Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ТEЛМА: ОСОМНИЧЕНИОТ ЗА „ШПИОНСКИОТ СЛУЧАЈ“ БИЛ ПЕНЗИОНЕР А ПРЕХОДНО – АРМИСКИ СПЕЦИЈАЛЕЦ

May 26, 2026 Filed Under: Македонија

Според истрагата на Телма овој осомничен не бегал од добивки кои се мангупски ама долго бил на служба во претседателкста палата на Водно а по кваификација бил подофицер за вски и комуникации

ТОШКОВСКИ ВО „360 СТЕПЕНИ“ Во овој миг за министерот е поважно кој говорел во прдистрагата а помалку е значајно што е потребно толку време да се изврши истрага

Компјутерскиот техничар кој е осомничен за аферата во претседателскиот кабинет која како можен шпионски случај го истражува Обвинителството всушност бил пензионер кога било пријавено дека копира фајлови од компјутер во кабинетот. За Телма ова го потврдија два извори запознаени со проблематиката.

Осомничениот бил припадник на елитната армиска специјална единица Волци каде бил подофицер надлежен за врски и комуникации во единицата. Бил преземен од Кабинетот во времето кога аѓунтант на тогашниот Претседател Ѓорге Иванов беше генералот Васко Ѓурчиновски.

Осомничениот ја вршел истата функција и во кабинетот на Стево Пендаровски, а продолжил и во третиот за него кабинет- актуелниот на Силјановска Давкова. На работа одел во кабинетот како надворешен соработник, а работното место му било во армиските специјалци каде се добива и бенефициран стаж. Поради тоа заминал во пензија, но бидејќи не можело да се добие одобрување од Министерство за финансии за ново вработување, осомничениот продолжил и како пензионер да го опслужува кабинетот на Претседателката.

Но, на 24-ти ноември лани, пензионираниот ИТ службеник предизвикал инцидент кој бил пријавен еден месец подоцна во МВР по што е отворена истрагата. Информатичкиот инцидент е откриен од друг компјутерски техничар во кабинетот, по што на сега осомничениот веднаш му е прекинат договорот, а во рамки на истрагата е осомничено лице со кое обвинителството и МВР се сретнале за време на активностите.

Телма ги провери јавно достапните податоци за лицето кое сега е пензиониран специјалец и во нив има податоци дека со два телефони земал со месеци максимални износи за поврат на ДДВ како граѓанин кој скенира фискални сметки и лани добил субвенции од 150 евра преку Агенција за финансиска помош во земјоделието.

Во време на Пендаровски, како надворешен соработник добивал надомест од 50 илјади денари месечно. Но, обвинителството сега истражува дали пензионерот-информатичар вршел шпионски активности во кабинетот откако беше откриен случајот.

Истрагата чека податоци од МВР веќе два месеци за обработка на одземените компјутери и телефони, МВР соопшти дека работи најбрзо што може, а Претседателката Силјановска пак рече дека кабинетот нема електронски систем за класифицирани податоци и  компјутерски да се изнесат класифицирани информации добиени од други институции.

ошковски беше прашан дали се потребни два месеци за да се обезбедат копии од видеонадзорот од кабинетот на шефот на државата.

Тошковски: Прво, пак ќе повторам, не ми е јасно зошто јавното обвинителство во овој случај оди со такви детали во јавноста. Во оваа фаза од постапката. Тоа не ми е јасно. Второ, она што јас го кажав, а е во согласност со сето она што сме го работеле во минатото, е дека станува збор за еден прекраток временски период што воопшто не е невообичаен за постапување од страна на Министерството за внатрешни работи. Трето, Министерството за внатрешни работи не е курирска служба па да земе и да донесе нешто до Обвинителството, за тоа веројатно има поштари итн. Веројатно треба да изврши одредени анализи, треба да ја сработи суштински работата што треба да ја сработи по наредба на оној што е „Dominus Litis“, нели, оној што е главен согласно одредбите од Законот за кривична постапка. А главен е обвинителот.

Министерот за внатерешни Тошковски беше гостин во емисијата „360 степени“. Беше отворена и оваа тема. Еве дел од разговорот.

360°: Ги имате ли копиите од видеонадзорот?

Тошковски: Нема да навлегувам во детали што се поврзани со предистражна постапка заради тоа што сметам дека истите не треба да бидат споделувани во јавноста во овој момент. Ќе дојде време кога сите детали ќе бидат споделени во јавноста.

360°: Треба ли сето ова да биде аларм дека можеби МВР сака да штити некого?

Тошковски: Не, не. Тезата е сосема обратна од онаа што…

360°: Јас знам дека вашата теза е обратна…

Тошковски: Не е мојата теза обратна. Тезата на нормалноста, тезата на искуството и тезата на она што е реална перцепција на граѓаните е обратната. Пак ќе повторам. Зошто сега, а не во други случаи, од страна на овој обвинител се повредува принципот на тајност? Прво. Второ, зошто се прави тема нешто што не е тема од аспект на навременост и ненавременост, имајќи ги предвид сите оние постапувања на сите оние предмети што се работени од страна на Министерството за внатрешни работи по наредба на јавен обвинител. Говориме за два месеци.

360°: Но, станува збор за настан од ноември.

Тошковски: Што е пријавен до Јавното обвинителство од страна на Министерството за внатрешни работи.

360°: Така, но за настан во ноември. Сега сме мај, повеќе од шест месеци се поминати, министре.

Тошковски: Не, не, ве молам сега, ве молам…

360°: Јас Ве разбирам дека Вие ќе кажете дека од последната наредба се поминати два месеца…

Тошковски: Така е. Не се ни два. На 25 март е наредбата, не се ни два.

360°: Добро, ако станува збор за сомнежи за шпионажа, два месеци се многу долг период.

Тошковски: Видете, пак ќе повторам. Особено Јавното обвинителство е тоа што треба да се грижи за почитување на одредбите од Законот за кривична постапка. Особено Јавното обвинителство. Зошто прави тема во јавност и три дена одреден број медиумски куќи со одредени наводни кривични пријави од група граѓани вработени во Министерството за внатрешни работи, што многу потсетува на една група граѓани од Агенцијата за разузнавање што пуштаа кривични пријави итн., отвораат тема што не е тема од аспект на прашањата што се ставаат на маса. Со кого сакате разговарајте од делот на фелата, ќе ви кажат дека за два месеца ни оддалеку не е симптоматичен период каде што треба да се направи анализа и да се извадат заклучоци, и да се подготви една ваква постапка. Ни оддалеку не е ненавремено постапување на Министерството за внатрешни работи.

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова уверува дека безбедноста е на највисоко ниво и дека нема логичен основ за шпионажа. Вели дека сите дописи што ги добива од НАТО, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и генералштабот се во печатена форма и оти никој освен неа ги нема видено.

Обвинување за шпионажа е многу сериозно обвинување и мислам дека нема логичен основ за тоа. Ќе објаснам зошто. Имено, шпионажата се однесува на класифицирани или на строго доверливи податоци. Не знам колку знае јавноста, но во Кабинетот не постои електронска мрежа на класифицирани податоци, односно на податоци од доверлив или строго доверлив карактер. Сите документи од доверлив или од строго доверлив карактер, јас и само јас ги добивам во печатена, односно во хартиена форма. Според протоколот, читам, пакувам и го давам на лице од архивата кое поседува највисок сертификат „државна тајна“. Најчесто се враќаат кај испраќачот или одат во архивата. Ако комуникацијата е на ваков начин, објаснете ми со кои податоци, дури и да влезе некој во вашиот компјутер може да посегне по шпионажа? Значи, не постои основ. Затоа и се чудам кога ќе видам разузнавачи дискутираат како сум била во опасност, безбедноста била во опасност заради шпионажа – рече Сиљановска – Давкова во интервју за централниот дневник на Сител.

Вели дека веднаш штом дознала дека има укажување од еден од вработените за упад во компјутерот исконтактирала со Министерството за внатрешни работи.

Претседателката е шокирана и од постапката на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција кое, според неа, не го почитува членот 289 од Законот за кривична постапка во кој се вели дека сите дејствија во предистрагата се тајна.

Шокирана сум од Јавното обвинителство. Рековте предистражна постапка, а не постапка. Важи ли членот 289 од Законот за кривична постапка за Јавното обвинителство? Сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се тајна. Како тоа Јавното обвинителство комуницира преку медиуми и раскажува како и на кој начин контактира со Министерството за внатрешни работи? Згора на тоа, слушам една лаичка интерпретација на членот 8 од Законот за јавно обвинителство, каде што се вели дека Јавното обвинителство почитувајќи го принципот на презумпција на невиност, приватен живот, достоинство, слобода на медиуми, правично судење, интегритет и така натаму, како и принципот на отвореност – веројатно од тоа се инспирира – ја информира јавноста за одделни случаи по кои и постапува. Немаме случај ние. Во предистражна постапка нема случај – истакна Сиљановска-Давкова.

Filed Under: Македонија

ГЛАСНО ГО КАЖАА ОНА ЗА ШТО СЕ ШЕПКАШЕ: ПОРАКИТЕ НА ВАШИНГТОН НА ЗАПАДНИОПТ БАЛКАН
ШПИОНСКА АФЕРА: ДOДЕКА СЕ ШПИОНИРА НАТО, ВЛАСТА НА МИЦКОСКИ КРЕИРА ПОЛИТИКИ ПО ТЕРК НА МОСКВА
ФИЖУЛИЌ: ИНА ГИ КОРИСТИ ГРЕШКИТЕ НА ТРАМП
ИНТЕРВЈУ СО ГАБРИЕЛА ПЕТРУШЕВСКА: ДОБРИОТ ТЕАТАР МОЖЕ ДА БИДЕ БЕЗВРЕМЕНСКИ
ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (180) БОГАТЕЊЕ ОД „ОЖИВУВАЊЕТО“ НА ЗАГИНАТИТЕ ВОЈНИЦИ НА ФРОНТОТ!

Најново

  • ГЛАСНО ГО КАЖАА ОНА ЗА ШТО СЕ ШЕПКАШЕ: ПОРАКИТЕ НА ВАШИНГТОН НА ЗАПАДНИОПТ БАЛКАН
  • ШПИОНСКА АФЕРА: ДOДЕКА СЕ ШПИОНИРА НАТО, ВЛАСТА НА МИЦКОСКИ КРЕИРА ПОЛИТИКИ ПО ТЕРК НА МОСКВА
  • ФИЖУЛИЌ: ИНА ГИ КОРИСТИ ГРЕШКИТЕ НА ТРАМП

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet