Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

СE ХРАНАТ ЛИ ДЕЦА СО МИНИМАЛЕЦ?!

October 29, 2026 Filed Under: Колумни

ВАЛЕНТИНА АНГЕЛОВСКА

Работникот што прима минималец не може со целата месечна заработка да ги покрие ни пресметаните трошоци за храна и пијалаци на четиричлено семејство. И тоа само за леб и млеко. Ако сака да купи и јогурт и чоколадо за децата треба да ја начне и другата плата, секако доколку ја има од партнерот

Демографијата не се менува со апели, ниту наталитетот се зголемува со повици за раѓање деца. Одлуката да се стане родител е лична, но и економска. Луѓето сакаат деца, сакаат семејство, но сакаат сигурност.

Во Македонија, очигледно, најлесно е да се повикаат граѓаните да раѓаат повеќе деца, да создаваат повеќедетни семејства, оти нели нема работници, а ќе има сè помалку, а најтешко е да им се обезбедат услови за да можат да ги издржуваат. Постојано се алармира за нискиот наталитет, се испраќаат пораки дека државата има потреба од млади семејства и повеќе потомство. Но, кога ќе се види синдикалната кошничка, се наметнува прашањето: како да се одлучи човек да има дете кога едвај успева да го помине месецот со платата и кој ќе ги храни тие деца?

Синдикалната минимална кошница за октомври достигна 70.358 денари. Од почетокот на годината нејзината вредност пораснала за 3.945 денари. Само храната и пијалаците за едно четиричлено семејство чинат 26.170 денари – повеќе од минималната плата, која изнесува 26.046 денари.

Тоа значи дека работникот што прима минималец не може со целата месечна заработка да ги покрие ни пресметаните трошоци за храна и пијалаци на четиричлено семејство. И тоа само за леб и млеко. Ако сака да купи и јогурт и чоколадо за децата треба да ја начне и другата плата, секако доколку ја има од партнерот. А каде се сметките за струја, вода, греење, превоз, облека, лекови, училишните потреби? Каде се трошоците за бебе како пелени, облека, прегледи и сè што му е потребно на едно дете? Да не ги ставаме тука воншколските активности како спорт, јазик или не дај Боже некое хоби.

Демографијата не се менува со апели, ниту наталитетот се зголемува со повици за раѓање деца. Одлуката да се стане родител е лична, но и економска. Луѓето сакаат деца, сакаат семејство, но сакаат сигурност. Но, кога секој месец е финансиска битка да се издржи до први, кога цените растат побрзо од платите и кога нема простор ниту за најосновните потреби, тогаш желбата за проширување на семејството се судира со стравот како тоа семејство ќе преживее.

Во такви услови, наместо решенија како да се зголемат платите, во јавноста газдите отвораат нова дебата – дали минималната плата треба да се пресметува според работен час, наместо како фиксен месечен износ. Работодавачите тврдат дека часовниот модел би бил поправеден. Но, за работникот што веќе не може да ги покрие основните трошоци, најважно не е дали платата ќе се пресметува по месец или по час. Најважно е колку пари ќе му останат на крајот од месецот и дали со нив ќе може да живее достоинствено. Ако новиот модел не донесе подобра заработка, туку само поинаква пресметка, тогаш што навистина ќе се промени? Како што тргнала работа – ништо.

Синдикатите предупредуваат дека без сериозни контроли и гаранции за работничките права, часовната плата може да отвори простор за злоупотреби. Кој ќе гарантира дека секој одработен час ќе биде евидентиран и платен? Кој ќе контролира дали прекувремената работа се исплаќа согласно законските обврски? И кој ќе го заштити работникот?
Суштината на проблемот е јасна – ниту најпрецизната саатница нема да го реши проблемот. Истото важи и за повиците за поголема продуктивност. Таа не се зголемува само со подолг престој на работното место, ниту со намалување на празниците. Потребни се подобра организација, инвестиции, современа технологија и плати што ќе ги мотивираат луѓето. Тешко е да се очекува работникот да биде продуктивен и мотивиран кога постојано пресметува дали да плати сметка или да купи храна.

Затоа, кога Владата зборува за наталитетот, мора да зборува и за условите во кои растат децата. Не е доволно да се повикуваат младите да создаваат семејства ако не можат да си дозволат пристоен дом, ако нема градинки, ако трошоците за живот постојано растат, а платите остануваат ниски.
Децата не се демографска бројка, туку човечки животи за кои треба да се обезбедат храна, грижа, образование и сигурна иднина. Одлуката да се има дете не треба да биде проследена со страв дека нема да има доволно пари за основните потреби.

(sloboden.mk)

Filed Under: Колумни

МАКЕДОНСКИ ЕНЕРГЕТСКИ МОДЕЛ: НУЛА ЕВРА ЗА ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА СТРУЈА
ЖЕРНОВСКИ: ТРИДНЕВНА ВНАТРЕПАРТИСКА ЖАЛОСТ ВО ВМРО ДПМНЕ
ЈOТОВА НАСПРОТИ ЃУРОВ: КАКО СЕ СТОПИ ЈАЗОТ И ШТО СЛЕДИ?
МАРТИНОВСКИ ДОБРО ПОМИНА НА ЛИКОВНАТА „БЕРЗА“
ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (200): КОГА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕРУВА ВО БЕСМРТНОСТ?!

Најново

  • МАКЕДОНСКИ ЕНЕРГЕТСКИ МОДЕЛ: НУЛА ЕВРА ЗА ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА СТРУЈА
  • ЖЕРНОВСКИ: ТРИДНЕВНА ВНАТРЕПАРТИСКА ЖАЛОСТ ВО ВМРО ДПМНЕ
  • ЈOТОВА НАСПРОТИ ЃУРОВ: КАКО СЕ СТОПИ ЈАЗОТ И ШТО СЛЕДИ?

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet