Признанието се доделува за проектот „Травијата во три чина“, изведен меѓу станбените згради во скопската населба Железара

Проектот е награден во категоријата „Rising Stars“, наменета за нови таленти и перспективни иницијативи. Со него, македонскиот културен проект се најде меѓу меѓународно признатите идеи што покажуваат како уметноста, јавниот простор и вклучувањето на граѓаните можат да придонесат за поквалитетен живот во урбаните средини.
Наместо класична оперска сцена, проектот користи шест станбени згради во Железара како природна сценографија. Балконите, прозорците, скалите, влезовите и просторот меѓу зградите стануваат дел од изведбата, а публиката се движи низ населбата следејќи ја приказната. Во проектот учествувале околу 150 луѓе а изведбата ја следеле приближно 2.000 посетители.
Во интерпретацијата на познатата опера „Травијата“ на Џузепе Верди, приказната за Виолета и Алфредо е пренесена во современо соседство. Наместо општествениот притисок да биде претставен преку еден лик, тој се отсликува преку реакциите, озборувањата и ставовите на соседите. Особено впечатлива е промената на крајот: наместо трагичниот расплет на оригиналот, проектот завршува со свадба, како симбол на прифаќањето и заедништвото.
Наградите „Нов европски Баухаус“ ги доделува Европската комисија за проекти што ги поврзуваат одржливоста, инклузивноста и естетиката. Во 2026 година, наградените проекти добиваат парични награди до 20.000 евра, како и поддршка за нивната промоција и понатамошен развој.
Успехот на „КомшиLOOK“ покажува дека и еден станбен блок може да стане културен центар, без изградба на нова инфраструктура и без ограничување на уметноста на традиционалните институции. Проектот ја става локалната заедница во центарот на културниот живот и нуди пример како соседството, архитектурата и уметноста можат да создадат ново чувство на припадност.




