Давитковски открива – аферата „Паразити“ е популистичка, „пумпањетo“ на платите започна уште во времето на ВМРО-ДПМНЕ
Популистичка, со единствена цел прибирање на политички поени. Вака професорот Борче Давитковски ја оцени аферата „Паразити“, во рамки на која опозициската ВМРО-ДПМНЕ секојдневно ги објавува износите на платите на актуелни директори.
Потсетува дека ситуацијата со висината на платите била идентична и во време на владеењето на оваа партија, и тоа особено кога станува збор за регулаторните тела.
„Кога бев претседател на Бордот на Телеком имав месечен паушал во износ од 250 евра. Веднаш по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ новиот претседател на Управниот одбор почна да зема околу 6.000 евра“, вели Давитковски во изјава за „Локално“.
Според него, токму во тој период се случило „пумпање“ на платите, а како пример го посочува случајот со еден од тогашните дирекори на едно од регулаторните тела во земјава, кој издвоил огромна сума пари за изградба на панорамско тркало, но и за раскошни новогодишни прослави.
„Се е популистички. За жал, таква е македонската реалност. Само се менуваат партиски војници“, коментира Давитковски.
Во однос на најавата на премиерот Ковачевски за конечно воспоставување ред и конзистентност во примањата, особено на раководните лица, Давитковски оценува дека станува збор за „невозможна мисија“. Проблем , според него се јавните претпријатија и регулаторните тела.
„Во услови на партизирана држава, каде што единственото правило на игра е партиската книшка, за директори на јавни претпријатија се ставаат лица без доволен капацитет. Со дел од новите директори не се ни склучува менаџерски договор. Тие создаваат загуби, а примаат големи плати“, вели Давитковски потенцирајќи дека менаџерскиот договор би го обврзал раководното лице да поднесува редовен годишен извештај за состојбата во претпријатието, во спротивно ќе биде сменет.
Слична е ситуацијата и со регулаторните тела вели тој, бидејќи приходот што го остваруваат, наместо да го инвестираат за развој на нивната дејности, се дели за плати.
„Така на пример, средствата со коишто располага АЕК, не се буџетски, нивната основа на стекнување се концесиите што ги плаќаат концесионерите. Ова регулаторно тело парите ги дава на плати, а не за надградување и модернизирање на нивната дејност“, забележува Давитковски.
Истото, според него, се однесува и на М-НАВ чии средства се резулат на надокнада за прелет на секој авион што ќе помине низ територијата на нашата држава, па наместо со тие пари да се вршат едукации, да се купуваат радари итн., се даваат за плати.
Давитковски апелира да се стави крај на ваквата пракса, а државата да воспостави контрола на начинот на трошење на парите, да се востанови одреден лимит, односно да се наложи вишокот средства да се инвестираат за развој на областа во која е основано регулаторното тело. Ваквите чекори, според професорот, единствено може да ги спроведе државата.
„Нејзината воља треба допрва да биде проверена“, вели тој, „а на сите нам ни преостанува немо да ги набљудуваме смените на директори чиј единствен расадник е партиската база“.
Владата прибира податоци од повеќе институции по најавите на премиерот Димитар Ковачевски дека во рамките на мерките за штедење ќе се направат законски измени со кои ќе биде предвидено намалување на платите и на членовите на Управните одбори во акционерските претпријатија во кои некои примања заштитени со менаџерски договори надминуваат износ и од над 2.000 евра, а се меѓу претпријатијата кои имаат загуби.
– Целосните податоци ќе бидат ставени на разгледување на седница на Владата и откако ќе се донесе одлука јавноста ќе биде известена, велат од владината прес служба на прашање на Нова што е преземено досега во рамки на антикризните мерки, а кои се однесуваа на кратењето на високите плати во акционерските друштва во сопственост на државата.
По најавата на премиерот Ковачевски во мај годинава прво реагираше раководството на АД ЕСМ кое и претходно презеде неколку чекори кои пратија порака и на другите директори во јавните претпријатија дека во време на криза треба да се троши со усул и да се скратат сите непродуктивни и непотребни трошоци.
Така, во ЕСМ, како што вели директорот Васко Ковачевски, веќе три години нема набавка на мебел, инвентар, опрема. Намалени се сите посети и патувања во странство и земјава. Намалени се и дел од платите на менаџментот.
– Треба да тргнете од себе ако сакате да испратите порака. Нашите плати, мојата, на мојот заменик и менаџметот на компанијата, ги намаливме за 30 отсто. Генералниот директор на АД ЕСМ е на 14-то место по примање на нето плата во компанијата. На прво место е вработен во РЕК Битола. Мора да дадеме личен пример, изјави Ковачевски неодамна.
ЕСМ може да се пофали и со тоа што за 15 отсто се намалени и трошоците во делот на јавните набавки. Тоа намалување, како што вели првиот човек на ЕСМ, е во износ од околу 28 милиони евра, само во овие 3 до 4 месеци.
Кога сите намалување ќе се соберат, според пресметките на ЕСМ се доаѓа до намалување на трошоците на компанијата за околу 50 милиони евра. Со ваквите антикризни мерки, директорот Ковачевски вели дека компанијата стасала до заштеда на трошоците на расходната страна, што е голем чекор во време на криза.Премиерот Ковачевски кога во текот на мај го отвори ова прашање нагласи дека се работи и на подготовка на нов закон за платите во јавниот сектор.
– Во овој момент имаме членови на управни одбори што генерираат загуби, а коишто имаат поголеми плати од претседателот на државата, од претседателот на Врховен суд и од претседателот на Владата. Јас како претседател на Владата побарав да ги достават менаџерските договори кои што ги имаат јавните претпријатија и добивме одговор дека тие биле строго доверливи менаџерски договори, изјави премиерот Ковачевски.
Тој објасни дека Комисија за економски систем на Владата добила задача да ги обезбеди овие договори со јасна задача – до крајот на годината да се изработи Закон за плати, со сите потребни консултации, во кои ќе се знае во јавниот сектор која е највисоката плата, а потоа да бидат усогласени другите плати.
Премиерот неодамна го отвори и прашањето на платите не само кај раководниот кадар, туку и кај вработените во различни министерства.
– Се користат неревидираните општи колективни договори на различни гранкови синдикати коишто на различен начин ги дефинираат платите. Тоа треба да биде усогласено бидејќи е добро и за вработените, меѓутоа е добро и за зголемувањето на нивото на услуги кои ги даваат на граѓаните. Да не заборавиме платата во јавниот сектор ја плаќаат луѓето од приватниот сектор. Ние имаме 435 илјади вработени во приватниот сектор, кој што им плаќаат плата на 132 илјади од јавниот сектор, образложи премиерот Ковачевски.
Да споменем дека во рамките на проектот „Поддршка на македонската парламентарна реформа“, поддржан од Британската амбасада, Фондација за демократија на Вестминстер (Македонија) објави публикација за движењето на платите во дел од институциите во јавната администрација. Автори на анализата се Петар Трајков, Сања Трифуновска и Надире Љатифи.
Платите на вработените во јавниот сектор, се вели во анализата, се регулирани фрагментарно ‒ со посебни закони и колективни договори. Законот за административни службеници содржи регулација на платите, додатоците и надоместоците на плати исклучиво за групата административни службеници.
За останатите групи вработени во јавниот сектор, кои го сочинуваат поголемиот број вработени во јавниот сектор, правото на плата е утврдено во посебните закони (на пример, Закон за внатрешни работи, Закон за служба во армијата и др.), додека, пак, компонентите на плата, додатоците и надоместоците, како и начинот на пресметка и нивната висина се регулирани во колективни договори, правилници, одлуки и сл. Од аспект на целокупниот јавен сектор, евидентно е постоењето на неконзистентен систем на плати.
Има диспропорција на висината на платите на вработените, се констатира во анализата, дури и кога вршат ист вид работи и работни задачи. Платите во одредени институции, како што се регулаторните тела, фондовите и 29 јавни претпријатија, се значително повисоки отколку платите на вработените кај буџетските корисници.
„Вака поставениот платен систем создава и тешкотии при управувањето, особено во случаи на зголемување или намалување на висината на платите, што доведува до уште поголема неурамнотеженост. Како последица на ваквиот неунифициран систем се добиваат незадоволство и демотивираност на голем дел од вработените, како и заминување на квалитетните кадри од јавните институции“, се истакнува во анализата.
Движење на платите на административните државни службеници
Според Законот за административни службеници, административен службеник е лице што засновало работен однос поради вршење административни работи во органите на државната и локалната власт и институциите што вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес, кои се организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија, основани од Република Македонија или од општините и од Градот Скопје.
Административниот службеник, се вели во анализата, може да биде државен службеник, доколку е вработен во органите на државната и локалната власт, и јавен службеник, доколку е вработен во институциите што вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес.
Определени прашања во врска со работниот однос на административните службеници во судството и јавното обвинителство, дипломатијата, царинската и даночната администрација, инспекциските служби, државната ревизија и ревизијата на ИПА, регулаторните тела и Народната банка на Република Македонија, целосно или делумно се уредени со посебни закони и колективни договори кои се различни од Законот за административни службеници.
Платата на административниот службеник се состои од основна компонента и исклучителна компонента. Основната компонента на плата ја сочинуваат: дел на плата за степен на образование, дел на плата за ниво и дел на плата за стаж.
Делот на плата за степенот на образование и нивото на кое е распореден административниот службеник се вреднува со соодветни бодови, а вредноста на бодот за пресметување на платите на државните службеници се утврдува со одлука на Владата на Република Македонија или во општините и во Градот Скопје со одлука на Советот на општината, т.е. на Градот Скопје, и тоа за секоја година посебно.
Вредноста на бодот за пресметување на платите на јавните службеници, се истакнува понатаму во анализата, се утврдува со одлука на основачот, на предлог на надлежниот функционер, и може да биде повисока од бодот на државните службеници.
Делот на плата за работниот стаж на административниот службеник се вреднува во износ од 0,5 % од деловите на платата за степен на образование и за ниво. Исклучителната компонента ја сочинуваат: додаток на плата за посебни услови за работа (работа изложена на висок ризик или работа во кабинет), додаток на плата заради приспособување кон пазарот на трудот и/или додаток на плата за ноќна работа, работа во смени и прекувремена работа.
Основната компонента на платата на административните државни службеници (делот на плата за степен на образование и делот на плата за ниво) се движи од 18.893 денари бруто месечна плата за помошно-стручен административен службеник од четврто ниво, до 80.256 денари бруто месечна плата за секретар од прво ниво.