Украина изведува напади длабоко во руска територија, Русите користат „севернокорејски ракети“

Украина и Русија продолжуваат со смртоносните напади една врз друга, а украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека Русија користи севернокорејски ракети.
Нападот врз Запорожје, во јужниот дел на Украина, во кој загинаа најмалку шест лица, а најмалку 19 беа ранети, бил изведен со употреба на балистички ракети од сојузник на Русија, тврди Зеленски.
Во Воронеж, во јужниот дел на Русија, украинската армија повторно ги погоди магацините на компанијата за онлајн трговија „Вајлдберис“ (Wildberries).
Компанијата, позната и како „руски Амазон“, во последните недели беше цел на повеќе напади.
Новите меѓусебни напади уследија еден ден откако најмалку 13 лица, меѓу кои и едно дете, загинаа во украински напад со беспилотно летало врз руската република Татарстан, која се наоѓа на повеќе од 1.100 километри од украинската граница.
Гувернерот на Запорожје, Иван Федоров, објави фотографии од запалени возила и згради, наведувајќи дека Москва го нападнала градот со ракети и наведувани бомби.
Федоров изјави дека во рускиот напад врз Запорожје биле погодени индустриски капацитети, инфраструктура и нестанбени објекти.
Украинските власти соопштија дека Русија во текот на ноќта лансирала 120 беспилотни летала и повеќе различни проектили, но првпат не го наведоа бројот на лансирани или пресретнати проектили.
Во своето видеообраќање, Зеленски изјави дека Русија „првпат не може да води војна без засилување од Северна Кореја“ и додаде оти тоа претставува опасност за остатокот од Европа и за светот.
Зеленски исто така го поздрави, како што рече, успешниот воздушен напад врз руска петрохемиска фабрика во Западен Сибир на 10 август, нарекувајќи го „многу значајно достигнување“ на украинската војска.
„Ќе има уште украински напади длабоко во руската територија, кои треба да им покажат на Русија и на Русите дека мирот е неопходен“, рече тој.
Ова не е првпат Зеленски да ја обвинува Русија дека добива воена помош од Северна Кореја.
Тој неодамна изјави дека Пјонгјанг испраќа дури 50.000 севернокорејски војници за да ѝ помогнат на Русија во војната против Украина.
Лидерите на Русија и на Северна Кореја, Владимир Путин и Ким Џонг Ун, во јуни 2024 година потпишаа договор за „заемна помош во случај на агресија“.
Неколку месеци подоцна, од Северна Кореја беа испратени војници за да им помогнат на Русите да ја истиснат украинската единица што во август 2024 година навлезе во пограничниот регион Курск.
Се верува дека, во замена за испраќањето војници, Пјонгјанг добил храна, пари и технолошка помош од Москва.




