Како новинарот Кларин поведе иницијатива за основање на Хашкиот трибунал а две години подоцна тоа беше прифатено од Советот за безбедност. Постои обемен материјал кој мора да се сочува за да не заврши во некој хангар на ОН

„Треба да го искористам овој драгоцен материјал од нашите и од архивите на Трибуналот за промовирање на хуманоста, која сè повеќе ни недостасува. Покажувањето дека е можно да им се спротивставиме на воените моќници е подеднакво важно за соочувањето со минатото, како и за разоткривањето на злосторствата и злосторниците“ – вели Мина Видаковиќ од Центарот за транзициска правда во во интервјуто за белградскиот неделник „Радар“. Таа потсетува дека во
мај 1991 година, новинарот Мирко Кларин (1943–2022) објави статија во весникот „Борба“ со наслов „Нирнберг сега“, во која ја повика меѓународната заедница да формира превентивен меѓународен суд пред кој би биле изведени „сите наши лидери“ кои, крстарејќи низ Југославија, наводно бараат решение за нејзиниот опстанок. Во тој момент, овој извонреден правник и новинар се профилираше како идеен творец на Хашкиот трибунал, кој беше основан точно две години подоцна со одлука на Советот за безбедност.
Кларин беше првиот известувач од Хаг, а во 1998 година во Брисел ја основа агенцијата „SENSE“, која испраќаше извештаи до земјите од поранешна Југославија што немаа свои дописници во Хаг. Набрзо потоа, во таа работа му се придружи и Мина Видаковиќ, веќе етаблирана новинарка од „Студио Б“, „Борба“, „Наша Борба“ и продукциската куќа „Мрежа“.
Пред завршувањето на работата на Трибуналот, тие двајца во 2011 година ја трансформираа „SENSE“ во невладина организација, а Мина Видаковиќ за „Радар“ понатаму објаснува:“
„Во текот на годините на известување, собравме огромно количество архивски материјал, но не успеавме да го објавиме. На пример, поседуваме илјадници извештаи и 722 получасовни телевизиски емисии во кои известувавме за презентираните докази и одговорноста на обвинетите, но бројни човечки приказни што стоеја зад тие докази останаа во сенка. Меѓу документарните филмови изработени од SENSE се и два филма на режисерот Лазар Стојановиќ (1944–2017), посветени на Радован Караџиќ и Ратко Младиќ. Одлучивме да го пренесеме материјалот во регионот на кој се однесува архивата. Не сакавме да одиме во ниту еден од тие центри, бидејќи одењето во кој било од нив можеше да се протолкува како заземање страна. И додека известувавме од Хаг, ја избравме Пула како место каде што луѓето од сите делови на поранешна Југославија се подеднакво добредојдени.
Пред конечно да се преселат во Пула, Мирко и Мина почнаа да работат на нешто што го нарекоа „интерактивен наратив“. Станува збор за веб-страници што обработуваат одредена тема појавена во текот на годините на хашките судења. Тој формат овозможува една тема да се третира преку различни форми на документарен материјал – видеоснимки, текстови и документи што биле користени на судењата при опишувањето на настаните поврзани со злосторствата. Покрај тоа, се отвора простор и за уметничко изразување, како што е серијата фотографии на Тим Лавлес, член на истражниот тим за Сребреница, кој од 1996 година учествувал во откривањето на масовни гробници во областа на поранешната енклава што била под номинална заштита на ОН.“
Покрај форензичките, Лавлес одлучи да направи и серија уметнички фотографии, за документите за жртвите од Сребреница да не останат само докази, туку и хуман запис за изгубените човечки животи.
Тука се и фотографиите на Паво Урбан, фотограф кој загина на 6 декември 1991 година од шрапнел од минофрлачка граната за време на најтешкото гранатирање на Дубровник од страна на ЈНА. Тој загина во близина на Столбот на Орландо, каде што успеа да го овековечи гранатирањето на Страдун. Неговата последна фотографија, направена во моментот кога беше смртно погоден, насловена „Камена прашина над градот“, е дел од целокупниот фонд за бомбардирањето на Дубровник што SENSE, со дозвола од мајката на Урбан, го објави во посебна галерија на веб-страницата:
„Постојано бевме во Хаг и го бележевме сето она што се случуваше, ден по ден. Од сè што собравме, не повеќе од пет проценти беше објавено и познато за јавноста. Сè друго е овде, во нашиот Центар за транзициска правда, отворен во октомври 2017 година. Овде се наоѓа еден вид архива на институционалната меморија поврзана со Трибуналот. Зачувувањето на тие факти беше нашата главна цел, за да се сочува сознанието за тоа што навистина се случило – нешто што немаше да го знаеме доколку судот не постоеше.“

Првото судење што Мина Видаковиќ почна да го следи кога се приклучи на агенцијата SENSE беше она за Сребреница. И како една од новинарките што најдобро ја познаваат работата на Трибуналот, таа денес одговорно тврди:
„Истрагата за Сребреница е убедливо најдобрата, најсеопфатната и најпрецизната кривична истрага – дури и на европско ниво – спроведена по Втората светска војна. Тоа е така бидејќи истрагата започна помалку од една година по извршувањето на злосторството, а беа собрани многу докази што се совпаѓаа со сведоштвата на преживеаните сведоци. Добро се сеќавам на заштитениот сведок Д.Д., која раскажа како нејзиниот 14-годишен син ѝ бил одземен од рацете бидејќи изгледал постар за својата возраст, па бил одведен со мажите на стрелање. Приказната ме потресе, бидејќи и мојот син тогаш имаше 15 години. На крајот, судијата ја праша жената дали сака да каже нешто што не било опфатено со прашањата, а таа рече: ‚Би сакала да го прашам г-дин Крстиќ дали постои надеж дека мојот син е жив, бидејќи постојано го сонувам…‘ Нејзината приказна ме ужасна, исто како и сознанието за прекопувањето на гробниците на убиените во Сребреница со цел да се прикрие злосторството. Посмртните останки на поединечни жртви беа пронајдени во три различни гробници. А тоа е најстрашното сведоштво дека злото продолжувало и по смртта.“
Во моментов, актуелно е прашањето што ќе се случи со архивата на Трибуналот. Работата на Механизмот за меѓународни судови, кој го наследи Трибуналот за да ја доврши неговата работа, се ближи кон крајот. Соговорничката на „Радар“ објаснува:
„Постоеше опасност архивата на Трибуналот да заврши во некој хангар на Обединетите нации во Њу Џерси, практично недостапна за јавноста и истражувачите, но се чини дека, за среќа, тоа нема да се случи. Нашата архива не ја опфаќа целосната архива на Трибуналот, но ние претставуваме мост без кој е тешко да се проучува архивата на Трибуналот, а и пристапот до неа е прилично сложен. Најкраткиот пат до секоја информација и секој факт докажан на суд води преку нашата архива. Тоа е дел од причината за постоењето на нашиот Центар.“
Денес им се обраќаме на новите генерации за кои војните се далечно минато, а Трибуналот е само епизода што интересира тесен круг од неговите современици. Треба да излеземе од таа ниша и да го искористиме драгоцениот материјал од нашите и од архивите на Трибуналот за промовирање на универзални вредности и на човечноста, која сè повеќе ни недостасува. Бидејќи нè охрабруваат да дејствуваме само од позиција на припадник на некоја група – навивачка, национална, расна… каква и да е. А човекот како таков никаде го нема. Човечноста, така да се каже, се зема здраво за готово, а гледаме како таа изгледа во пракса денес, не само овде, на нашите простори, туку и во светот. Соговорникот на „Радар“ нè потсетува на последниот разговор на Саемот на книгата во Пула меѓу историчарката Дубравка Стојановиќ и Мирко Кларин. Кога започнаа војните од 90-тите години на територијата на поранешна Југославија, и двајцата мислеа дека станува збор за однесување на примитивни Балканци кои водат национални војни од 19-тиот век – војни што сите други веќе ги завршиле, а ние ги водиме со задоцнување. Како што минуваше времето, и двајцата сфатија дека ние, примитивните Балканци, сме биле предвесници на ужасите што ќе уследат во 21-виот век. И токму тоа е новиот контекст во кој Мина Видаковиќ ја гледа иднината на работата на нејзиниот Центар:
„Во моментов, со голема група соработници од сите области, работиме на веб-наратив за Трибуналот и сакаме да создадеме мапа на злосторствата во Хрватска. Но, покрај фактите за злосторствата, се стремиме да ги истакнеме и зачуваме примерите на човечност и толеранција, кои ги имаше многу за време на војните од деведесеттите, но останаа во сенката на злото. Важно е да се покаже дека спротивставувањето на воените моќници е исто толку важно за соочувањето со минатото, колку што е и разоткривањето на злосторствата и злосторниците.“radar
(radar.rs)




