го презеде нивниот модел на владеење, бездушно и заветно овозможувајќи Македонија да стане полигон за нивните политички, безбедносни и финансиски интереси.
Зарем има некој наивен кој мисли дека е случајно што токму во мандатот на оваа власт, европските институции преку своите извештаи ја отворија и темата за влијанието на концептот „српски свет“ врз нашата држава.
А сега доаѓаат и прашањата за парите. Ах тие пари, нели?
Во Унгарија веќе се отворија истраги поврзани со кредитните зделки по кинески рецепт на Орбан и Мицкоски. Нашите граѓани уште го чекаат одговорот на прашањето како е договорен кредитот од една милијарда евра што Мицкоски го претставуваше како голем успех и на прашањето каде завршија тие пари.
Паралелно на тоа, сега и Белград ќе отвори низа на сериозни прашања, како на пример за влезот на сомнителниот српски капитал преку Алта банка, енергетските и бизнис релации меѓу комшиските браќа, медиумските режимски испостави, секако и случајот со петте тони дрога.
Обрачот околу Мицкоски од ден на ден се стега, бидејќи се отвораат прашањата од кои тој најмногу бега: колкав криминал и колкава штета е направена, и дали кога им служеше на Орбан и Вичиќ, ги штитеше интересите на македонската држава и македонските граѓани или, пак, ги штитеше своите интереси?
Да резимираме.
По падот на Вучиќ и Орбан, Мицкоски станува сè поизложен, поранлив, понемоќен. Се распадна мрежата што му даваше политичка поддршка и бизнис заштита.
А дури и во белата палата знаат дека кога паѓаат заштитниците, доаѓа редот на нивните политички и бизнис клиенти.




