Војници регрутирани во неколку македонски градови учествувале во неколку тешки битки против австроунгарските и германски дизвизии. По повлекувањето на брегот на јадранско море во Албанија стигнале само пет преживеани Македонци!

Од 1300 македонски војници од Вардарскиот полк само петмина ја преживеале битката кај Костолачка Коса во Првата светска војна
Македонците во Србија во организација на здружението „Кочо Рацин“ од Белград, во сабота (15 ноември) во дворот на црквата Свети Ѓорѓи во селото Стари Костолац крај Пожаревац, им оддадoa почит на 1 295 македонски војници од Вардарскиот баталјон, мобилизирани во Српската војска за време на Првата Светска Војна (1914-1918 година), загинати на 6 октомври 1915 година во битка со Германците кај Костолачка коса. Од околу 1 300 војници Македонци мобилизирани во овој баталјон загинале 1 295. Првата светска војна ја преживеале само петмина македонски војници.
Станува збор за мобилизирани Македонци од окупираниот дел на Македонија под Србија во Првата светска војна и тоа од Тетово, Гостивар, Куманово, Крива Паланка и Кратово, кои учествувале во четири важни битки на почетокот на Првата светска војна што Српската војска ги водела со Австро-Унгарската и Германската армија.

– Во првата голема битка на 27 октомври 1914 година, околу 850 војници Македонци го одбраниле Смедерево од Австро-Унгарската армија, која имала околу илјада загинати и две илјади заробени војници. Потоа, следувала повеќедневна битка кај Гроцка на 24 ноември 1914 година, каде што се бранел Белград. Борбата кај Гроцка траела неколку дена, со многу жртви од двете страни, но на крајот победа извојувал Вардарскиот баталјон. Во двете битки загинале 473 војници Македонци. Најтешката и најкрвавата битка овој баталјон ја водел кај Стари Костолац на 6 октомври 1915 година против единиците на германската војска предводена од фелдмаршалот Август фон Мекензи, во којашто херојски загинале 627 Македонци војници, се наведува во соопштението од Македонското здружение „Кочо Рацин“ од Белград.
По овие битки од Вардарскиот баталјон, како што се посочува во соопштението, останале околу двесте борци кои ја штителе Српската војска при нејзиното повлекување кон Косово и Албанија. Кога стасале во Пеќ, живи биле само шеесетина војници Македонци, кои со Српската војска се повлекле преку албанските планини. На крајот, во Скадар стигнале само петмина војници Македонци. Од околу 1 300 војници Македонци во овој баталјон, колку што биле мобилизирани од Македонија, загинале речиси сите 1 295.




