Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

МНОГУ ПРЕСЕДАНИ НА ЕДНО СУДЕЊЕ

August 24, 2026 Filed Under: Македонија

Како бугарската БНТ доби дозвола да ја снима обвинетата Ива Михаилова додека го испрашува сведокот во судница во Кочани?

СЕЛФИ Бугарските пратеници се сликаат пред кочанскиот суд

МИРОСЛАВА СИМОНОВСКА

Откако двајца пратеници од Бугарија со забрана за влез во Македонија, објавија селфи фотографии од судењето на Ива Михаилова, девојка родена во Кочани, со двојно државјанство (и македонско и бугарско) обвинета за предизвикување сообраќајка со смртни последици и на таков начин докажаа дека му се „протнале“ на македонскиот полициски и граничен систем, јавноста деновиве може да види нови преседани во овој судски процес. На социјалните мрежи, на сајтови што се претставуваат како информативни, се емитува видео-снимка со логото на бугарскиот национален сервис БНТ од директно испрашување на сведок во процесот.

На снимката се гледа обвинетата Михаилова како испитува сведок во судница во Кочани, а камерата снима дел од главната расправа. Дел од адвокатите со кои се консултиравме, како и претседатели на кривични судови во Македонија, неофицијално ни рекоа дека оваа пракса е недозволива, спротивна на закон и се прави тежок преседан, кој може да ѝ наштети на идната судска пракса. Тие велат дека испитувањето на сведок освен ако не е дозволено со посебна одлука од судот – не смее да се снима и да се емитува.

Македонските сниматели пак, на судења за тешки кривични дела во земјава, добиваат само 5 минути пред судењето за инсерти, се предупредуваат дека снимањето за време на процесот е забрането и не добиваат дозвола да го фотографираат судечкиот совет што суди.

На бугарската БНТ пак, се појави снимка како обвинетата Ива Михаилова во директен говор му се обраќа на сведокот чие лице исто така се гледа и му поставува прашање кое што судот воопшто не го дозволил да влезе ни во записник.

-Дали е точно дека пред неколку месеци обвинителот случајно се сретна со тебе, и на индиректен и небрежен начин ти се закани да си го промениш исказот а во спротивно ќе добиеш кривична пријава? – се гледа на снимката како Михаилова го прашува сведокот а бугарскиот национален сервис го емитува тоа.

„Слободен печат“ постави официјални прашања до судечкиот совет во кочанскиот кривичен суд, но и до преетседателот на Врховниот суд на Македонија – која е тајната на успехот, да се добие дозвола за целосно видео-снимање на испитување на сведок од страна на обвинет, кога македонските екипи добиваат само по 5 минути за инсерти пред почетокот на рочиштето и тоа за предмети од висок јавен интерес – како сериски убиства, убиства, трговија со дрога итн. Судијата што го води предметот каде е обвинета Михаилова исто така го прашавме дали овој дел од снимањето на јавната расправа го дозволил, или пак снимките се направени неовластено од некој друг а не од националната телевизија. Сите засега молчат.

Дали за снимањето на овој судски процес во Кочани, имало дозвола од Врховен суд за снимање на ваквата расправа и зошто е дадена? Ако немало, дали овие лица што снимале на ваков начин подлежат на кривична одговорност за неовластено снимање службени простории?, е прашањето на кое што молчи и претседателот на Врховниот суд, и судијата што претседава со советот во Кочани.

Адвокатот Јанаки Митровски за „Слободен печат“ вели дека судечкиот совет прави пропуст во конкретниот случај.

Законот за кривична постапка дозволува снимање во судница како исклучок, не како правило, судењето да се снима со дозвола на претседателот на Врховен. Но свесни сте дека во пракса тоа се сведува на правење на едноминутни инсерти на почетокот со цел нивно користење за прилог. Ако гледаме низ поширок контекст на јавност на судењата тогаш генерално не треба да се има проблем да се снима и целото судење. Но и самата законска одредба дозволува советот да не дозволи снимање на одредени делови од судењето од оправдани причини. Во конкретниот случај токму советот чини пропуст. Не сум во детали запознаен но снимање и емитување на исказ на сведок, доколку има и други сведоци кои не се испитани потенцијално ќе ги контаминира, односно запознае со неговото сведочење, што по процесниот закон е недозволиво, токму затоа во услови на повеќе сведоци, се испитуваат еден по еден додека другите се отстрануваат од судница, вели тој.

Според него целта е јасна – пропаганда и продолжување на серијалот обиди Бугарите да се претстават како жртви во државата.

Селективно се прикажува само дел од сведочење и рочиште кое е многу подолго, во насока да се наелектризира бугарската јавност дека Ива Михајлова, чија патем пресумпција на невиност треба да се почитува до максимум, е дискриминирана, а воедно исказ на само еден сведок не ја дава целината на доказната вредност на доказите и на обете страни. Ако предметот стигне до Стразбур нека се одлучи дали имало повреда на член 6 од Конвенција( право на правично судење) а дури и тоа да се случи, ќе биде на индивидуална, а не колективна и етничка основа. Фактите се обратни од она што бугарската пропаганда се обидува да го наметне – против Бугарија во Стразбур има 16 пресуди за непочитување на правата на Македонците, против Македонија- ниту една, додава Митровски.

Додека македонските новинари добиваат серија препораки и учења како да се однесуваат во судница, не смеат да вклучат ниту микрофон ниту диктафон, очигледно, во одредени предмети, праксата е поинаква. Членот 360 од Законот за кривична постапка пак, одредува дека во судница не може да се вршат филмски и телевизиски снимања а по исклучок со дозвола на претседателот на Врховен суд може да се дозволи снимање на определена главна расправа, а дури и тоа да се случи – судијата во предметот може од оправдани причини да одлучи делови од главната расправа да не се снимаат.

(sloboden pecar.mk  – насловот е на Глобус)

Filed Under: Македонија

НAJГОЛЕМАТА ГЛОБАЛНА АНАЛИЗА ПОТВРДУВА – mRNA ВАКЦИНИТЕ СЕ БЕЗБЕДНИ
ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (191) РУСИТЕ НЕ СЕ СПОСОБНИ ЗА САМОСТОЈНА АКТИВНОСТ
ВЛАДИНА ДИОПТРИЈА: ПАРИ ЗА АВИОН ИМА, ПАРИ ЗА ПЛАТА НЕМА
ЗАСТАНИ, ЗАСТАНИ ИБАР ВОДО: КАКО И КОГА СЕ ПРЕНАСОЧУВА ТЕКОТ НА РЕКАТА
ЖEНАТА НА КОЈА ТРАМП НАЈМНОГУ И ВЕРУВА: КОЈА Е НАТАЛИ ТРАМП?

Најново

  • НAJГОЛЕМАТА ГЛОБАЛНА АНАЛИЗА ПОТВРДУВА – mRNA ВАКЦИНИТЕ СЕ БЕЗБЕДНИ
  • ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (191) РУСИТЕ НЕ СЕ СПОСОБНИ ЗА САМОСТОЈНА АКТИВНОСТ
  • ВЛАДИНА ДИОПТРИЈА: ПАРИ ЗА АВИОН ИМА, ПАРИ ЗА ПЛАТА НЕМА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet