Ае работи за „хаос, деградации и партизација“ во Центарот за култура и Театар Куманово

Комисијата за култура на СДСМ алармира за, како што наведува, „алармантни и недозволиви процеси“ во Центарот за култура и Театар Куманово, обвинувајќи за хаос во работењето, понижување на вработените и партизација на институцијата.
Во соопштението се посочува дека за првпат во 45-годишното постоење на установата бил откажан веќе договорен настан, и тоа, како што наведуваат, „не поради виша сила, туку поради апсурдна причина – немало кој да постави столчиња“.
„Овој преседан не е само организациски пропуст, туку јасен показател за целосен распад на системот на управување“, наведуваат од Комисијата за култура на СДСМ.
Од СДСМ јавно поставуваат повеќе прашања поврзани со раководењето во институцијата.
„Дали ова е резултат на тивок бојкот од вработените, предизвикан од несоодветни и наметнати одлуки на в.д. директорката?“, прашуваат од партијата.
Тие дополнително прашуваат „зошто е деградиран шефот на техника – човек со 30 години искуство“ и „кој сега ја гарантира безбедноста и професионалната реализација на настаните“.
Според информации што, како што наведуваат, доаѓаат од вработени, се случува хаотична прераспределба на кадарот, при што „по пет лица се сместуваат во несоодветни канцеларии“.
Во соопштението се тврди дека се создава простор за нови вработувања на „партиски кадри со сомнителни квалификации“, додека истовремено се блокира унапредување на постојните вработени.
„Се блокира унапредување на постојните вработени со образложение дека ‘имаат високи плати’, додека за други се испраќаат согласности за унапредување“, наведуваат од СДСМ.
Особено загрижува, како што се наведува, пренамената на стручни кадри во други области.
„Стручни лица, како етнокореолози, се пренаменуваат во административни и маркетинг задачи, наместо да ја вршат својата основна дејност – развој на културни програми и работа со фолклорни групи“, се вели во соопштението.
Дополнително, од СДСМ прашуваат дали во институцијата се врши притисок врз вработените и дали се најавува непочитување на Колективниот договор и неисплата на средства по основ на судски пресуди.
„Ова претставува сериозен удар врз правата на вработените и правната држава“, наведуваат од партијата.
Комисијата за култура на СДСМ бара итна реакција од Министерството за култура, јавна одговорност од министерот Зоран Љутков, вонреден инспекциски надзор во институцијата и, како што наведуваат, „запирање на партизацијата и ревизија на сите спорни одлуки“.
„Културата не смее да биде жртва на непотизам, незнаење и импровизација. Таа бара знаење, интегритет и почит кон луѓето кои со децении ја градат“, се додава во соопштението.
Од СДСМ најавуваат дека ќе продолжат, како што велат, „гласно да ги разобличуваат сите обиди за уништување на културниот систем“.




