Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (187): ЛИДЕРОТ ОД КРЕМЉ СЕ ПЛАШИ ОД СЕ И СЕКОГО

July 22, 2026 Filed Under: Фељтон

Ова го вели Мајкл Мекфол,поранешниот амбасадор на САД во Москва во интервју за Дојче веле

ЕДЕН ИЗВОР Путин е неинформиран – ги чита само информациите од црвените папки на Државната безбедност – смета Мајкл Мекфол

КОНСТАНТИН ЕБЕРТ

„Путин секогаш добивал црвени папки од разузнавачките служби и не читал ништо друго. И целата негова придружба му кажува што сака да чуе. Ова не е сила, туку слабост“, вели поранешен амбасадор на САД во Русија.

Дали Вашингтон ќе му помогне на Киев да се бори против Путин или не? Гледаме дека Трамп испраќа контрадикторни пораки секоја недела. Што мислите вие?

М. Мекфол: Трамп е комплицирана личност. Во моментов, поддршката на нашата земја за Украина не е стопроцентна, затоа многу ми е срам. Се срамам што ги напуштивме Украинците, што Трамп одлучи да ја прекине воената поддршка и економската помош. На крајот на краиштата, ние даваме разузнавачки информации, Трамп ѝ дава можност на Украина да го купи нашето оружје, што е сепак подобро од ништо. Постојат голем број хуманитарни проекти, но нема конкретна силна поддршка од Белата куќа.

Треба да ѝ помогнеме и на Украина поради нашите национални интереси

Лично, мислам дека треба да го направиме ова не само затоа што ги поддржуваме идеите за демократија и слобода, туку затоа што тоа влијае на нашите национални интереси: ако успееме да ги запреме руските трупи во Украина, нема да мора да се бориме со овие војници во Естонија или во друга земја од НАТО. Ова е мојот став. Но, Трамп не мисли дека постои борба меѓу демократиите и диктатурите – тој мисли дека постојат силни и слаби лидери. Според него, Путин е силен човек и сака да им помага на силните. Сакам да нагласам дека лично мислам дека Путин е слаб.

А дали Зеленски е силен?

– Сега Трамп се колеба. За време на таа ужасна прва средба меѓу Зеленски и Трамп во Белата куќа, ако се сеќавате, тој му рече на украинскиот лидер дека не држи силни карти во рацете. А претседателот на Украина му одговори на Трамп дека ова не е игра, туку војна. Двајцата се скараа. И сега Трамп забележа дека Зеленски „има карта“, бидејќи рамнотежата на моќ во оваа војна се промени. Затоа сега Трамп се колеба и можеби ќе направи нешто за Зеленски. И исто така сакам да додадам дека американското население ги поддржува Украинците многу повеќе денес отколку пред година и пол. Причината – луѓето разбираат дека Путин е лоша личност. Ако ги прашате Американците дали Путин е добар или лош, 82 проценти ќе речат дека е лош. Мислам дека Американците ја разбираат суштината на оваа војна подобро од Трамп.

Не мислите ли дека Бајден направи клучна грешка во 2021 година кога, како одговор на трупите на Путин на украинската граница, не рече: „Ајде, сите брзо вратете се во касарните“? Наместо тоа, го покани Путин во Женева за да разговараат за нуклеарно оружје. И Путин одлучи дека Бајден е старец со кого може само да се потсмева. Не одлучи ли Путин веднаш дека никој нема да му направи ништо?

– Да, тоа беше грешка, а мислам дека грешката беше направена уште порано – 20 години порано, кога бевме загрижени што ќе мисли Путин и се двоумевме, не знаевме што треба да се случи со НАТО. Мислам на одложувањето на поканите за Грузија и Украина да се приклучат кон НАТО во 2008 година, како и последователната војна меѓу Русија и Грузија, кога не направивме речиси ништо.

Западот исто така направи грешка 30 години порано, кога прашањето беше дали ќе има демократија во Русија или не. Бев поддржувач на тезата дека треба да помогнеме во консолидирањето на демократските институции во Русија по распадот на Советскиот Сојуз, но не успеавме да се справиме со ова. Ние сме виновни, јас лично се чувствувам одговорен за овој неуспех.

Зошто се случи овој неуспех?

– Тука има две важни работи. Прво, приватизацијата. Фактот дека сè им беше предадено на олигарсите, според мене, беше грешка. Втората грешка беше што Елцин одлучи да се обложи на Путин – прво како премиер, а потоа како претседател. Да беше друго лице… Борис Немцов, на пример. Ова ќе беше сосема поинаков вектор на развој за Русија, различен од оној со Путин. Но, ова не беше наша грешка тука – ние немаме никаква врска со овие прашања.

Западот требаше да помогне во демократизацијата во Русија

Грешката на Западот беше сосема поинаква. Беше правилно да се обиде да помогне во демократизацијата и изградбата на капитализмот во Русија, како што направивме по Втората светска војна во Германија и Јапонија. Но, прво, не ѝ пруживме на Русија толку многу помош во овој поглед колку што им пруживме на Германија и Јапонија. Второ, требаше да постои План Б за посткомунистичките земји што се отцепија од СССР. Тоа е, проширувањето на НАТО требаше да се одвива многу побрзо.

Што се однесува до Бајден, треба да му се заблагодариме за фактот што снабдувањето со оружје на Украина започна веднаш по почетокот на војната. Сепак, ова се случуваше премногу бавно. Западните политичари цело време беа загрижени дека Путин може да употреби нуклеарно оружје – особено есен та 2022 година.

И мислите дека Путин нема да употреби нуклеарно оружје?

– Да, мислам така. Путин направи многу грешки, но не е глупав и го разбира ова. И ако го стори ова, ќе се најде изолиран не само од Европа и САД, туку и од Кина и Индија. За нив, ова е прашање на принцип, тие нема да го поддржат.

Што не беше разбрано во Москва, а исто така и во Вашингтон

Вие велите дека Путин е слаба личност. Се сретнавте со него, зошто го дефинирате така?

– Силна и паметна личност може да прима различни информации и да донесува одлуки врз основа на нив. Зборувам за претседател, раководител на голема корпорација, кој било лидер. И тој не е способен да го прави тоа – тој не слуша и не чита алтернативни информации за да прави корекции врз основа на тоа.

Тој едноставно не добива алтернативни информации. Ова беше очигледно кога бев амбасадор. Тој секогаш добиваше црвени папки од разузнавачките служби и не читаше ништо друго. И целата негова околина му кажува што сака да чуе. Ова не е сила, туку слабост. И второ, тој се плаши од сè и од секого. Силна личност не би го уапсила Навални, а камоли да го убие. Неговиот страв од независни медиуми и независни организации е знак на слабост, а не на сила. И трето – тој е многу идеолошка личност, ја води оваа ужасна војна веќе 4,5 години, и само ирационална личност би можела да го стори тоа. Путин е убеден дека е херој, дека има место во историјата. Можете да правите такви работи само ако не сте рационални.

(Мајкл Мекфол е американски политиколог, професор на Универзитетот Стенфорд и поранешен амбасадор на САД во Русија во периодот 2012–2014, за време на администрацијата на претседателот Барак Обама)

Filed Under: Фељтон

ЗАШТИТА НА ВОДИТЕ: ФЕКАЛИИ, СЕПТИЧКИ ЈАМИ И ПЕСТИЦИДИ
АНАЛИЗА: РЕфОРМАТА НА ПЕНЗИСКИОТ СИСТЕМ , КОЈ ЌЕ ГО ПЛАТИ „ЦЕХОТ“?
ПОДБИВНАТА ПТИЦА НА КРИЗАТА
ЗАМИНА АКТЕРКАТА СО ТАЖНА ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
ШТО ПОКАЖА САМИТОТ НА НАТО ВО АНКАРА: КОМИЧАРИ ВО РИЗИЧЕН ТАНЦ

Најново

  • ЗАШТИТА НА ВОДИТЕ: ФЕКАЛИИ, СЕПТИЧКИ ЈАМИ И ПЕСТИЦИДИ
  • АНАЛИЗА: РЕфОРМАТА НА ПЕНЗИСКИОТ СИСТЕМ , КОЈ ЌЕ ГО ПЛАТИ „ЦЕХОТ“?
  • ПОДБИВНАТА ПТИЦА НА КРИЗАТА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet