Податоците говорат дека оваа година благодарение на мерките кои ги донесе МЗШВ имаме зголемен број на пријавени правни субјекти во агро бизнисот. Во април 2022 година бројот на запишани правни лица е зголемен за 50 отсто во однос на истиот период во 2011 година – велат од МЗШВ.
Се повеќе компании и граѓани се насочија кон земјоделството, особено во последниве месеци, откако почна кризата во прехранбената индустрија. Сепак, неизвесно е дали растот на цените на основните прехранбени производите или субвенциите се главен поттик кај компаниите за ориентирање кон земјоделството. Изминатиов период се забележува дека има драстично зголемен број на новорегистрирани компании во областа на одгледување житни култури и маслодајни семиња во Централниот регистар – ова го соопштии неодамна министерот за земјоделство Николовскина на официјален прес.
– Нашите информации, согласно податоците од Единствениот регистер на земјоделски стопанства (ЕРЗС), кој го води Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), говорат дека оваа година благодарение на мерките кои ги донесе МЗШВ имаме зголемен број на пријавени правни субјекти. Во април 2022 година бројот на запишани правни лица е зголемен за 50 отсто во однос на истиот период во 2011 година – велат од МЗШВ.
Од Министерството дополнуваат оти условите кои треба да ги исполнат компаниите за да добијат субвенции се исти како и за земјоделските стопанства, а основен услов е да бидат регистрирани во ЕРЗС.
– Со измената на Уредбата за директни плаќања според која од денеска започнува пријавувањето на сите субјекти кои аплицираат за субвенции, критериумите се многу поволни и мотивирачки па затоа и интересот е зголемен, што значи дека мерките даваат резултати – потенцираат од Министерството.
Од МЗШВ истакнуваат дека согласно нивните очекувања производството на житни култури и сончоглед треба да се зголеми од 20 до 30 отсто во зависност од производниот регион и можностите за наводнување.
Инволвираните во земјделството посочуваат дека единствена мана со зголемениот интерес за отворање фирми во областа е кампањското работење, кое може да ги намали цените и повторно да доведе до намалено производство.
– За земјоделството е карактеристично да се зголеми интересот за засадување нови култури ако се зголемат цените. Кампањските тенденции во земјоделството се познати, но тоа е на штета на сите учесници. Потребни се политики кои ќе ги договорат сите чинители и кои ќе се почитуваат, а кои ќе овозможат долгорочно планирање и договорање околу засадените површини, и целите кои сакаме да ги постигнеме. Маната во кампањско садење на одредени култури е краткотрајноста. Ваквите тенденции не опстојуваат долг период, па можно е следната година, ако состојбата се стабилизира и на пазарите повторно има поевтина понуда од странство, да се напуштат овие тенденции на зголемен интрес. Ако се направи сеопфатена стратегија и со неа се дефинира колку ќе се засадува од одредена култура, било да станува збор за пченица, пченка, јачмен, маслодајна репка, шеќерна репка, сончоглед… тогаш тие планови треба да се почитуваат и да се реализираат согласно договореното. Со добар план може да се обезбедат и доволно количини од потребните производи и за производство на млеко и млечни производи, а оттаму и месо – вели ЗА медиумите претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски.
Според овој искусен производител непознавањето на работата со одредени култури може негативно да се одрази врз производството бидејќи и земјоделството, или обработката на земја и производството на одредена култура сака знање и искуство.
– Непознавањето на работата носи ризик од несупех. Заинтересираните треба да знаат за која култура кое земјиште е најсоодветно, а прашање е дали имаат и како планираат да го најдат соодветното земјиште и соодветната локација за одгледување на културата која планираат да ја засадат. Дополнително дали новоформираните компании ќе знаат како да ја обработат земјата, дали ќе имаат соодветна механизација, дали ќе знаат какви ѓубрива се користат во конкретен случај и многу други финеси треба да проучат ако се одлучат за земјоделството. Добро е што има поголем интерес, но ќе биде потребно да се комбинира со знање и искуство за да вроди со резултати, во спротивно ризикот од неуспех е многу голем – додава Станковски.
Од Министерството за земјоделство посочуваат дека за добивање субвенции за поледелските култури корисници кои во производна 2021/2022 година имаат засеани и ожнеани површини со поледелски култури со пријавена површина над 1 хектар збирно за следните култури: јачмен, пченица, рж, овес и сончоглед, а се корисници од подмерката 1.1. оствареното производство да е продадено во преработувачките капацитети вклучително и произведените жита за потребите на сопствениот преработувачки капацитет, а запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи. Висината на поддршката е условена со остварени просечни приноси над 4.000 килограми за хекатар пченица, 3.000 килограми за хектар јачмен, 3.000 кг/ха за рж, 3.000 кг./ха за овес и 1.500 кг./ха за сончоглед. Висината на директните плаќања за засеана површина со јачмен, пченица, рж, овес и сончоглед изнесува 5.760 денари по хектар.
Програмата за спроведување на Интервентниот фонд во земјоделството предвидува поддршка за полјоделско производство, за набавка на вештачко ѓубриво за стратешките култури, како пченица, јачемен, пченка и сончоглед предвидува корисници на оваа мерка во производната 2021/2022 година да имаат засеани површини со пченица, јачмен и пченка како и имаат набавено вештачки ѓубрива за прихрана на посевите во период од 1 декември 2021 година до 31 мај 2022 година.
На поддршка за вештачко ѓубриво може да се надеваат и стопанства кои оваа година имаа засадено сончогледи и набавено ѓубрива од почетокот на годината до крајот на месец мај. Оние кои ќе засадат пченица и јачмен за производство на сертифициран семенски материјал исто така може да добијат поддршка ако набават ѓубирава до крајот на јуни оваа година. Висината на поддршката изнесува 4.000 денари по хектар за набавка на вештачки ѓубриња и тоа во количина најмалку од 200 килограми по хектар за пченица и пченка. Потоа 2.500 денари по хектар за набавка на вештачки ѓубриња во количини најмлаку од 200 килограми по хектар за јачмен, а исто толкава сума се добива и за ѓубирава за 100 килограми по хектар сончогледи. Додека пак по 400 денари е планирано по за трошок за набавка на течни фолијарни ѓубрива во количина најмалку од 6 литри по хектар за пченица, јачмен, пченка и сончоглед.
Зголемени приноси од житни култури може да се очекуваат оваа сезона доколку времето и понатаму остане во овие разумни температурни граници. Поголеми приноси на пченица, но и сончоглед може да се очекуваат и поради зголемените површини кои оваа година се засадени со овие две култури. Упатените за Фактор посочуваат дека со растот на цените на светските берзи покрај тоашто дојде до драстичен пораст на цените на основните прехрамбени продукти во малопродажба, исто така се зголеми и интересот за одгледување на дел од овие култури.
– Од она што го забележуваме на терен, и од сегашните временски прилики можам да кажам дека може да се очекува позитивен ефект кај производството на земјоделски култури. Со заладувањето и дождовите културите се освежија, освен онаму каде што има штети од невремето и од градот. Но, генерално очекуваме подобар род годинава и кај јачменот, и кај пченицата, па и кај сончогледот. Се забележа исто така дека оваа година имаме значително поголеми површини кои се засадени со пченица и со сончоглед. Има многу одгледувачи кои лани саделе пченка, но годинава се ориентираа кон сончоглед. Добро е што се враќаат на нивите, но битно ќе биде какви цени ќе им бидат понудени на земјоделците за откуп на производите, за да бидат поттикнати и следната сезона да садат и да ги одгледуваат овие култури – вели Ангелко Ангелески, агрометеоролог при Управата за хидрометеоролошки работи.
Ангелески потенцира оти и покрај зголемените површини засадени со основните култури, и покрај зголемениот принос кој се очекува, сепак, домашните потреби од жито, или сончогледово масло нема да може да ги задоволиме без увоз.
– Очекувано е приносите да бидат поголеми и кај пченицата и кај јачменот, па и кај сончогледовото масло, но сепак, тие се далеку од доволни за задоволување на домашните потреби од овие производи. Сепак, за да се вратат културите на нивите, и за да се зголеми домашното производство, битни се владините политики и откупните цени кои ќе овозможат земјоделци да ги покриваат трошоците за да бидат мотивирани за одгледување земјоделски култури. Се забележува дека во Пелагонија има зголемено засадување на сончоглед, но и во други региони – додава Ангелески.