Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ПЕЧАТЕЊЕТО НА ПРВИТЕ МАКЕДОНСКИ УЧЕБНИЦИ

July 14, 2026 Filed Under: Ревија

Во 1867 год. се појави првиот учебник на Димитар В. Македонски и Димитар Xр. Узунов a уште следната 1868 година беа отпечатени серијата учебници на македонски јазик на Кузман Шапкарев

ЃОРГИЈА ПУЛЕВСКИ Нашето отечество се велит Македонија и мие се именуваме славјано-Македонци

БЛАЖЕ РИСТЕВСКИ

Поради продорот на бугарската книга и бугарскиот јазик во училиштата, во Македонија се појавува отпор што се изрази со барање за печатење учебници на македонски јазик. Во 1867 год. се појави првиот учебник на Димитар В. Македонски и Димитар Xр. Узунов a уште следната 1868 година беа отпечатени серијата учебници на македонски јазик на Кузман Шапкарев.

Согледувајќи го ефектот на отпорот против бугарскиот јазик и стремежот на Македонците за афирмирање на сопствениот јазик во образованието. Бугарското читалиште во Царитрад во 1869 година формирало посебна комисија што да ги преведе бугарските учебници на ,македонското наречје“ и така да се пенетрира бугарската национална идеја во оваа турска провинција. Меѓутоа, само по неколку месеци султанот го потпишал ферманот за основање на Бугарската егзархија и бугарскиот јазик веќе можел легално да се воведува во сите црковни општини што ја прифатија новата словенска православна црква во Турција. Со тоа истовремено биле осуетени натамошните борби на македонскиот народ за обновување на Охридската архиепископија како православна национална црква, бидејќи, султанот не можел да дозволи две словенски православни цркви со седиште во своите граници.

Но сето тоа не ги угасна надежите на народот за сопствена културно-национална афирмација. Почнуваат и јавно да се поставуваат приговорите дека „друго било Бугарин и бугарски јазик, а друго Македонец и македонски јазик” и отворено да се реагира: „Ние сме Македонци, не сме Бугари“. И кога барањата станаа јавни, се виде принуден и самиот П. Р. Славејков на 18 јануари 1871 год. отворено да настапи со статијата под јасен наслов „Македонското прашање“, во која признава дека „уште пред десетина години од некои Македонци“ ја слушал таа идеологија што сега веќе прераснала во „мисла што мнозина сакаат да ја спроведат во живот“. Тој „многу пати“ слушал од овие идеолози дека Македонците не се Бугари и дека тие отворено му изјавувале: Се откинавме од Грците, под други ли да паднеме?

Во Македонија постоела изразита жед за учебници на македонски јазик. Во 1872 год. кукушкиот учител Венијамин Мачуковски најави дека има подготвено граматика на „македонското наречје“ и бара претплатници за објавување. Тоа предизвика најжестока фронтална реакција во бугарскиот печат во Цариград и Букурешт”, бидејќи ќе значела кодификација на еден посебен литературен стандард.

Таа полемика уште повеќе го засилило македонското национално движење. Во моментот кога се пренесуваат слухови за спогодба на Бугарската егзархија со Патријаршијата за сметка на македонските епархии, шест големи македонски епархии, по пропаѓањето на обидот да ги извојуваат своите права преку протестантизмот, одново го подигнуваат прашањето за унија со Римската црква и се поведуваат разговори за вклучување на цела Македонија во ова национално-политичко движење.

Оценувајќи дека Егзархијата конечно ги губи македонските епархии, бугарскиот егзарх, пак со помошта и на руската дипломатија, во почетокот на 1874 год. го испраќа П, Р. Славејков во Солун со „специјална тајна мисија” да ја неутрализира унијата во Македонија. Неговите писма до егзархот уште еднаш даваат точна претстава не само за силината и карактерот на ова општонародно движење,

туку и за степенот на порастот на македонската национална свест и основите на формулирањето на македонската националноослободителна програма. Според сознанијата на Славејков, на чело на движењето стоел руско-српскиот воспитаник Димитар Попгеоргиев Беровски, кој токму тогаш ги правел подготовките за кревање на првото организирано масовно народно востание. Барањата веќе биле прецизирани: македонскиот народ е посебен од бугарскиот, македонскиот јазик не е бугарски, Македонците треба да имаат своја црковна хиерархија и сопствена национална просвета”.

И овојпат обединетите во акции на православните Руси, Бугари и Грци привремено ја неутрализираа унијата, но уште во 1875 год. Ѓорѓија М. Пулевски во Белград го објави својот (втор) „Речник од три језика славјанско-македонски, арбански и турски“, каде што ги изложи контурите на македонската национална програма: „Нашето отечество се велит Македонија и мие се именуваме славјано-Македонци“, бидејќи „и Македонциве се народ и местово нивно е Македонија“, а „македонскијот јазик је најсроден со црковно-славјанските книги и тој је старославјански“.

Filed Under: Ревија

МИЦКОВСКИ ВЕЛИ: А СЕГА АДИО!
КРИМИНАЛ: НЕМА ТАКВИ ЗЛОСТОРСТВА ШТО ЌЕ НЕ ОДМИНАТ
ИНФУЗИЈА НАМЕСТО ЗДРАВСТВЕН СИСТЕМ
ПЕЧАТЕЊЕТО НА ПРВИТЕ МАКЕДОНСКИ УЧЕБНИЦИ
УНГАРСКИ МЕДИУМСКИ ЗЕМЈОТРЕС: ИЗВИНЕТЕ ШТО ВЕ ЛАЖЕВМЕ

Најново

  • МИЦКОВСКИ ВЕЛИ: А СЕГА АДИО!
  • КРИМИНАЛ: НЕМА ТАКВИ ЗЛОСТОРСТВА ШТО ЌЕ НЕ ОДМИНАТ
  • ИНФУЗИЈА НАМЕСТО ЗДРАВСТВЕН СИСТЕМ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet