(кратка неофицијална историја на веројатно најмалата ама најпозната населба во светот –споменувана на Си-Ен-Ен & Co, од Скопје). Поточно, кратка историја на Долно Маало (со братски поздрави кон Горно Маало), па да ни се придружат со нивен прилог (том втори) кон историјатот.
(Инспирирано од новиот дух на пржински отпор предизвикан од ступидната банализација на живеењето под подигнатите железни клешти на багерите на квази-урбаните сомчиња, деверики и плашки, што се брчкаат во политичките и мафијашките води. Се изнервиравме – ќе изгубат)

ВАЛЕНТИН НЕШКОВСКИ
ГЕНЕРАЛНИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ПРЖИНО
Период на опсервација (1970 – 2020) или (од денот кога на авторот на овие редови на петгодишна возраст му облекоа кратки пантолани, маичка на која од некоја причина пишуваше SURF и патики фејк Адидас и го пуштија да се снаоѓа во урбаната прашина на улиците Стрмешево и Кавалска – до денес“.
Маала: 2 (две). Долно и Горно Маало. За подетален опис види подолу.
Географска положба: Од северна страна Пржино е опкружено од Водно, од југозападна се граничи со Црниче, од југоисточна со Кисела Вода. Пржино почнува од кривината на крајот 660, па завршува на стадионот Славија. Нагоре е до небо, пржи сонцето.
Позиционираност: удолница. Од градот сме слушнале вакви заебанции – „Вчера од кај вас се дотркалаа два фудбали, еден баскет и 10 џамлии во Центар“, „Најпоправан дел на кола во Пржино е ручна кочница“, „Вчера кога се залета еден од Пржино по удолница го сруши рекордот на Усеин Болт“…
Социо – економска положба на жителите: шарена
Природни богатства: удолница
Економски карактеристики: нема, односно има (една продавница). Порано, во „пусто“ социјалистичко имаше библиотека (најмалата ама најубава во светот), трафика, месар, бербер, 3 продавници, една или две кафани со краток животен век и билетара на ЈСП како клучен Монолит (стои а не работи) за модерната поврзаност со остатокот од светот.
Школство: Градинка и училиште од 1-4 одделение (подоцна текстилна работилница, а затворено веќе 30 години, но го чуваме обраснато во трева и распаднат покрив уште, како доказ и споменик за маестралната посветеност и грижа на градските и општинските власти – патем се слуша дека плацот го земал некој од овие урбаните рипчиња за да прави зграда – да повнимаваме и на него). И покрај скудните услови за образование Пржинци важат за добро образовани луѓе да не речам ерудити со широки познавања од областите на спортот и…… хммм…шала на страна, Пржино има однегувано барем тројца писатели на кои можам да се сетам, а меѓу нив најпознатиот – Рајко Јовчевски. Познат е по тоа што сите го учевме мислам во 2 одделение во нашето школо, клон на Ѓуро Салај.
Е сега, главното во оваа кратка историја, Долно Маало, позицирано е во првиот, нормално подолниот, дел од Пржино. Главни улици: Кавалска (единствената рамна улица во Пржино на која може да се игра фудбал и Стрмешево (со своите едносмерни 50 метри е крвотокот, главната артерија на Пржино затоа што тука поминал секој Пржинец кога идел у градинка, или се качил во автобус 16.
Необично за Долно Маало е што тоа во однос на себе има три Горни Маала.
Број 1: Големо Горно Маало (се што е над Зур).
Број 2: Горно Маало над последна 16, (иако веќе не е последна – ќе приметите низ текстов дека се нешто било, па после не било – тоа е напредокот кон назад на нашето гордо населбиче). Ова маало ги опфаќа сите слепи улички над улица Пржино, чие население, богато по дух но слабо по бројност, по склоностите за дружење гравитираше кон Долно Маало.
Број 3: Другото Горно Маало на Долно Маало се жителите на Благоја Гојан (зад Градинката), кои исто така заради ограничената бројност, со своето присуство го збогатуваат културно забавниот живот на Долно Маало. Инаку оваа улица, уште од некои долномаалци нагалено и шеретски наречена Улицата на сјајот и бедата е атипична по тоа што 1. Има најбољи поглед на Скопје 2. социо-економскиот состав е најшаренолик – на иста улица рамо до рамо, едни до други живеат/живееа еден поранешен политичар, последниот претседател на Сојузот на Комунистите, неколку професори, до скоро две новинарски семејства, од скоро 30-тина пензинери во 2 хотели за стари лица, работници од поранешна Железара, таксисти, врвни полицајци, поранешна првенка оперска пеачка…
Цело Пржино е всушност во ваков состав, а во оваа кратка историја се споменува само за да им се објасни на нашите пријатели од Градот, од кои едни викаат „а бе вие сте елита од Водно“, а други „еве ги се симнаа сељаците од планина“, дека Пржино е ко микс од Сохо или Еаст Хемптон и Бруклин во едно. И второ да им се каже на рибиве грунци дека секогаш сме биле единствени и заедно и добри комшии без разика којкаква куќа има. Имало и кавги ама културни.
Клучни термини за Долно маало: Игралиште, Ритче, Лизгалици, Бандера, џамлии, фудбал на мали голчиња, баскет, летање змејови и чучулиги, Пони точак, табла, шах, монопол, камај, ластик, џамија, школка, криенка, речениците „ај у град“ и „нема автобус“, хорско свирење пред куќа за да излезеш: свирка – стилизирана Кармен на Жорж Бизе едни, тема од Серџо Леоне други.
Игралиште: не, не е игралиштето на Славија. Туку игралиштето на местото на сегашната градинка. Прашњава пољана со два дрвени гола, на која околу 10.30, кога ќе завршеа 4те часа од прво до 4то, дотрчуваа педестина деца, ги фрлаа ташните со апликации на „Мирко и Славко“ и шутираа некакви топки брендирани со знаците на Црвена Звезда и Партизан или Динамо (само јас имав од Динамо пошто немаше од Звезда или Партизан во самопослуга па приморано привремено навивав за загребски Динамо).
Ритче: Митско место. Зад градинката, сега осакатено на пола бидејќи тогаш багерите го ископаа за градинката и изградија потпорни ѕидови (кои држат и ден денес за разлика од некои нови). Во зима најдобрата патека за санкање во цело Пржино – од врв на Ритче до игралиште. Во лето со Пони точаци истата рута. Љубоморно го чувавме Ритче, попреку ги гледавме децата кои ќе дојдеа од други маала со „санкичиња“ и една сличуга (за боље управљање) и ја уништуваа стазата што одвечер сме ја поправале за утре да има пак санкање. Ритче беше уникат, нашиот Олимп, – дури едно 2-3 сезони на врвот имаше кош. Го направи, мислам Кичо и Џенти, децата од второ Горно маало. Игравме жестока кошарка, а секој трет обид трчавме по удолница да го ловиме баскетот.
Ритче беше идеално за летање змејови. Никој друг немаше таков отворен и ветровит простор. Се правеа од трски, жица и хартија со долгииииии опашки.
Лизгалици: Едно утро, можда 1975 ги најдовме поставени. Ваљда општината. Имаше една висока железна лизгалица, која брзо се расипа, и некои справи кои не знаевме како се користат, но добри за пентарење. Секој од нас, носи по некоја лузна од паѓање од тие лизгалици. Подоцна, кога се расипаа целосно, или кога ги изгустиравме, или кога пораснавме станаа главно сврталиште за седење, муабет, играње табла, гитара. Денеска не постојат, но може да се најде еден полукружен остаток што едвај се гледа над земја. И да, има едни нови љуљашки за деца, оградени со висока жица и песок наместо трева, и една клупа!
Бандера: „ај на бандера“. Беше дрвена, пред градинката, сега е бетонска. На бандера пред и после град имало по 30 луѓе, понекогаш до сабајле. Комшиите само ретко, речиси никогаш, се бунеа на галамата.
Фудбал на мали голчиња: Се играше зимо, лете на Кавалска, пред градинката. Голови беа два камења ставени на асфалт. Топка – намерно издишана пластична за да лежи и лепи боље на асфалт. Жестоки утакмици се играа. Во тимови од по тројца, понекогаш четворица, а може и пет. Цело маало беше публика. Неколку утакмици ги коментираше Атанас Костовски, застанат од внатрешната страна на оградата на Градинка. Неколкупати играше Перо Гошев, тогаш висок функционер, комшија, одличен фудбалер. Помалку му беше незгодно. А и нам.
Мислам дека се изиграа и 2-3 утакмици со Горно Маало на Славија. Но, тие беа мајсторите ги имаа Кастиле, Кала, Сребров…прославени фудбалери. Ја имаа Славија, зелен фудбалски терен, плус цело асфалтно игралиште со прави голови. Не сакаа да дојдат на улица на мали голчиња. Таму можда ќе тепавме. Се враќавме во маало со влечкање, поразени и разочарани, и пак игравме на камења.
Баскет: Никогаш немавме прав кош. Имавме три што ги направивме сами. Прв мислам беше поставен на придружен објект на градинката додека беше градилиште. Пак на улица, на раскрсницата. Табла ни даде чуварот Ракип. Обрач којзнае од каде излезе. Вториот беше кај сегашниот кош, направен со наши пари, обрачот некој го украде после 3-4 месеци. Третиот на Ритче. Можда имаше и еден кај Бане пред зграда. Пред 20тина години, за време на некои избори, кандидатот за градоначалник Зоре Темелковски го изгради сегашното игралиште со еден кош. Се радуваа децата од маало. Но по некој ден сфатија дека е повисок за едно 10-15 сантиметри. Сепак се игра.
Клучни ликови од Долно Маало (не е по азбучен ред, туку од Стрмешево па надоле и во круг):
– Ѕунта, и по лик и по фудбал маалскиот Марадона, виртуоз со издишана пластична топка, секогаш со него у тим ги бираше најслабите играчи и победуваше. Се играше на време (20 минути полувреме) или до 5 гола. „20те“ минути понекогаш се играа 40 со трикови, лажење на саат, кавги у продолженија, ако Ѕунта случајно губи. Времето за Ѕунта, а и за сите нас беше релативна работа и растеглива категорија.
– Тинтеле, тапа за фудбал, стално бранеше за Ѕунта
– Еден, (пази куче многу се гали), кафеав лабрадор, сите го сакаат, се одвива и на името Стојанчо. Ги сакаме сите кучиња.
– Тоше, највисок у маало, плав ко Германец, тешко да го најдеш
– Томче, прав комшија, људина, секој збор алтан, само треба да почне
– Зоки, правник, мудрец, звани Рамбо, поради тоа што ако го видиш у профил кој знае дали ќе го видиш, т’нок ко лист
– Гими, задолжен за музика, прв имаше ХСР-160 и грамофон Тоска. Со голема желба за фудбал. Измислен за дружба. Присутен на сите главни дешавки во маало.
– Бане, понекогаш звани Бумбар, поради неверојатната сличност со праославениот лик. Права добричина
– Мишко, никој не му го знаеше правото име до средно школо. Никој не знае зошто го викавме Мишко, а се вика Димитар. Сите петки, мајстор за мавање со снежни топки, јако и прецизно. Уплав од кучиња. Знаеше да стои на ограда од градинка по пола саат ако тука се мотка некое улично куче
– Дако, гение за серва, бос, вади топка од 5 метра од задња линија со пуна или враќа преку глава
– Мино, прв имаше Крокус 3 за правење слики, кој подоцна прејде во мои раце, планинар
– Златко викан Анто, првиот и единствен фудбалер на Славија од Долно Маало. Убиствен центарфор за младинци, а и неколку утакмици за прв тим. Два месеци носеше лузни на колената кога го даде првиот гол на Славија па се пушти на колена према публика по камењарот на терен. Заљубеник во стокец.
– Тропико, надимакот го доби инстантно, кога прв пат се појави у маало, затоа што носеше маица на која пишуваше Тропико. Грамада од дете, нема шанси да му земеш баскет или фудбал кога ќе загради топка.
– Чале, добричина, мајстор за фаќање муабет со фрфољење кој тече отприлика вака „Карљси си бре Тљинчо, еврље идљам до крлјај Гајдља и Тљаки да го врљидам“. Супер лик.
– Чиро, ги криеше парите за сладолед во ѕвонче од Пони. Прв вртеше баскет на прст додека вози ролшуи. Прв имаше вокмен Сони. Првиот студент од маало во Индијана во Америка, специјалност кошарка, подоцна заменик тренер на МЗТ, доктор на науки. Другарчина
– Оцко, главен заштитник на маалото. Моторџија. Људина
– Питре, главен банкар, луциден, интелегентен, „кај си докторе“
– Кичо, младински кошаркар на Работнички, ист по став и по лик – Кичановиќ, у маало не победуваше со една рака, лева. Денес е некаде по белиот свет.
– Гајда, наверојатен хумор, главен раскажувач во маалото. Можеше да ја раскаже „Злосторство и казна“ и да се паѓаме од смеење. Радо виден гост во секој двор
– Фуле, никој не знае зошто му е таков надимакот, муабетчија, најбрз санкач од ритче
– Колевскиот (со српско акцентирање на зборот Колевски), личи на Брус Вилис и по физиономија и по карактер, брз, незгоден, другарчина
– Таки, најбрз возач на Шкода 1000МБ, 101, било која кола, јужно од каналот Тиса- Дунав- Тиса, западно од Карпатите, источно од Отрантска врата и северно од Пелопонез. Колите ги познава во душа, виртуоз со било кој клуч, рачвасти или ѕвездасти
– Славе, најтивкиот човек што ќе го запознаете. Ерудита, колекција од над 1000 рокенрол и џез плочи. Снимавме со денови на касетофон, од Доорси, преку Џоплинка до Deep Purple. Го имаше албумот на Purple, Live in Japan. Со денови се расправавме дали истрелот што се слуша на Child in time е истрел од пиштол. Немаше интернет да провериме.
– Брат му Владо, магија од дриблинг
– Макре, пребег од Горно маало, единствениот што знаеше да свири гитара. Прецизен на кош со фрљоки. Денес е во АУ, има базен
– Балко, пребег од Теферич, најдобриот човек што ќе го запознаете, неверојатно ама охриѓанец по потекло, позната реченица „евој, ги врзвам врвките, идам“ и после го чекаш уште саат и пол на шах. Најбезобразна пцовка: ееее па мајку му.
– Девојчињата и девојките од маало. Нема да ги спомнувам по име. Сепак, најубавите, најсрдечните и најумните девојки во Скопје се северно од Подвожњак. На пример имавме девојка која потајно, меѓу нас, беше позната како „Са уснама ко згажењим трешњама“. Така да си знаете.
Тоа беше и е Пржино. Маалски живот во кој сите се познаваат и се почитуваат. Добредојдени се нови, имаме и такви, на пример Владо, немирен дух, моторџија, другарчина, најбрз спроведувач на било каков „проект“ за во двор или куќа. Решава да ми помогне да селиме настрешница од 200 кила надвор од Скопје и ја селиме за 3-4 саата. На пат е да добие надимак „Брзи“. И жена ми е нова, едно 25 години, ама редовно се кара со другарките дека Пржино е боље од нејзиното старо маало. Поголем доказ дека сме ОК, здравје.
Ако некој од Општина или градоначалникот ја дочита до крај оваа кратка историја нека знае – му кажав и во очи: НЕ дозволувајте да го растурате ваквиот маалски живот со станбените згради. Ова е населба за индивидуално живеење. Ниту пак луѓето што ќе се доселат ќе уживаат. Ги гледаме оние што се доселија. Затворени со во станови, не се во двор, затоа што немаат, не можат да го почувствуваат Пржино. Засега има само 6 згради. Доста се.
Пржино е последниот бедем на Скопје. Велат, кога ќе падне ќе се дотркала до Центар, со се сите и со се све.
Ова се видувања само на авторот на овој текст и се е по лични сеќавања и опсервации. Однапред се извинувам ако некој се најде навреден или нешто не е сосем точно. Но, и во таков случај секоја сличност со животот во Пржино е целосно вистинита.




