Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ГРДОТО ПАЈЧЕ И ИДЕНТИТЕТОТ

August 24, 2026 Filed Under: Колумни

ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОВСКА

Грдото пајче не знае дека ќе стане лебед. Тогаш – дали има идентитет на лебед? А ако му го снема и идентитетот на грдо пајче – што е?

Во едно интервју пред шеесетина години, Роберт Хајнлајн изјавил дека постојат само три вида приказни: Јунакот го спасува светот, Принцот спасува девојка и Грдото пајче. Самиот тој признава дека вториот шаблон е најчесто само варијанта на првиот. Суштински, се работи за два основни наратива: Јунакот што спасува нешто/некого ОД некоја страшна бестија и Грдото пајче. Може лесно да се согледа дека шаблонот на Грдото пајче го следат и Пепелашка, Пинокио, Снежана,…

Не би требало овие два наратива да ги гледаме само како литературни шеми или драмски алатки. Сметам дека тие се основи за ИДЕНТИТЕТ според кои функционираат и се градат луѓето и општествата.

Нема друга приказна која може да биде основа за идентитет освен овие два шаблона што Хајнлајн ги издвојува. Може да има појаки или послаби варијанти или нивни комбинации. Некои приказни (на пример Икар, Одисеј Вавилонска кула, будистичкиот Вечен круг…) немаат идентитетска основа.

Шаблонот на Грдото пајче – но пајче за кое не е јасно дали е лебед додека не се потруди да биде , е основа за ИДЕНТИТЕТ НА РАЗВОЈ (можеби како „Пигмалион” на Џ. Бернард Шо?) Во тој наратив секојдневниот напор има смисла бидејќи насоченоста е кон иднината. Поединецот е уверен во својата сврха (смислотворност) и таа увереност владее во секоја големина на колектив, до самиот обем на општеството. Визијата и очекувањето дека трансформацијата од грдо пајче во лебед е возможна е моторот што ги движи луѓето и општествата. Таа станува всушност мотор на цивилизацијата.

Другиот тип на приказна за Јунакот-спасител го претставува ИДЕНТИТЕТОТ НА КОНФЛИКТ. По овој шаблон идентитетот се гради преку егзистенцијална закана. Системот функционира преку постојано дефинирање на „чудовиште“, што ја оправдува неопходноста од јунак.

Равенката на шемата е едноставна, ТУЃО=ЛОШО, еквиваленција што го обезбедува горивото на шемата Јунак-спасител. Масата престанува да го препознава лошото директно, туку само како причинско- последично од „туѓото”.

За разлика од Грдото пајче, оваа шема редовно доведува до некаква деструкција – масовно се умира или јунакот-спасител е тешко повреден. Всушност, карактерот на самиот јунак-спасител е идентификатор на варијантата за кој идентитет на конфликт се работи. Во агресивните варијанти јунакот е задолжително простак. Простиот камен може да го прогласи кокичето за непријател (далеку покомплексна, повисока форма од него) и да го смачка. Тука лежи основата на антиинтелектуализмот, фашизмот, нацизмот, па и национализмот.

Варијантата на Прометеј (Исус, Хорус, Кецалкоатл…), се издвојува во механизмот на идентитетот на конфликт, со тоа што јунакот-спасител ги спасува масите против поапстрактно зло (незнаење, непланирање, недоверба,…) Ваквиот јунак-спасител работи во насока на креативистичко активирање на масите, практично терајќи ги да го усвојат концептот на Грдото пајче. Во секоја друга поагресивна варијанта на идентитетот на конфликт, „јунакот-спасител” ја бетонира пасивноста на масата или ја активира кон уништувачки импулс.

Македонското општество понекогаш се наоѓаше во оригиналот од приказната за Грдото пајче (во која пајчето не ни замислува дека некогаш ќе стане лебед, а еднаш и се осмели да замисли…) Истовремено, упорно е пасивно стационирано во мувла од очекувања од неколку јунаци-спасители. Односно, општеството толку ни е пасивно, што дури не е веќе ни нешто загреано да има јунак-спасител, а не па спасителот да му дефинира кој и што е „чудовиштето”.

Денес, иако не жестоко, многу лабаво резонираме на идентитетот на конфликт, дел од нас се надеваат на варијантата на јунак-спасител од тип на Прометеј/Исус/Хорус/Кецалкоатл…. На јунак – социјалист, всушност. Се разбира тука се нашите мрачни високи свештеници да ја испијат и таа искра со догматизирање на Исус. Како и десната франшиза што лепи „комуњар” без памет и знаење.

Ми се чини дека преку Југославија всушност сме се КАЧИЛЕ на ниво на Грдото пајче, со евентуални светли проекции за лебед. Сега паѓаме и од нивото на Грдо пајче. Сега нема Тито, нема ни поапстрактно – Прометеј, а идејата за Исус се злоупотреби за антисоцијални  (читај: про- олигархиски) цели.

На основа на традициската инерција од генерациите кои ја граделе Југославија од нула – со раце и лопата, сепак развојниот идентитет е возможен. Но тој е самоблокиран. И идентитетот на конфликт е одвај крепен, вештачки. Двата вектори, КОНСТРУКТОР И ДЕСТРУКТОР, како базни носители на идентитет се изјаловени во Македонија. Нит’ сме да направиме асално, нит’ да го казниме неасалното… Ние сме фантоми.

Filed Under: Колумни

НAJГОЛЕМАТА ГЛОБАЛНА АНАЛИЗА ПОТВРДУВА – mRNA ВАКЦИНИТЕ СЕ БЕЗБЕДНИ
ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (191) РУСИТЕ НЕ СЕ СПОСОБНИ ЗА САМОСТОЈНА АКТИВНОСТ
ВЛАДИНА ДИОПТРИЈА: ПАРИ ЗА АВИОН ИМА, ПАРИ ЗА ПЛАТА НЕМА
ЗАСТАНИ, ЗАСТАНИ ИБАР ВОДО: КАКО И КОГА СЕ ПРЕНАСОЧУВА ТЕКОТ НА РЕКАТА
ЖEНАТА НА КОЈА ТРАМП НАЈМНОГУ И ВЕРУВА: КОЈА Е НАТАЛИ ТРАМП?

Најново

  • НAJГОЛЕМАТА ГЛОБАЛНА АНАЛИЗА ПОТВРДУВА – mRNA ВАКЦИНИТЕ СЕ БЕЗБЕДНИ
  • ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (191) РУСИТЕ НЕ СЕ СПОСОБНИ ЗА САМОСТОЈНА АКТИВНОСТ
  • ВЛАДИНА ДИОПТРИЈА: ПАРИ ЗА АВИОН ИМА, ПАРИ ЗА ПЛАТА НЕМА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet