Растот на БДП не се чувствува во секојдневието кога дефицитот е висок, бидејќи таквиот раст е вештачки и финансиран од задолжување. Каков е тој економски раст кога е целосно финансиран од нови задолжувања? Тоа е само вештачко одржување во живот на систем кој се распаѓа

ДЕЈАН ТРАЈКОВСКИ
За само осум и пол месеци, до 16.9.2026 година буџетскиот дефицит достигна 46,08 милијарди денари, пресметано како разлика меѓу вкупните расходи од 294,94 милијарди денари и приходите од 248,86 милијарди денари. Во евра дефицитот досега изнесува приближно 749,24 милиони евра, пресметано со официјалниот курс од 61,5 денари за евро. (Извор: Министерство за финансии)
Со ребалансот на Буџетот во средината на 2026 година, годишниот буџетски дефицит беше проектиран на 46,3 милијарди денари, што одговара на 4,1% од БДП, под услов годишниот БДП да го достигне проектираниот БДП од приближно 1.129,3 милијарди денари, односно 18,36 милијарди евра.
Остварениот дефицит до 16 септември, за 259 дена од почетокот на годината, изнесува 4,08% од проектираниот годишен БДП, што значи дека годишниот план е достигнат цели 3,5 месеци пред време.
Но, годината не е завршена. Ако се продолжи со вакво немилосрдно и неконтролирано трошење, линеарната екстраполација до крајот на годината (365 дена) дава прогнозиран годишен дефицит од околу 64,94 милијарди денари, односно 1,06 милијарди евра, што е за 40,9% повеќе од досегашниот дефицит. Овој екстраполиран дефицит претставува 5,75% од проектираниот годишен БДП на крајот на декември 2026 година.
Вакви бројки оваа држава досега не видела, иако не сме во војна ниту имаме епидемија или природна катрастрофа! Што можат сега да направат властите, кои очигледно воопшто не внимавале во расипничкото трошење?
Прво, ќе направат нов ребаланс на Буџетот, како што вчера најави министерката за финансии. Тоа би значело кратење од некои важни ставки, за да имаат повеќе за непродуктивни трошења, бидејќи оваа власт не знае и не сака да инвестира во нешто продуктивно (на пример во енергетика).
Второ, ќе мора да се задолжат уште повеќе, што им е испробан и проверен метод, за што исто така воопшто не се грижат. Сега, кога расходите се пробиени уште во средината на септември, ребалансот не може да се сведе само на штедење или префрлање средства од една на друга ставка за да се истурка годината. Ќе мора да се признае поразот и да се изврши легализирање на настанатата дупка во буџетот. Власта ќе мора официјално да ја зголеми проекцијата за вкупните буџетски расходи, со што само ќе ја потврди реалноста дека првичниот буџет бил нереален и промашен. Бидејќи зголемените расходи ќе мора да се покријат со пари што ги нема во касата, ребалансот по сила на законот ќе мора да отвори простор за ново, уште поголемо задолжување за да се покрие разликата до крајот на годината.
Трето, можат да го затворат трезорот пред време, исто како минатата година. Но, со тоа нема да постигнат ништо, бидејќи обврските од оваа година ќе се прелеат во наредната, исто како што ланските, поради предвременото затворање на трезорот се прелеаја во оваа година. Што и да одлучат, нема да има добар крај, доколку не престанат да се однесуваат како досега, недомаќински и расипнички.
Пред време се фалат со некаков годишен раст на БДП од 3,5%-4%, но тоа не значи ништо, односно истиот е недоволен, кога годишниот дефицит е поголем од тој раст и може да достигне речиси 6% до крајот на годината. На страна што значителен дел од нашиот БДП, околу 15%, доаѓа од странските инвестиции, кои профитот ќе го изнесат во странство.
Проектираниот раст на БДП од околу 4% на хартија можеби изгледа како солидна бројка, но кога тој е проследен од висок и растечки буџетски дефицит, граѓаните би требало да бидат загрижени. Статистичкиот раст на БДП не значи автоматски и подобар стандард за секој граѓанин, особено кога со високо темпо трупаат долг што еден ден ќе мора да се плати.
Растот на БДП не се чувствува во секојдневието кога дефицитот е висок, бидејќи таквиот раст е вештачки и финансиран од задолжување. Каков е тој економски раст кога е целосно финансиран од нови задолжувања? Тоа е само вештачко одржување во живот на систем кој се распаѓа, Кај нас економската активност се потпира главно на државни трошења покриени со нови задолжувања, намести на органски развој на приватниот сектор, извоз и нови технологии. Затоа ваквиот вештачки раст има висока скриена цена која подоцна ќе ја плаќаат преку камати, принудно штедење и мизерување идните генерации.
Просто кажано, годинешниот раст, кој е еднократен, го купивме со кредити, кои ќе ги отплаќаме со години – и некогаш нема да ги отплатиме туку каматите дополнително ќе растат.
Имаме и неповолна структура на расходите, каде што капиталните инвестиции остануваат непродуктивни и нивната реализација е на ниско ниво, додека буџетскиот дефицит се јавува бидејќи тековните расходи (како плати, административни трошоци или социјални трансфери) ги надминуваат приходите, парите ги вшмукува државниот апарат наместо да завршат во капитални инвестиции кои носат долгорочен развој и профит.
Затоа, кога фискалниот дефицит (екстраполиран на 5,75% до крајот на годината) го надминува годишниот план (како што покажуваат овогодишните податоци каде дефицитот ќе навлезе длабоко над проектираните 4,1%), имаме јасен индикатор дека државата троши многу повеќе отколку што економијата реално придонесува во буџетската каса, што на долг рок ја загрозува стабилноста, како и фактот што секое ново милионско зголемување на дефицитот автоматски значи и нови задолжувања на домашниот или меѓународниот пазар, кои во иднина ќе бараат огромни средства само за сервисирање на каматите.
Ова треба да го знаат не само на граѓаните, кои како хипнотизирани слепо веруваат во лагите што власта им ги пласира преку своите пропагандни гласила, туку и самата власт и да започне да се коригира, за да не станеме идна Грција или Аргентина. Но, нас нема да има кој да не спасува




