Парламентите во С. Македонија и Бугарија имаат усвоено свои декларации кои се поништуваат едната со другата, така што строгото придржување кон словото на декларациите значи дека решение нема да има. Но, декларациите не се запишани во камен – констатира проф.Денјко Малески. Што ќе постигне министерот османи на состанокот во Софија?
Берлин останува предводник на европската перспектива на Северна Македонија и на целиот регион. Почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија е високо на агендата на германското МНР и Влада, објави на неговиот фејсбук профил шефот на дипломатијата Бујар Османи, по средбата во Берлин со Ана Лирман, државната министерка за Европа во германското МНР.
– Европската интеграција на државите од Западен Балкан стана безбедносно прашање и неговото заокружување е придонес во опстојувањето на европската безбедносна архитектура, наведува Османи на фејсбук статусот.
Во рамки на посетата на Берлин, министерот Османи, претходно во Бундестагот имаше средби со Михаил Рот, претседател на Комисијата за надворешни работи, и со Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за ЕУ прашања, при што исто така, бил реафирмиран германскиот ангажман и поддршка на европскиот пат на Северна Македонија.
Во изјава од Берлин шефот на дипломатијата оценува дека ова е важна работна посета на Германија каде што разговарале за предизвиците наметнати од руската агресија во Украина и блокираната европска перспектива на регионот, како извор на системска ранливост.
– Ги нформирав германската Влада и германскиот Бундестаг за чекорите кои ги презеде Република Северна Македонија за да постигне стопостотна усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ и со тоа покажа зрелост, но и доследност како партнер на Европската Унија, но и НАТО-член во регионот, а секако ја информирав Владата и Парламентот за текот на разговорите со Република Бугарија. Притоа констатирајќи дека е време Република Бугарија да покаже стратешко лидерство со цел да се прекине овој токсичен круг на односи којшто се провлекува со години и остава трајни последици помеѓу граѓаните од двете страни на границата, а секако и ЕУ да презема стратешко лидерство кон регионот заради тоа што овие историски моменти го наметнуваат токму тоа – вели во изјавата од Берлин Османи
Во својот текст „Македонија и Бугарија се разминуваат како бродови во магла“ професорот Денко Малески се обидува да одгоовори на тоа – штоо значи изјавата на премиерот Петков дека на Македонија ќе и треба десет години да стане членка на ЕУ и што ќе донесе посетата на нашиот минстер Османи на Софија. И се разбира, неизбежното прашање: ќе добиеме ли датум за почеток на преговорите во јуни.
Веќе сите распознаваме две струи во бугарската политика: едната националистичко-популистичка на претрседателот Радев и втората „модернистичка“ на премиерот Петков. Притоа, разликата е во пристапот кон решавање на спорот а не во самиот спор. Првиот е на ставот дека условите поставени од Бугарија мора да се исполнат пред да се закаже меѓувладина конференција со ЕУ, додека вториот како да укажува дека десетгодишниот процес на пристапување им дава доволно време на двете страни да ги распреткаат јазлите на минатото. Вториот пристап е вистинскиот затоа што брзо решение нема, а сегашнава позиција е: ќорсокак.
Бугарија е парламентарна демократија во која животот на владата зависи од мнозинството во парламентот. Во таа смисла, се чини дека, поголем е маневарскиот простор на македонската влада отколку на бугарската. И двата парламенти имаат усвоено свои декларации кои се поништуваат едната друга, така што строгото придржување кон словото на декларациите значи дека решение нема да има. Но, декларациите не се запишани во камен. Таква декларација имаше и меѓу грчките партии околу името Македонија, па сепак, под притисок од САД и со храброста на двајцата премиери, после 25 години, се постигна компромис. Порано или подоцна, истото ќе мора да се случи и во бугарско-македонскиот спор. Интересно, иако сите велат дека македонско-бугарскиот спор е потежок од македонско-грчкиот, сите се однесуваат како да ќе се разреши самиот од себе.
Војната во Украина и неизвесната иднина на светскиот мир и на целиот меѓународен поредок во годините пред нас, бара единство на НАТО и надминување на внатрешните несогласувања. Во таа смисла се и притисоците од Вашингтон и од Брисел кон Бугарија да го крене ветото. Од друга страна истата војна го зајакна значењето на сојузот на демократските земји, па единството на Западниот сојуз доби уште поголема тежина во однос на аспирациите на идните членки како Македонија.
Сепак она што е разочарувачко е дека нема идеи за решение, последица и на фактот дека односите со Бугарија се се уште табу тема кај нас, па сме постојано во дефанзива. Во недостиг на идеји, нашиот МНР го вади од фијока мртвиот португалски предлог. Македонскиот претседател Пендаровски изјави дека улогата на политичарите е да ги решаваат проблемите на своите народи денес, па ако се очекува тие да завземат став по историските прашања, спорот никогаш нема да се реши. Бугарскиот претседател, пак, ги нападна самите темели на нашата млада држава и нација со познатата антикомунистичка реторика за Коминтерна и за диктаторот Тито. Никогаш не ми било јасно зошто е потребно да се бега од фактот дека една голема сила како СССР влијаела врз текот на историјата на Балканот во време на Втората светска војна, исто онака како што САД и Западните сојузници ја дадоа пресудната поддршка за Република Македонија после Студената војна. На истата таа антикомунистичка линија се и обвиненијата на Радев против Тито, признатиот од сите, херој од Втората светска војна.
Македонија и Бугарија, како некогаш Македонија и Грција, сега се бродови во магла кои се разминуваат среде океанот на светската политика.