Изолацијата на јапонските облакодери и падот на традиционалното семејство осудуваат голем број постари луѓе на осамена смрт. Проблемот стана толку раширен што многумина зборуваат за „кодокуши“

ЏУЛИЈАН РАЈАЛ
Јапонија е сведок на растечки број на осамени смртни случаи, во кои луѓето умираат во целосна изолација. Проблемот стана толку распространет во современото општество што дури има и свој термин, „кодокуши“. Се проценува дека сочинува речиси 5 проценти од вкупната смртност во земјата. Статистиката објавена од јапонската влада и полиција кон крајот на април покажа дека речиси 77.000 луѓе починале сами во фискалната 2025 година, која заврши на 31 март. Тоа е за 921 повеќе од претходната година.
Властите проценуваат дека во 22.222 од тие случаи, телата на починатите не биле пронајдени најмалку осум дена. Во 7.148 случаи – околу 9% од вкупниот број – смртта останала неоткриена повеќе од еден месец. Зголемувањето на овие случаи предизвика јавна дебата за осаменоста и социјалната изолација во модерна Јапонија.
„Јапонското општество многу се промени за многу кратко време“, вели Изуми Цуџи, професор по социологија на Универзитетот Чуо во Токио. „Постојат многу фактори, но мислам дека најголемиот е пропаѓањето на традиционалното семејство и поместувањето кон индивидуализам – луѓето сè повеќе живеат сами“, изјави тој за ДВ.
ИЗОЛАЦИЈА ВО УБАНИ ОБЛАКОДЕРИ Најмалку три децении, Јапонија доживува пад на населението во руралните средини, бидејќи младите луѓе ги напуштаат селата и малите градови во потрага по подобро образование и можности за работа. Заедниците што ги оставаат зад себе сега имаат многу малку млади жители. Старите лица стануваат сè поизолирани, а многу од нив умираат сами.
„Кога бев дете, пораснав со моите родители и двајца од моите баба и дедо“, вели Цуџи. „Беше сосема нормално повеќе генерации да живеат заедно. Тоа беше само пред неколку децении, но овој вид на соживот сега е редок и речиси непостоечки во градовите.“
Живеењето во големите градови во Јапонија носи свои проблеми, забележува Цуџи, бидејќи луѓето имаат тенденција да се преселат во станови во висококатници и во најдобар случај имаат само површни односи со своите соседи. „Јапонците порано не живееја во толку високи згради“, вели тој. „Живеевме во заедници каде што куќите беа опкружени со отворени простори, каде што сите деца си играа заедно и разговаравме со нашите соседи секој ден. Ги познававме овие луѓе и ако некому му требаше нешто, секогаш имаше механизам за поддршка.“
ВЛАДАТА И ОВОЈ ПРОБЛЕМ Цуџи нагласува дека врските се клучни за менталното здравје. „Денес, секој што живее во станбена зграда е затворен и изолиран“, вели тој. „Не мислам дека луѓето се дизајнирани да живеат вака – ни требаат врски со луѓето околу нас, за комуникација и интеракција.“
Професорот предлага радикално решение – повикувајќи станбените комплекси да се урнат и луѓето да се вратат на покохезивен заеднички начин на живот. Иако ова може да изгледа тешко за спроведување за јапонската влада, властите исто така признаваат дека „кодокуши“ е проблем што треба брзо да се реши, особено во услови на стареење на населението.
Во 2021 година, владата ја создаде функцијата министер за осаменост и изолација со задача да се бори против високите стапки на самоубиства и проблемите со менталното здравје кај децата и возрасните. Во април 2024 година беше донесен Законот за осаменост и изолација, охрабрувајќи ги локалните власти да воспостават специјализирани служби со обучен персонал за да им помогнат на осамените луѓе да се интегрираат во заедницата. Клучен елемент е и надминување на стигмата на осаменоста, како и охрабрување на постарите лица да прифатат помош, дури и ако инсистираат на самостоен живот.
Кампањата доведе до создавање на соседски здруженија кои ги следат ранливите соседи, организираат социјални настани за стари лица и средби за лица со деменција или слични состојби. Исто така, беа основани голем број специјализирани невладини и социјални организации.
НАДЕЖ ПОСЛЕ КАТАСТРОФАТА На 11 март 2011 година, крајбрежниот град Ишиномаки беше разорен од најсилниот земјотрес во историјата на Јапонија и серија моќни цунами кои ја погодија и нуклеарната централа Фукушима. Земјотресот и поплавите уништија голем дел од градот – илјадници загинаа, домовите и бизнисите беа уништени, а значителен дел од инфраструктурата буквално беше однесен од морето.
Следниот месец, Кацујуки Ито почна да ги транспортира постарите жители на Ишиномаки до банки, болници, градско собрание и неколкуте преостанати супермаркети. Неговата волонтерска иницијатива подоцна прерасна во невладината организација Рера. „Сега имаме шест возила и тим од осум волонтери“, вели Кеи Уено, 50-годишен волонтер кој се пресели во Ишиномаки кратко време по катастрофата. „Повеќето од луѓето на кои им помагаме се постари лица или лица со посебни потреби и им е потребна помош за движење“, вели тој. „Многу од нив ги изгубиле своите семејства, па затоа се принудени да живеат сами и да имаат многу малку контакт со други луѓе.“
„Најстарото лице на кое му помагаме има 94 години и често слушам дека најдобриот дел од неговиот ден е кога волонтерите доаѓаат да го земат“, вели тој. „Им помагаме на постарите лица со превоз, но мислам дека им даваме повеќе од тоа“, вели тој. „Овие луѓе се постари и осамени, па затоа друштвото и разговорот што им го нудиме се барем подеднакво важни.“




