НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Во тој социјалдемократски „салон на суетите“, ликовите како Игор Ивановски-Шема се парадигма на едно минато време, еден иконографски архетип на партиската аристократија која никогаш не успеа да го преживее сопствениот елитизам
Ако некогаш во некој иден политички бестијариум на Балканот треба да се опише суштество кое сака да биде прогресивно, писмено и урбано, а истовремено поседува речиси библиски нагон за самоуништување, тогаш тоа суштество без дилема ќе го носи логото на СДСМ.
Тоа е онаа чудна, речиси митолошка фауна која со децении опстојува на „Бихаќка“, убедена дека политиката не е борба за власт на суровиот македонски терен, туку бескраен академски симпозиум каде што се доделуваат награди за елоквентност, а куќата веќе одамна е изгорена до темел.
За да ја разбереме оваа трагедија во нејзината полна, речиси шекспировска димензија, мораме да ја користиме онаа лупа со која некогаш се сецираше класната војна во чиста марксистичка смисла.
Тоа е приказна за партија која константно живее во состојба на перманентна граѓанска војна во сопствениот двор. Таму, зад секој агол, демне по еден „претендент на престолот“ кој во својот џеб го носи револуционерниот декрет за тоа како треба да изгледа совршениот социјалдемократ, додека реалниот свет, со сета своја грубост, суровост и војничка дисциплина, поминува покрај него.
Во тој социјалдемократски „салон на суетите“, ликовите како Игор Ивановски-Шема се парадигма на едно минато време, еден иконографски архетип на партиската аристократија која никогаш не успеа да го преживее сопствениот елитизам.
„Шема“ не е само прекар, тоа е дијагноза на една ера во која СДСМ веруваше дека правото на власт му припаѓа по дефиниција, по право на скопскиот асфалт, по право на дебатниот клуб во кој се зборува со фини фрази и со кренато носе.
Тоа е онаа политичка каста која во секој лидер кој не излегол од нивниот идеолошки инкубатор гледа како на „натрапник“. За тоа крило на партијата, политиката завршува таму каде што почнува калта на македонските паланки, каде што завршуваат елитните кафулиња и каде што гласачот не бара цитати од европските социјалисти, туку конкретно решение за својот реален и мачен живот.
Тука, пак, доаѓаме до суштинскиот парадокс кој СДСМ никако не може да го свари. Додека „урбаната левица“ и натаму тагува по времињата на празната реторика и внатрешните интриги, во реалноста се појавува Венко Филипче.
И токму тука лежи клучот за опстанокот или за конечната пропаст на оваа партија.
Филипче, по својата вокација и ментален склоп, е сè она што класичната социјалдемократска митологија не знае како да го менаџира, затоа што тој е – хирург.
Во свет каде што „Шема“ и останатите салонери со децении дебатираат за бојата на конците со кои треба да се зашие раната, Филипче е оној кој всушност мора да го земе скалпелот и да ја изврши операцијата. Тоа не е разлика во нијанси; тоа е класна и цивилизациска разлика во пристапот кон политиката.
Додека партиските фракции во СДСМ константно произведуваат стотина претенденти за лидери – од кои секој е убеден дека е роден за премиер само затоа што прочитал две книги повеќе од својот комшија – Филипче го носи прагматизмот на човек кој знае дека во оперативната сала нема време за филозофски дебати. Таму или пациентот преживува, или операцијата пропаднала.
Политичкиот мазохизам на членството на СДСМ се огледува во тоа што тие во овој прагматизам и во оваа ладнокрвност на Филипче често гледаат недостиг на „партиски идентитет“.
Каква трагична заблуда!
Тие не можат да разберат дека ВМРО-ДПМНЕ со децении доминира на сцената токму затоа што тамо кај нив нема такви „керефеки“. Таму нема сто претенденти кои јавно си ги копаат очите додека партијата тоне; таму има субординирана структура која функционира како воена единица.
Кога СДСМ ќе се соочи со таков противник, неговиот сопствен демократски хаос и вечните „Шеми“ кои од позадина сопнуваат секој нов обид за консолидација, стануваат најдоброто оружје на десницата.
Филипче во овој контекст се појавува како единствениот можен антидот за оваа социјалдемократска болест.
Тој не доаѓа од калта на внатрепартиските интриги кои со децении ја јадеа суштината на СДСМ. Неговиот авторитет не е изграден на тоа колку пати победил на некој партиски конгрес во минатото, туку на неговата способност да менаџира кризи во реално време, кога притисокот е најголем.
За партија која константно крвари од сопствените суети, Филипче не е само лидер; тој е обид за институционална терапија. Тој е менаџер во политички простор каде што сите сакаат да бидат филозофи.
Затоа е тажно, речиси депресивно, да се гледа како оние кои уште се претставуваат како чувари на социјалдемократскиот оган, не можат да разберат каква е реалната природа на партијата на која и припаѓаат.
Тие сакаат победа, а истовремено го презираат секој обид за воведување ред, дисциплина и прагматизам кој би ги однел до таа победа. Тие го сакаат Филипче да ги извади од калта, но под услов тој да го прави тоа во бели ракавици и со фрази кои им се допаѓаат на нивните елитни кругови.
Ако СДСМ сака да преживее во оваа сурова македонска политичка арена, тој мора конечно да ги закопа своите митови. Мора да сфати дека ерата на „шемите“ е завршена и дека спасот не е во стотината претенденти за престолот кои чекаат зад аголот за да го подметнат следниот клип во тркалата.
Спасот е во препознавањето на она што Венко Филипче го нуди – транзиција од партија која е вечен дебатен клуб во партија која е функционална, модерна и прагматична организација.
Сè останато е само уште еден круг во пеколот на сопствената социјалдемократска суета, каде што писмените луѓе на крајот секогаш остануваат сами, зачудени зошто светот одбрал некој друг кој не зборува убаво, но знае како да владее.




